12 Ноември, 2019
0.0217

Сирија веќе е поделена

Објавено во: Колумни 01 Ноември, 2019

Она на што укажувавме во изминативе години од почетокот на кризата и војна во Сирија, дека може да дојде до поделба на земјата почна да се остварува. Можеби не физички, но поделба по сфери на влијание. Турција најнапред се договори со САД за 120 часовен рок за повлекување на Курдите од границата со Турција во должина од 440 километри и длабочина од 30 километри. А потоа во Сочи претседателите на Русија и Турција Владимир Путин и Реџеп Таип Ердоган, потпишаа Меморандум со кој се даваат уште 150 часа време на Курдите да се повлечат од границата во должина од 100 километри и длабочина од 30 километри, а контролата на границата ќе ја вршат погранични единици на силите на претседателот на Сирија Башар Ал Асад. Во зоната од 10 километри ќе има заеднички руско-турски патроли.

Сега кога Курдите, нивните воени единици, се повлекоа, кога Турците добија територија во која нив ги нема, кога Сирија се договори со Курдите и веќе влезе на територии кои досега беа под нивна контрола, и кога САД по играта си одиме-не си одиме, сепак се вратија на нафтоносните полиња, практично дојде до поделба на земјата на сфери на влијание. Во сето ова сигурно имало и руско-американска координација. А Сиријците и Курдите мора да играат на музиката нарачана од трите големи држави.

Сириската власт поткрепена од Русите и Иранците сега контролира најголем дел од територијата на земјата. Турците ќе имаат контрола врз пограничното подрачје, а Американците изворите на нафта. Ситуацијата е стабилна, но сепак има делови во земјата кои можат да создадат нов бран на воени дејства. Пред се тоа е покраината Идлиб за која Турците и Русите постигнаа договор, но се чини во пракса тој се реализира ногу бавно. А таму се сместени многу екстремисти и локални и од ИД и нивни поддржувачи. Се оценува дека ги има околу 20.000, но вистинскиот број не се знае. Таму има и од два до четири милиони цивили. Потврда за присуството на екстремисти и терористи во тој дел на Сирија, североисточниот, е и ликвидацијата на лидерот на ИД Ал Багдади од страна на Американските специјални сили. Некои експерти тврдат дека САД практично им го подариле на Асад и на Москва се’ она што тие не можеле д го добијат ни со борба, ниту со преговори. Минативе денови од САД можеше да се чуе и став дека тие не се веќе против владеењето на Асад, но и нема да водат преговори со него.

Акцијата на Турците за „чистење“ на територијата на Сирија покрај нивната граница од воените крила на сириските Курди иако заврши со договорите со САД и Русија во Европа беше дочекана со негодување, па и со ставови за „казнување“ на Турција. Но ништо од тоа не се оствари. Германија предлагаше создавање на тампон зона во која би биле војници, па и од Бундесверот, но таа идеја беше веднаш отфрлена, пред се од Русија, но и од Турција. Со други зборови Европа го пропушти возот да се вмеша во Сирија, а сега не може да се качи ни на последниот вагон. Таа со внимание ќе следи колку и како Ердоган ќе го исполни ветувањето или намерата на територијата под турска контрола да пресели околу два милиони сириски бегалци, кои сега се наоѓаат во турски логори. Со внимание бидејќи тоа ќе значи и намалување на притисокот од евентуалниот наплив на Сиријци кон Европа. Ердоган со акцијата во Сирија оствари две победи. Ги оттргна Курдските воени формации од нејзината граница, а во очите на сопствената јавност стана уште поголем. Не може да се заборават кадрите на кои се гледаа турски фудбалери како ја поддржуваат операцијата во Сирија и го поздравуваат победникот - Ердоган.

Американците и покрај најавите на Доналд Трамп дека ќе ги повлекува од Сирија неколкуте илјади воени специјални сили, не додржаа на ветувањето. Не додржа Трамп. Неговиот потег наиде на критика дома. И од страна на демократите, но и од републиканци. Па брзо, брзо се виде дека САД не се откажуваат така лесно од Сирија. Особено не од нејзината нафта. Демек неа ќе ја црпат американски компании, но добиените пари ќе им ги давале на Курдите кои ги држат тие територии под контрола по протерувањето на силите на ИД од таму. Па ќе се создаде обрач околу наоѓалиштата контролиран од американски сили. Американците се убедени во лојалноста на Курдите кон нив. Но прашање е до кој степен тие ќе бидат лојални. Зашто од друга страна е Дамаск, а секако и Москва кои ги „спасија“ од турскиот погром и почна дијалог, кој ќе треба да донесе некакви резултати.  Плод од тој дијалог засега е контролата од страна на Дамаск на неколку градови и контролата на границата, кои досега ги држеа Курдите. Но голем дел од нафтените реони и границата со Ирак се’ уште се под контрола од Курдите. А има и други теми. Автономијата на Курдите, судбината на нивните воени сили. Не треба да се заборави дека Курдите се кивни зашто ги нема во Уставниот комитет за Сирија, а кој треба да заседава наскоро.

Се чини дека на Москва сега ќе и биде најтешко. Таа успеа да балансира со Турција, со САД, со Сиријците, со Курдите, не помалку со интересите на Иран. Русија ќе трепери над остварувањето на договореното. За Идлиб со Турција разговараа и се договараа една година, па сепак решението не е идеално, а и не се остварува идеално, иако Ердоган е оптимист и тврди дека се е под контрола таму. А сега работите се толку кревки и деликатни што преку ноќ се може да отиде по ѓаволите и да почне голем воен судир. Да, Русите се задоволни со тоа што Турција со меморандумот го потврди „суверенитетот и територијалната целосност на Сирија и приврзаноста кон противдејство на кои било сепаратистички тенденции на нејзината територија“. Но Москва ќе мора да води сметка и за координацијата со Американците на воен план, кои очигледно не се повлекуваат, ќе треба да држи рамнотежа меѓу Дамаск и Анкара, да биде гарант меѓу сириската опозиција и владините сили, а сега и со Курдите. Некои велат голем товар, сличен на оној кој го имаа Американците во Ирак.

Руски експерти тврдат дека Русија успеа да ги натера Турците да го почитуваат договореното од Адана од 1998 година, се разбира почитувајќи ги современите реалности. Во Меморандумот сега се зборува за зона длабока 10 километри во која ќе може да патролираат силите од двете држави. Инаку во Договорот од Адана сириските сили ја имаа одговорноста курдските борци да не влегуваат на турска територија. Доколку  имало неопходност, тогаш турските сили имале право да влезат длабоко до пет километри на сириска територија.

Се разбира Асад мораше да се согласи со се’ што ќе договори Путин. Не случајно тие двајца разговара веднаш по завршувањето на преговорите на Путин и Ердоган во Сочи. На официјален Дамаск не му е сеедно што Турците сега ќе бидат на сириска територија. Медиумите пренесоа дека Асад, токму дента кога Ердоган замина на разговори со Путин, даде изјава при посетата на фронтот  во покраината Идлиб при што рече: „Турскиот претседател и ја украде нафтата на Сирија, а сега Ердоган сака да грабне дел сириска земја со нејзините природни богатства“. Намекнувајќи на територии на Сирија каде што има рудни богатства. Асад не му остана должен и на Трамп, најверојатно поттикнат од американската „окупација“ на нафтените извори. Вчера Асад, според сириската агенција SANA, изјави: „Ако прашате за Трамп, тогаш мојот одговор можеби ќе ви прозвучи малку чудно. Тврдам дека тој е најдобриот американски претседател, но не поради неговата политика, туку поради неговата отвореност“. Според Асад, „реалноста покажува дека американските претседатели се група криминалци, кои ги претставуваат интересите на американското лоби.., во тие рамки на нафтените компании и производителите на оружје“. Асад додава:„Трамп зборува отворено, изјавувајќи, дека „нам ни треба нафта“. Тоа е реалноста на американската политика, по крајна мера од времето на Втората светска војна...Што ни треба друго, освен отворен опонент“.

Деликатноста на ситуацијата во Сирија ќе се види и на најавениот собир на Уставниот комитет. Најголемата надеж на Русите е токму во договорот на овој комитет. Дека неговите членови ќе се договорат за новиот устав на државата. По што треба да следат избори. Но прашање е колку другите играчи во Сирија се подготвени за таквиот развој на настаните. Сега кога Русија е најранлива таму некои можат, еве не Турција, ама Британија, Франција или САД да го блокираат политичкото решение на кризата. Плус тие имаат воведено санкции кон Сирија. Се со цел Русија, поддржана од Турција и Иран да не успее да донесе мир во државата.  Нивните главни сојузници во тоа би биле Курдите, но и вооружените противници на сириската власт во покраината Идлиб. Токму таму пред некој ден Американците го убија лидерот на ИД, Ел Багдади. Се тврди дека во таа покраина има десетина илјади припадници и приврзаници на ИД. Но и други противници на  сириската власт.

А што доби Русија освен големиот товар кој може да ја подзапри во одењето кон мир во Сирија. Неколкуте години на тој терен и развојот на ситуацијата покажаа дека таа сега е незаменлива како играч на меѓународен план. Дури и САД сметаат на неа. Трамп на брифингот по убиството на Багдади не случајно изјави : „сакам да им заблагодарам на Русија, Турција, Сирија и Ирак, а исто така и на сириските Курди за поддршката која ни ја дадоа“. А и во НАТО има разногласија околу Русија. Таа веќе не е противник на Алијансата.  Турција, една од воено најсилните членки на НАТО дури се осмели да купи софистицирано оружје од неа. Против ракетниот систем С-400. Во НАТО велат дека не се против воената соработка на Турција со Русија во Сирија. Нормално, кога веќе таму соработуваат Русите со Американците. Сигурно сето ова може до некаде да влијае Русија да го подели сирискиот товар качен на нејзините плеќи. Се ќе зависи колку ќе се усогласат интересите на главните играчи. Засега тоа е Русија, САД и Турција.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Нестабилни движења на извозот и увозот на македонското земјоделство

Нестабилни движења на извозот и увозот на македонското земјоделство

Денот на Републиката

Денот на Републиката

Три децении од паѓањето на берлинскиот ѕид – (не)научени лекции

Три децении од паѓањето на берлинскиот ѕид – (не)научени лекции

Се нуди политички „трет пат“- по којзнае кој пат

Се нуди политички „трет пат“- по којзнае кој пат

Влијание на перењето пари врз развојот на националната економија

Влијание на перењето пари врз развојот на националната економија

Уметнички кварт

Уметнички кварт