12 Октомври, 2024
0.0244

Сите се за повеќеполарен свет, ама никој не знае каков ќе биде

Објавено во: Колумни 23 Октомври, 2023

Добивај вести на Viber

Американскиот претседател Џо Бајден минатата недела изјави дека на планетата и е потребен „нов светски поредок“, затоа што светскиот поредок по Втората светска војна „издиша“. Американскиот претседател ова го соопшти на предизборен прием во Белата куќа. На тој начин се придружи на голем број лидери кои сметаат дека повоениот светски поредок е заминат во историјата. А посебно кон рускиот претседател Владимир Путин кој веќе со години зборува за повеќеполарен свет.

„ Мислам дека имаме можност да направиме нешто, ако сме доволно храбри и самоуверени, да го обединиме светот, како никогаш досега. Живеевме во повоениот период 50 години, и тоа функционираше проклето добро, но некако издиша. Ни треба нов - нов светски поредок во некоја смисла, како оној што го имавме“, рече Бајден. Тој рече и дека во моментов се решава судбината на следните четири до пет децении. „Ние сме на пресвртница во историјата. А тоа значи дека одлуките што ќе ги донесеме во следните четири или пет години ќе одредат како ќе изгледаат следните четири или пет децении“, додаде Бајден.

Конечно и во врвот на Белата куќа да проговорат за нешто што е факт. Што се случи по крајот на „Студената војна“. Кога се распадна „рамнотежата на стравот“, а не се воспостави нова. Распадот на СССР мина мирно, но остави големи последици на што сме сведоци во 21-ов век. Исчезна довербата меѓу државите. Американците се прогласија за победници во „Студената војна“, но не успеаја да воспостават нови правила на игра. Правила кои би биле втемелени во работата на ОН. И наместо тоа почнаа да се користат правила за кои немаше никаков договор. Па секој си земаше право да ги „измислува“ и да ги толкува како меѓународно право.

Пред извесно време и американскиот државен секретар Ентони Блинкен се осврна на оваа тема. Тој имаше предавање во Школата за перспективни меѓународни истражувања при Универзитетот „Џонс Хопкинс“. И тој кажа дека на светскиот поредок, поставен како резултат на студената војна, му дошол крајот.  За изминатите 30 години светот стана друг, тој се судри со предизвиците од страна на Русија, Кина и други држави, рече Блинкен. Според него, меѓународните односи денес битно се разликуваат од оние кои беа поставени со студената војна. „Она што го живееме сега, тоа е повеќе од испит на издржливост на светскиот поредок, формиран со студената војна. Тоа е негов крај“, изјави Блинкен. Завршувањето на епохата на „Студената војна“ предизвикало надежи за воспоставување на стабилност и мир, меѓународна соработка, распространување на човековите права, политичка либерализација и економска соработка меѓу земјите, забележа Блинкен, додавајќи дека навистина имало прогрес. Но во исто време имало и сериозни предизвици, спомна Блинкен, војната во Југославија, геноцидот во Руанда, 11 септември и војната во Ирак, светска финансиска криза во 2008 година, војната во Сирија, пандемијата од коронавирусот и други.

АВТОРИТАРНИ И РЕВИЗИОНИСТИЧКИ ДРЖАВИ

Според него, уривањето на светскиот поредок не настанало одма, а причините за неговото уривање уште долго ќе бидат предмет на спорови. Тој забележа дека десетлетјата релативна политичка стабилност и отстапиле место на конкуренцијата на САД со се’ посилните „авторитарни и ревизионистички држави“. Се разбира овде тој, пред се’, ги има предвид Русија и Кина. Па напоменува дека дејствата на Русија во Украина се „најнепосредствена  закана за меѓународниот поредок, зацврстен во Повелбата на ОН“ и нејзините клучни принципи за територијална целосност, суверенитет, универзалните човекови права. Кина пак,за Блинкен, претставува „најсериозен долгорочен проблем“, од причина што не се стреми само за промена на светскиот поредок, туку има и се поголема економска, дипломатска, воена и технолошка моќ за остварување на таа цел.

За потребата од воспоставување на нов светски поредок се зборува со години. Но не секој сака да го признае тоа. Има и луѓе кои жалаат за поредокот од минатото. Кога се знаеше дека има две сили и нивната моќ и стабилност беше гарантирана со поседувањето на нуклеарно оружје. Што секако придонесе за неколкудецениски мир во Европа. Во јули минатата година и поранешниот премиер на Британија, Тони Блер, призна дека ерата на доминацијата на Западот е пред крај. Тој заклучок е донесен врз основа на дејствијата на Русија во Украина и растежот на Кина како „втора супердржава“. Тој, на едно предавање, повика западните држави да ги зголемат своите одбранбени трошоци, за да ја задржат воената предност, а притоа проширувајќи ја својата „мека сила“ за да можат да воспостават врски со земјите во развој. Според Блер, најголеми геополитички промени  во овој век ќе има во Кина, а не во Русија. И како резултат на тоа „светот ќе биде  најмалку двополарен, а можеби и повеќе поларен и за прв пат во современата историја Истокот ќе биде изедначен со Западот“.

Настаните во Украина и на Блискиот Исток само потврдија дека новиот светски поредок е неминовност. Односот на Западот, САД и ЕУ пред се’, кон овие две кризни, жаришта предизвика лавина реакции во светот. Ако Русија беше „осудена“ на Генералнто собрание на ОН за агресијата врз Украина, сега во СБ на ОН не може да се донесе резолуција за Газа. Рускиот предлог беше одбиен, бразилскиот исто со вето од САД, па сега САД се обидуваат да направат нешто, а однапред знаат дека доколку нема компромисен предлог и нивната резолуција ќе ја има судбината на руската или бразилската. Веќе очигледни се поделбите. Не сум сигурен, но мислам дека Американците имаат најмногу вета ставено во СБ на ОН, кога на тапет бил Израел. 

Џо Бајден во неодамнешното обраќање до нацијата гарантираше дека САД ќе му помогнат на Израел со оружје и дека нема да дозволат ширење на конфликтот. Тој бараше пари од Конгресот за Украина и за Израел...„Тоа е мудро вложување на средства, чии дивиденди во вид на безбедност Америка ќе ги добива со поколенија. „Лидерството на Америка го држи заедно светот. Сојузите создадени од Америка ја обезбедуваат нашата безбедност, безбедноста на Америка. Американските вредности се тоа што не прават партнер со кој што сакаат да соработуваат други земји“, рече Бајден.

„НЕЗАМЕНЛИВА ДРЖАВА“

Токму покажувањето на американските вредности околу Израел сигурно ќе натера куп земји да се помислат за американските вредности. Впрочем и Блинкен сам посочи држави каде што се покажале американските вредности, поради кои денес земјите од Глобалниот југ не сакаат да бидат во американска прегратка. Ниту пак воведоа санкции против Русија. Стивен Волт во Foreign Policy пишува за неколку елементи за Америка, како првопричина на сегашната војна на Блискиот Исток. А тие елементи се важни „бидејќи иднината на светскиот поредок денес е загрозена, а некои моќни држави го предизвикуваат наизменично либералниот и неконзистентен „поредок заснован на правила“ што Соединетите Држави го промовираат и бранат со децении“. Тие земји се Кина, Русија, Индија, Јужна Африка, Бразил, Иран и други држави кои отворено повикуваат кон повеќеполарен свет. Каде што власта ќе се распределува рамномерно. Волт вели дека „тие сакаат да живеат во мир, каде што Америка нема веќе да дејствува како „незаменлива држава“, сметајќи на тоа дека другите треба да ги почитуваат нејзините правила, а таа за себе ќе го сочува правото да ги пренебрегнува нив, кога тие правила нема да и одговараат“.

Однесувањето на САД во регионот на Блискиот Исток, според Волт, им дава за силно оружје на ревизионистите, а таков се смета рускиот претседател Владимир Путин, па тој може да праша:„ Што даде 30 годишното „лидерство“ на САД во регионот. Сведоци сме на разурнувачки војни во Ирак, Сирија, Судан, Јемен. Либан едвај диши. Во Либија царува анархија. А Египет е пред колапс. Терористичките организации мутираат и се трансформираат сеејќи страв на неколку континенти, а Иран е пред создавање на атомска бомба. Израел не е безбеден, а Палестнците немаат ни безбедност, ниту правда. Еве што се случува кога му дозволуваме на Вашингтон да биде главен...Какви и да биле намерите на американските раководители тие не еднаш докажаа дека немаат мудрост и објективност за постигнување на позитивни резултати, дури и за себе“. Со свои прашања може да се јави Кина која ги „помири“ Иран и Саудиска Арабија.

Волт смета дека надворешно-политичкиот тим на американската администрација се искусни механичари, но не и архитекти. И тоа во епоха кога со институционалната архитектура на светската политика се јавуваат големи проблеми, кои бараат нови приоди. Тие луѓе умешно ги користат инструментите на американската сила и власт, а исто така и државните механизми за решавање на краткорочни проблеми. Но тие имаат застарени престави за глобалната улога на Америка и за тоа како треба да се однесува со многубројните блискоисточни клиенти. Очигледно тие сосема не разбираат во која насока се движи Блискиот Исток. И дури ако денес тие вешто и енергично ги лепат застарените рани со бактерициден фластер, тие не можат да ги излечат“.

Кога Бајден зборува за американски сојузи, тој не треба да заборави дека во светот се создаваат нови моќни сојузи. БРИКС на пример. Но има и Шангајска организација на соработка и други. Тие не се воени сојузи како НАТО, но се сојуз на моќни економски и политички членки, иако не се со иста идеолошка матрица. Проширувањето на БРИКС треба да е силен сигнал за САД и педесетината нивни сојузници дека доаѓаат и нови форми на соработка кои се попривлечни за Глобалниот југ отколку Западот. На земјите од БРИКС им пречи тоа што во светот се’ уште е зачуван менталитетот од „Студената војна“. Шји Џинпинг, кинескиот претседател, на последниот самит на организацијата изјави дека таквиот менталитет ја прави геополитичката ситуација во светот се понапната. Па оттука, според него:„Земјите ќе можат да тргнат по патот на глобалната безбедност само со придржување кон „новиот концепт на безбедност заснован на заедничка, сеопфатна, кооперативна и одржлива безбедност“. Џинпинг повика да се почитуваат сите патишта на модернизација, кои сами си ги бираат земјите. „ Ние мораме да се бориме против системска конфронтација и конфронтација меѓу цивилизациите“, додаде тој.

КАКОВ СВЕТСКИ ПОРЕДОК ЌЕ СЕ ГРАДИ?

Кога станува збор за односот на САД кон БРИКС, некои автори пишуваат дека  по самитот во Јоханесбург прес конференција имаше советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, кој ја нагласи само различноста на интересите во редовите на БРИКС, но се чинеше дека го занемари значењето на алијансата. Ако е така, тогаш ова е сериозна грешка, сметаат тие. Па додаваат дека „Како што забележа Трита Парси од институтот Квинси, пристапувањето на Иран во БРИКС сугерира дека Соединетите Држави повеќе не можат да дејствуваат како оттурнувач, одлучувајќи кој може да влезе во одредени глобални групи, а кој не. На тој начин, ова е уште еден знак дека ерата на еднополарност привршува - или дури веќе е завршена. Вашингтон треба да одговори на сигналот од Јоханесбург со коригирање на својот не само погрешен, туку понекогаш и целосно контрапродуктивен политички пристап кон Глобалниот југ. На овој начин, тој ќе може да го врати својот авторитет и влијание што се распаѓа и ќе помогне брзо да ги реши главните проблеми со кои се соочува целата планета.

За новиот светски поредок многу одамна зборува и рускиот претседател Владимир Путин. Лани во август, фалејќи ја соработката на државите од азијатско-тихокеанската регија и нивната кооперација со влијателните сојузи настанати во поново време тој рече дека „зацврстува и забрзува“. На ланскиот Источен економски форум темата беше:„ На патот кон повеќе поларен свет“. По тој повод Путин изјави:„На смена на застарениот еднополарен модел доаѓа нов светски поредок заснован на основните принципи на правда и рамноправност, признавање на правото на секоја држава и народ на свој суверен пат на развој. Токму во азиско-пацифичкиот регион се формираат моќни политички и економски центри, кои дејствуваат како движечка сила на овој неповратен процес“.

Каков светски поредок ќе се гради? Исто како што имаше разлики кон досегашниот создаден после падот на СССР, така ќе има и околу новиот. Факт е дека сегашниот заминува, но исто и дека се’ уште нема ништо од некое ново решение. Николај Злобин, американско-руски политолог во едно интервју тврди дека и сега функционираат некои атрибути од стариот светски поредок, иако нивната ефикасност е значително опадната. Злобин  овде ги посочува ОН. Па вели:„ На пример, Обединетите нации со сите свои институции, вклучително и Советот за безбедност, кој ги вклучува земјите кои беа победници во Втората светска војна. Според мене, оваа структура на главната меѓународна организација одамна не е во согласност со реалноста на современиот свет и, според мене, ОН поверојатно имитираат решението на меѓународните проблеми, отколку реално да ги решаваат. ОН се претворија во хуманитарна, ако сакате, добротворна, ако сакате ПР организација, која уште е способна да се занимава со проблемите на образованието и културата, иако  се полошо и полошо“.

Злобин смета дека разните „седморки“, дваесетки“, шангајски или тихоокеански структури не се способни да ги сменат ОН. Затоа, земјите и политичарите продолжуваат да се држат до остатоците од стариот светски поредок, продолжувајќи ја неговата агонија. Аргументот „да не го уништуваме старото, бидејќи немаме ништо ново“ е, се разбира, привлечен, но мислам дека е длабоко погрешен, бидејќи создава илузија дека старите методи и организации, старите пристапи и правила ќе помогнат во решавањето на новите проблеми. и противречности.

Американскиот претседател Џо Бајден вели:„Ни треба нов - нов светски поредок во некоја смисла, како оној што го имавме“. Што значи ова? Дали тој сака нова студена војна? Затоа што „оној што го имавме“ се одржуваше и се хранеше од „Студената војна“  речиси педесетина години. Ако е така, тогаш светот одново ќе мора да се подели на два пола. Но тоа е тешко во сегашни услови. Нуклеарно оружје веќе имаат десетина држави. Рамнотежата на стравот сега треба да балансира меѓу нив. САД веќе го губат приматот на светската арена, а на неа се јавува Кина. Големите и моќни земји почнуваат да ја губат контролата врз глобалната агенда. Франција на пример.  Најверојатно ќе дојде до реформа на ОН. Поточно на СБ на ОН. Но ништо ќе нема се додека не завршат конфликтите во Украина и на Блискиот Исток. А дотогаш можеби ќе се сменат многу работи. Па полесно ќе може да се најде дефиниција за тоа која земја е влијателна во светот. И што може да направи таа за себе и за светот.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Западот ќе ја дели Украина!

Западот ќе ја дели Украина!