19 Април, 2024
0.0880

Сите патишта водат на Барбадос!

Објавено во: Колумни 27 Август, 2013

Добивај вести на Viber

Во старите добри времиња сите патишта водеа во Рим. Тогашната империја се создаваше со меч. Најхрабрите и најспособните во името на царот освојуваа нови земји и ја зацврстуваа моќта на империјата.

Во денешно време светот не се освојува со меч. Се освојува со пари. Со светот не веќе не владеат најхрабрите и најспособните (за жал), туку владеат „најснаодливите“. Оние кои во својата „армија“ наместо војници, имаат банкари, адвокати, консултанти итн. Оние кои своите пари не ги насочуваат во Рим, туку одбираат некоја од егзотичните дестинации на Карибите.

За да не заостанеме зад развиениот свет и ние се потрудивме да се вклучиме во извршувањето на финансиски трансакции со Карибите. Пред некое време, земјите од Карибите беа вториот најголем инвеститор во Република Македонија. А само пред еден месец медиумите излегоа со податок дека огромни финансиски средства од Република Македонија се одлеале во т.н. offshore дестинации и даночни раеви.

Што е тоа што ги прави посебно интересни земјите од Карибите? Мислам, на економски и финансиски план. Да ја оставиме настрана желбата на секој од нас да ги посети бескрајните песочни плажи и да ужива во коктелите и забавите до раните утрински часови...

Во сферата на економијата и финансиите, голем дел од земјите на Карибите се познати како даночни раеви. Даночни раеви се оние земји кои воопшто немаат даноци или даноците се многу ниски. Секоја година даночните раеви привлекуваат илјадници компании и бизнисмени кои настојуваат да го преселат својот капитал на Карибите, со цел да платат понизок данок или целосно да го избегнат тоа плаќање.

Можеби нема да верувате, ама првите даночни раеви во светот се појавија кон крајот на 19-от век. До пред дваесетина години имаше само неколку даночни раеви во светот. Нивниот број нагло се зголеми во последните две децении кога под притисок на економската криза, голем дел од земјите во светот одлучија да ги зголемат даноците. За да ги избегнат дополнителните давачки, дел од мултинационалните корпорации и индивидуите чие богатство се изразува во милијарди долари ги насочија своите пари кон т.н. „ветени земји“.

Даночните раеви им нудат повеќе привилегии на своите клиенти. Најпрвин, земјите кои се третираат како даночен рај служеа како safe harbour, односно како прибежиште на субјектите кои од едни или други причини настојуваа да го заштитат (или скријат) својот капитал. Со порастот на популарноста на offshore банкарството, порасна значењето и на даночните раеви. Наместо криење или заштита на капиталот, бизнисмените сега ги користат даночните раеви за деловни цели. Покрај ниските даноци, заштитата на приватноста е една од основните карактеристики на овие земји. Во некои земји од Карибите, откривањето на сопственикот на сметката на трети лица се смета за кривично дело, а сторителот на таквото дело може да заврши во затвор.

Може подетално да се пишува за било која земја од Карибите. Сите тие имаат слични карактеритики. Веројатно популарноста на Барбадос како туристичка дестинација придонесе оваа земја да го привлече вниманието на развиениот свет, па да стане една од најважните земји кога е во прашање offshore банкарството и ниските даноци кои оваа земја ја прават даночен рај. Што е карактеристично за оваа земја?

Отворањето на фирма на Барбадос е многу лесно и едноставно. Единствената давачка што мора да се плати е годишниот надоместок за регистрација на фирмата којшто е исклучително низок - само 425 УСД. Данокот на добивка во оваа земја е исто така низок и се движи во граници од 1% до 2,5% во зависност од големината на остварената добивка. Дури и овој данок подлежи на намалување, ако фирмата земе кредит од банка во Барбадос со цел да плати данок во странска земја. Увозот на суровини, репроматеријали и опрема за работењето на фирмата е целосно ослободен од царински давачки.

Супер! Кој не би сакал да работи на Барбадос? Веројатно сега е јасно зошто дел од нашите бизнисмени ја одбрале оваа земја како дестинација каде што ќе ги насочат своите деловни активности. Ама Барбадос не може да си го дозволи секој. Тој е „достапен“ само за мал дел од нашите бизнисмени и за оние што себеси се сметаат за бизнисмени.

Ние, обичните смртници, не можеме да си ја дозволиме егзотиката на Барбадос. Барем не до оној момент, додека некој не одлучи да провери што се случува(ло) на Барбадос и во останатите земји од Карибите во последните дваесетина години. Можеби тогаш работите ќе станат појасни.

д-р Гоце Трајковски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок