28 Јануари, 2023
0.0242

Сите бараат оружје – нема време за мир во Украина

Објавено во: Колумни 26 Декември, 2022

Добивај вести на Viber

Деновиве што изминаа покажаа дека никој нема време за мир во Украина. Сите бараат оружје. Рускиот претседател Владимир Путин од воено индустрискиот комплекс на Русија. Украинскиот претседател Владимир Зеленски отпатува дури до САД, кај својот сојузник да бара современо оружје. Американскиот претседател Џо Бајден, ветува, но истовремено и внесува милијарди долари во американската воена индустрија за производство на оружје наменето за Украина.

По сето ова целите во 2023 година, на воен план, во Украина се познати. Војна уште долго време. Украина во обид да ги истурка руските сили на границите од пред 2014 година. Сето тоа трпејќи студ и темници, како последици од руското копирање на американската стратегија на удари врз СР Југославија во 1999 година. Копијата, за жал, е посурова. Целта на Русија и покрај менувањето на нејзината содржина во изминативе месеци, барем од сегашна перспектива, е да се задржат освоените украински територии, сега прогласени за руски, под нејзина контрола. Целта на Американците, кои всушност се главниот противник на Русија е да се продолжи со поддршката на Украина почната уште со „обоените револуции“, ако не и години пред тоа.

И Путин и Бајден минатата недела во ист ден се јавија со ставови за војната во Украина. Од нивните зборови произлегуваше дека се води војна меѓу Западот(НАТО) и Русија, но в Украина. И за САД и за Русија конфликтот е прашање на престиж. Русија да докаже дека била во право со почнувањето на „специјалната воена операција“, а САД дека не смеат да дозволат да биде урната нивната хегемонија. Посебно од еден авторитарен режим. И дека треба упорно да се турка идејата на Џорџ Буш за ширење на НАТО на исток и ширење на демократските вредности, според американски терк.

Владимир Путин, зборуваше на проширениот колегиум на руското МО на кој преку видео врска учествуваа 15.000 офицери. Според кажаното од Путин, Русија е во војна, спомнато за прв пат, наместо специјална воена операција, за што еден адвокат од Санкт Петербург го обвини за нарушување на законот според кој за такви и слични искажувања веќе има осудени граѓани во Русија.

ВОЈНАТА ПРОДОЛЖУВА

Путин спомна дека во војната во Украина посредно учествува целиот НАТО блок предводен од САД.  Рускиот претседател зборуваше и за потребата од користење и изучување на искуствата од досегашните борби во натамошната воена подготовка. Посебно искуството од борбите во кои се користи натовско оружје. Нагласена беше и „нуклеарната тријада“. Нуклеарното оружје на Русија,на копно, во воздух и под вода. Сигурно ова не е случајно. Одвреме,  навреме од Москва ќе дојдат изјави во кои се споменува нуклеарно оружје, па тоа се анализира на Западот. Што сакал да каже писателот? Според руски податоци, досега 27 земји и дале воена помош на Украина во вредност од 97 милијарди долари, во Украина има војници од НАТО, а над 500 сателити, воени и комерцијални им даваат информации на украинските воени сили.

Истиот ден од другата страна на Атлантикот Џо Бајден беше домаќин на Владимир Зеленски. Епилогот од средбата и меѓу нив и од искажаното на средбата со новинарите беше дека војната продолжува со засилен ангажман. Пред се’ на САД, со обезбедување на нови видови оружје. Конкретно ракети „Патриот“ за против ракетна одбрана. Патем, Путин рече дека станува збор за застарено оружје, за кое Русите ќе имаат решение! Има коментари дека Американците работат да го претворат конфликтот во Украина во лотарија со сигурна добивка. Лотарија во која постојано се зголемува влогот. Воено индустрискиот комплекс на САД и да прекине војната има работа преку глава. Пред се’ за земјите членки на НАТО. А, ако продолжи војната тогаш уште подобро,  бидејќи нарачките се добродојдени во време на економска криза. Инаку САД веќе најавија нарачки за Украина од речиси две милијарди долари. Бајден очекува Конгресот да го одобри законот со кој на Украина ќе и се доделат речиси 45 милијарди долари, за оружје, муниција, опрема...Г-7 исто така најави помош од 32 милијарди долари. Дел од ЕУ, дел од САД.

Сето ова што доаѓа од Кремљ и од Белата куќа навестува дека војната во Украина ќе станува пожестока и дека ќе ескалира. До кои граници, засега не може да се каже. Ако се суди според американскиот претседател Џо Бајден црвената линија е судирот меѓу НАТО и Русија. Мајкл Брендан Догерти од National Review по овој повод ќе напише:„ Се чини дека во последно време единствен човек кој барем нешто разбира во тие прашања е Џо Бајден, кој направи повеќе од што очекував, разграничувајќи ги и разединувајќи ги интересите на Америка и на Украина. Зеленски зборуваше за „целосна победа“, но Бајден предупреди дека давањето на Украина определено офанзивно оружје „ќе создаде перспектива за распад на НАТО“ и дека други членки на НАТО „не сакаат војна со Русија““.

АКО НЕ ДАВААТ САД; ДАВА БРИТАНИЈА

Станува збор за прес конференцијата по средбата на двајцата претседатели во Вашингтон.  Украинска новинарка го праша Бајден, зошто Америка не им дава ракети далечен дострел ATACMS, кои би можеле да го спречат уништувањето на украинска инфраструктура. Бидејќи, доколку Украина има такво оружје, тогаш таа би можела да истрела ракети врз руски градови.  Одговорот на Бајден беше:„ Можете да си спомнете една од причините зошто јас потрошив многу време, нема да ви давам отчети за тоа, но јас имав неколку стотици часови очи во очи со нашите европски сојузници и лидерите на тие земји, докажувајќи им зошто во нивен интерес е да продолжат да ја поддржуваат Украина. Тие тоа го разбираат во целост, но не сакаат војна со Русија. Тие не сакаат трета светска војна. И мислам дека сето тоа може да се избегне, доколку се убедиме, дека Украина може да постигне успех на воено поле“.

Ова како да го омрачи позитивниот резултат од доделувањето на против воздушниот комплекс „Патриот“. Украински аналитичари гласно го потврдуваат она што сите го знаат, дека не сите сојузници на САД од НАТО би се согласиле со давањето на  ATACMS. Што, според мене, и не е некое цврсто решение. Американците не го даваа ни „Патриот“, па кога дојде време го дадоа. Тие, односно некои членки на НАТО, засега се плашат Украинците со новото оружје да не стрелаат врз руски градови, што би било ескалација на која не се знае одговорот од руска страна. Веројатно тој е кажан во некои средби на Путин со западни лидери или пак на средбите на првите луѓе на специјалните служби.

За украинските аналитичари ова значи дека САД не сакаат ескалација на конфликтот, но од друга страна на Путин му се дозволува максимална ескалација. За нив, станува збор за многу слаб и неубедлив момент на западната позиција. Оттука и предлогот да се искористи ставот на британскиот министер за одбрана, Бен Волес кој пред десетина денови изјави дека доколку САД не се подготвени да достават ракети со далечен дострел, тоа би можела да го направи Велика Британија. Оттука и препораката Зеленски под итно да патува за Лондон. Секако ова не е нереално, бидејќи Британија е перјаницата во спротивставувањето на Русија. 

ТЕЖОК ПАТ КОН МИРОТ

Во сите овие дискусии и анализи и размислување, различно се зборува за мир во Украина. А се поаѓа од сопствените сфаќања за тоа каков треба да биде мирот. Дејвид Игнатиус од „Вашингтон пост“ за посетата на Зеленски на Вашигтон вели:„ Не правете грешка: настрана од долготрајниот и силен аплауз за смелиот украински претседател Владимир Зеленски, неговата посета на Вашингтон беше повеќе како „воен совет“ на врвот. И, очигледно, тоа заврши со создавање јаз меѓу двајцата сојузници во однос на нивните стратегии за ставање крај на воениот конфликт. Бајден и Зеленски беа прашани за мирот. Според Игнатиус,  Бајден го поттикнал својот колега, врховен командант, велејќи му „вие сте отворени за постигнување праведен мир“ и дека конфликтот продолжува по вина на Путин. „И двајцата сакаме оваа војна да заврши“, рече Бајден, додавајќи „Тоа би можело да заврши денес доколку Путин има достоинството... би ја направил вистинската работа и... би излегол од играта. Но, тоа нема да се случи. . сега“. Зеленски пред новинарите изјавил  дека има „формула за мир“ која во суштина е дека Русија мора да се повлече од целата територија што ја доби од 2014 година. Неколку минути подоцна, според Игнатиус, Зеленски додал понијансиран одговор: „Не знам праведен мир. Не знам што е „праведен мир“. Тоа е многу филозофски израз... За мене, како претседател, праведен мир е отсуството на компромиси за суверенитетот, слободата и територијалниот интегритет на мојата земја, репарација за целата штета предизвикана од Русија“. Игнатиус нагласува: „Обрнете посебно внимание на овој пасус: мирот и репарацијата не се иста работа“.

Владимир Путин пред некој ден изјави дека: „Сите конфликти, сите вооружени конфликти завршуваат, на еден или друг начин, со некакви преговори по дипломатски пат – и ние никогаш не сме одбиле. Ова раководство на Украина си забрани да преговара. Ова веќе изгледа малку необично, дури и чудно, би рекол. Сепак, порано или подоцна, се разбира, сите страни кои се во состојба на конфликт седнуваат и се договорат. Колку побрзо оваа свест дојде кај оние кои ни се спротивставуваат, толку подобро. Никогаш не сме се откажале од ова“. А вчера тој повтори „Подготвени сме да преговараме со сите учесници во овој процес за прифатливи решенија, но тоа зависи од нив – ние не одбиваме да преговараме, туку тие”, рече Путин во интервју за руската државна телевизија. Советникот на украинскиот претседател, Михаил Подољак, му одговори на Владимир Путин и порача дека тој „мора да се врати во реалноста“.„Очигледно е дека Русија не сака преговори, туку се обидува да избегне одговорност, тоа е очигледно, па затоа преминуваме кон Трибунал“. 

Министерот за одбрана на Турција Хулуси Акар, како што пренесе Al Jazeera, смета дека патот кон мир нема да биде лесен. И признава дека досегашните напори на неговата земја во таа насока биле безрезултатни. „Нема да биде неточно да се каже дека без оглед на сите наши напори и повици кон прекинување на огнот, таа војна, најверојатно, ќе продолжи и во 2023 година“ рече Акар.  Тој предложил поетапен план за решавање на ситуацијата. „Повикуваме кон прекин на огнот, во крајна мерка, хуманитарен прекин на огнот. Потоа кон постојан прекин на огнот и кон мирни преговори“, изјаи Акар.

РЕШЕНИЕ НА ВОЕНОТО ПОЛЕ

Американскиот политолог Џон Миршајмер за YouTube-каналот UnHerd, осврнувајќи се на најновит развј на настаните во  и околу Украина вели:„Во моментов, не си давам себеси за право да судам за исходот на конфликтот во Украина, бидејќи тој е многу далеку од завршување, па дури и текот на понатамошните настани не може да се предвиди. Но, мислам, не е исклучено, Русите да победат на крајот. Не тврдам дека тоа ќе биде така, но во моментов никој не може со сигурност да каже: Украина победи, Русија загуби. Овој момент останува да се разјасни. Гледајќи го развојот на настаните, станува јасно дека Русите се насочени кон украинската инфраструктура, а тоа ќе има огромни последици“. Миршајмер продолжува:„ За мене и за повеќето мои пријатели реалисти е сосема очигледно дека мора да се биде крајно внимателен кога се работи непријател-суперсила, вооружен до заби, чие нуклеарно оружје е директно вперено кон вас. Таквиот непријател не треба да се втурне во ќош или во очајна ситуација, не треба да се загрози неговото постоење, бидејќи во такви околности веројатноста за нуклеарен удар е голема. Ако тоа се случи, нема да има Лондон, нема Европа - сите ќе загинеме во огнот на нуклеарна војна. Мислам дека главната цел е да се избегне ова“.

Во поглед на решавањето на работите тој вели:„ На Запад луѓето дојдоа да ја поистоветуваат дипломатијата со политиката на смирување, а тоа е бескрајно глупо. Секогаш се залагам за дипломатско решавање на конфликти, но во конкретниот случај треба да си го поставите прашањето: дали е можно да се постигне договор, работејќи исклучиво со дипломатија? Според мене, тоа е невозможно, а страните ќе треба да го решат конфликтот на бојното поле. Тука има два големи проблеми: неутралноста на Украина и територијалното прашање. Русите грабнаа значајно парче од Украина и веруваат дека сега овие територии им припаѓаат. Дали мислите дека тие доброволно ќе се разделат од нив? Да не зборуваме за Крим. Јас не мислам. Русите очигледно нема да се откажат од овие земји. Украинците, пак, инсистираат на нивно враќање. А од гледна точка на Американците, отстапувањето на овие територии на Русија е еднакво на пораз на Западот. Соединетите Американски Држави и нивните сојузници се вклучија во сето тоа само заради победа и сметаат дека какви било отстапки на Русите се неприфатливи. Станува збор за територијално прашање.

Песимизмот на Миршајмер го дели и унгарскиот премиер Виктор Орбан. Тој, како што пренесе РИА „Новости“ во изјава за весникот „Маѓар Немзет“ рекол дека:„ Кризта на Ураина ќе продолжи се додека САД продолжуваат да испорачуваат оружје на Киев и да помагаат финансиски. Според него, постои реална опасност од продолжен конфликт, но одговорноста за ескалацијата е на САД. „Ако Американците сакаат мир, ќе има мир“, рече Орбан. Премиерот истакна дека Унгарија делува во криза исклучиво за свои интереси, а прекинот на односите со Москва не е вклучен во плановите и покрај прекорите од Брисел.

И така војната ќе влезе во 2023 година. Со барање и продавање оружје да се зауздаат имперските амбиции на Русија или за задржување на „новите“ руски територии. Нема време за постигнување мир. А, како молкум да поминуваат работите за оние кои се на линијата на фронтот, во рововите. Нив не ги прашуваат за ништо. Но затоа властите воведуваат мерки за да го спречат нивното незадоволсто. Во Украина се носи закон за „подобрување на дисциплината во војската“. Се вели дека неисполнувањето на наредбите, бегањето во воените позиции може да доведе до распад на армијата. Па затоа е потребен закон за  затегнување на воената одговорност. Веќе има петиција против таков закон. Во Русија пак се подготвуваат музички групи кои ќе одат на фронтот да ги „мотивираат“ војниците. Што зборува сево ова. Дека од двете страни војуваат луѓе кои немаат доволно војнички мотив и морал, луѓе кои дезертираат и дека станува збор за незадоволство од поголем обем, чим во прашање може да биде доведен распадот на армијата. Луѓето во рововите, од обете страни, сигурно први би го поздравиле денот кога ќе биде постигнато примирје. За разлика од генералите кои мечтаат за војни. И политичарите кои им ги овозможуваат.

Мирче Адамчевски   

Можеби ќе ве интересира

Битка за тенковите за Украина

Битка за тенковите за Украина