26 Април, 2024
0.0294

Сиромавиот плаќа двојно!

Објавено во: Колумни 12 Февруари, 2014

Добивај вести на Viber

„Граѓаните да внимаваат при купување на одредени текстилни производи од увоз“. Деновиве со ваков апел во јавноста излезе Кластерот за текстил при Стопанската комора на Македонија. Овој кластер уште еднаш го потенцираше она што сите го знаеме многу одамна – дека одредени производи кои се увезуваат од Далечниот Исток можат да содржат штетни хемикалии. Таквите производи можат да предизвикаат алергиски реакции, а не се исклучени и канцерогените својства кај некои од нив.

          Покрај тоа, текстилниот кластер излезе со податок дека 90% од нашето текстилно производство е лон, што значи дека странските нарачатели ги обезбедуваат материјалите и потоа ги увезуваат готовите производи. Со оглед на тоа што материјали се увезуваат од Италија, Турција и Германија, може да се смета дека тие материјали ги исполнуваат пропишаните стандарди. Од претходното може да се заклучи дека текстилните производи што се произведуваат во Република Македонија се безбедни по здравјето на граѓаните. Потребна е поголема контрола на облеката и обувките што се увезуваат (и тоа при самиот увоз, а не во прометот) за да се утврди дали тие производи се безбедни за употреба или пак, содржат состојки кои можат да доведат до штетни последици. Здравјето е секако на првото место на листата на приоритети, но за него кажавме доволно. Сега да кажеме збор – два за економијата. Поаѓајќи од фактот дека 90% од нашето текстилно производство е лон, произлегува дека само 10% од произведените текстилни производи остануваат на нашиот пазар. Убаво е што доминира извозот (иако се работи за лон производи), но сепак треба да се мисли и на потребите на нашиот пазар и нашите потрошувачи. До пред некое време бевме поим за текстилна индустрија на Балканот (Штип со право го нарекуваа македонскиот Манчестер), а сега сме среќни кога странскиот нарачател ќе прати материјали во нашите конфекции, а потоа ќе ги увезе готовите производи. Излегува дека кај нас ја користи само евтината работна сила која благодарение на големата стапка на невработеност, ја имаме во изобилие. Да се осврнеме и на оние 10% од домашните текстилни производи коишто остануваат на македонскиот пазар. Ако нашите производи се доволно квалитетни за пазарите на Западна Европа, секако ќе бидат квалитетни и за домашниот потрошувач. Тој потрошувач има и вкус за облекување и високи стандарди кога е квалитетот во прашање, па зошто да не му се понуди нешто од домашните конфекции. Апсолутно не држи аргументот дека ние сме мал пазар со 2 милиони жители. И тие 2 милиони треба нешто да облечат, нели? Така, полека, но сигурно доаѓаме до цената на текстилните производи. Истиот текстилен производ создаден во некоја од нашите конфекции ќе постигне многу поголема цена на пазарите во Германија или Италија, отколку на домашниот пазар. Куповната моќ и економскиот стандард на граѓаните од тие земји се многу повисоки од моќта и стандардот на македонскиот граѓанин. Граѓаните од Западна Европа трошат пари и на облека и на обувки и низа други „погодности“, а нашите граѓани најголемиот дел од својата плата го трошат на храна и на плаќање на режиските трошоци. Секоја чест на исклучоците! Во таква ситуација, можеме да покажеме разбирање за нашите конфекции кои своите деловни активности ги насочиле кон Запад. Таму се парите, таму е изворот на девизни приливи, а нашите конфекции секако треба од нешто да живеат. А што останува за домашниот пазар? Остануваат увозни производи со висок квалитет и висока цена, како и производи со непроверен квалитет и ниска цена. Увозниците на производи кај кои „недостасува една нула на крајот од цената“ знаат дека животниот стандард и куповната моќ претставуваат сериозен проблем за добар дел од нашите граѓани. Тие граѓани ќе го купат најевтиното што може да се најде на пазарот, затоа што едноставно немаат друг избор. Во таква ситуација, купувањето не претставува прашање на изграден критериум или добар вкус, изборот е лимитиран од содржината на паричникот. И што се случува? Оние кои се принудени да водат сметка само за цената на производот, ја плаќаат највисоката цена. Плаќаат со своето здравје, плаќаат за лекари и лекарства со кои ги третираат алергиските реакции предизвикани од евтината облека или обувки. Сиромашните граѓани го знаат тоа, но сепак се принудени да купуваат евтини производи со непроверен квалитет. Нашиот народ со право рекол: „Сиромавиот плаќа двојно!“ д-р Гоце Трајковски    

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД