Сите во очекување од Русија - едни војна, други мир
Објавено во: Колумни 16 Јануари, 2024
Русија е кошмар за Западот. Веќе отворено се зборува за нејзина намера да води војна со НАТО. Се пишуваат најразлични сценарија. Реално ли е тоа или нереално, но личи како обид да се поттикне Западот да преземе нешто конкретно по “паузата“ во давањето оружје и пари на Украина. Пауза која уште трае. И во САД и во Европа. Заговорниците на ваквиот приод велат дека ако Украина ја загуби војната, тогаш на ред ќе дојде Европа. А во меѓувреме во Давос се сретнаа советници на безбедност и претставници на разни меѓународни организации да разговараат за „мировниот план“ на украинскиот претседател Владимир Зеленски. Ама и оттаму доаѓаат изјави дека „ништо без Русија“.
За некаква руска инвазија на Европа се зборува од почетокот на војната во Украина. Сега, веројатно, работите дојдоа до степен на кулминација од стравот од Русија. Европа располага со рок од три до пет години да се подготви да одговори на заканите на Русија за источното крило на НАТО, изјави естонската премиерка, Каја Калас, за The Times. Такви биле нивните разузнавачки податоци. Затоа силите на НАТО треба да бидат подготвени за такво нешто. Но и да се сочува заедничката позиција во однос на Украина. Но не е само Каја Калас таа која што зборува за руска закана.
Германскиот весник Bild пред некој ден испечати сензација дека германската армија се подготвува за вооружен конфликт против Русија. Наводно постоел некој „таен документ“ од Министерството за одбрана на Германија. Па почнува сценариото дека во февруари годинава може да се случи ескалација меѓу НАТО и Русија. Па ќе треба на линијата на судирот да се испраќаат германски војници, десетици илјади. Наредниот месец Русија наводно ќе мобилизира нови 200 илјади војници, па ќе почне силен удар врз Украина. И бидејќи Запад нема да даде доволно поддршка на Украина, до јуни таа ќе биде поразена. Приказната се шири кон Балтикот па продолжува во 2025 година, зашто Русија сака да ги заштити руските малцинства во балтичките земји, за конечно НАТО да се „освести“ и да преземе „мерки за надежно спречување“ на руските намери да се освои коридорот кој ја поврзува Белорусија со руската енклава Калининград. Дури се споменува „ден Х“ кога главниот командант на НАТО ќе даде наредба за префрлање 300 илјадна војска на источното крило, а во тие рамки и 30 илјади германски војници. Весникот пишува дека ова сценаро се разгледува за маневрите на НАТО годинава, кои треба да се одржат токму во балтичките земји, а кои ќе бидат најголеми досега што ги имала Алијансата.
СЦЕНАРИО ЗА ВОЈНА СО КОНКРЕТЕН ПРОТИВНИК
Дека се работи за сценарио за маневри, а не за некаква информација дека Русија
веќе направила план за напад на земји членки на НАТО, потврдија и од
Бундесверот и од НАТО. На маневрите ќе се вежба хипотетички напад од страна на
Русија. Претставник на Алијансата за текстот во германскиот весник кажа дека
тоа „не е тајна анализа на разузнавањето, која прогнозира ситуација“ , туку
сценарио за претстојните маневри. Според него:„ Сценариото за воените вежби
секогаш претставува замислен ситуација за проверка на воените можности на една
или друга област. Порано сценаријата беа во целост измислени, со непостоечки
земји и географија. Сега постојните земји и географијата се поприменливи“. Од
ова станува јасно дека НАТО сака да биде подготвено за евентуална војна со конкретен, а не замислен противник -
Русија.
Капак на најавите на нови војни беше изјавата на британскиот министер за одбрана, Грант Шепс, кој изјави дека Британија за пет години може да биде вовлечена во војна со неколку држави. Тоа се Русија, Кина, Иран и Северна Кореја. Тој смета дека светот станува се поопасен. Па затоа и се трошат се повеќе пари за модернизација на вооружените сили. Вклучувајќи ги и нуклеарните и пополнувањето на резервите муниција.
Народот вели „многу арно не е на арно“. Истото важи и за воените сценарија и најави. Особено кога сценаријата сега не се измислени, туку се однесуваат на конкретни земји и географија. И се поприменливи и во поглед на земјите и во поглед на географијата. Па оттука може да се зборува дека сепак постои веројатност за војна меѓу Русија и НАТО. И тоа ќе зависи од развојот на ситуацијата во Украина. Русија постојано го предупредува Западот околу испораката модерно оружје на Украина. И доколку се помине и „црвената линија“ за испорака на оружје од долг дострел, кое би се користело на руска територија, тогаш Русија би можела да истапи со ултиматум до Западот да се прекине таквата поддршка. Во спротивно би имало закана и со нуклеарно оружје. Впрочем некогашниот руски претседател, Димитриј Медведев, пред некој ден одново проговори за користење на нуклеарно оружје од руска страна доколку војната се префрли на руска територија. Секако ваквото сценарио е тешко да се оствари, но веројатност постои. Можеби Западот и да е загрижен да не дојде до нуклеарна војна, па не секогаш излегува во пресрет и не навреме кон барањата на Украина за оружје, па се двоуми околу заплената на руските пари блокирани на западните сметки, а и со решение за прием на Украина во членство на НАТО. Па оттука и повиците за некакво мирно решавање на конфликтот.
ПОВЕЌЕ ЗЕМЈИ, ПОМАЛКУ КОНСТРУКТИВНОСТ
И додека се шират разните сценарија за војна меѓу НАТО и Русија и најави за нови војни ширум светот, Украина е во потрага по мир на нејзина територија. Мир, кој сепак, најмногу зависи од Русија. Во неделата во Давос се сретнаа претставници на безбедносните структури на 83 земји и меѓународни организации да разговараат за „формулата за мир“ на Зеленски. „Повеќе земји, помалку конструктивност“, беше заклучокот на Financial Times, за резултатот од преговорите во Давос. Според весникот преговорите во Давос беа “одбележани со растечко учество на незападни земји, но со ограничен прогрес на патот кон мирот“. Весникот дури се потсмева, па вели дека за западните чиновници од националната безбедност, кои што присуствуваа на преговорите, главниот резултат бил едноставен. Поголема и разнообразна заедничка фотосесија, отколку минатиот пат. Се мисли на собирот во октомври лани на Малта, кога беа присутни 65 учесници. Овој пат во Давос имаше 18 држави од Азија, 12 од Африка, држави од БРИКС+...Но без Кина, која учествуваше само на еден од четирите собири и нормално без Русија. Но швајцарскиот министер за надворешни работи, кој присуствуваше на средбата во Давос, Игнацио Касис, изјави дека конструктивни преговори за мир, без Русија, се невозможни.
Како резултат од преговорите некои претставници од земјите на Глобалниот Југ ја потврдиле нивната позиција дека Москва мора да учествува во преговорите, а решавањето на конфликтот треба да ги почитува и нејзините „проблеми со безбедноста“, исто како жлелбата на Киев да стане членка на НАТО. Најважната вест од Давос е дека Швајцарија се согласила да биде домаќин на светски самит за мир во Украина. Тоа било барање на Зеленски. Патем денес тој треба да зборува во Давос и е најавен негов „силен говор“. Како и билатерални средби со претставници од САД, но и од Кина. Кина дојде во Давос со десетина министри, предводени од премиерот Ли Чијанг, кого го сметаат за втор човек во земјата, после претседателот Шји Џинпинг. Според Politico, кинеската делегација предизвикала вознемиреност во Стејдепартментот. Вознемиреност од целите и бројноста на кинеската делегација.
Од средбите на Зеленски во Давос може да се очекува некоја новост, но за него е многу важно каква порака ќе му испорачаат Кинезите. Од Американците и од другите од Запад тој ќе бара пари и оружје. Веќе во февруари, државата ќе нема пари за пензионерите. Во отсуство на широка поддршка од Глобалниот Југ, Зеленски сега ќе се труди да го омекнува кинескиот став. Сега Зеленски зборува дека на самитот за мир, кој допрва ќе се знае кога би се одржал, и дали би се одржал, очекува да дојдат сите земји кои ги почитуваат суверенитетот и територијална целосност на Украина. Тој ги повикува земјите од Глобалниот Југ, но посебно Кина. „Кина има голема улога во светот и ние многу би сакале и таа да се приклучи кон „формулата за мир“ и кон самитот“, рече Зеленски за време на прес конференцијата со претседателската на Швајцарија Виола Амхерд. Тоа ќе биде многу тешко. Кина лани му ја претстави на Киев нејзината визија за мир во Украина. План од 12 точки во кој прва е прекин на воените дејства, а потоа преговори за мир. Русите начелно го прифатија тој план, а Украина го отфрли. Оттука прашање е што се’ сега ќе си кажат Зеленски и Ли Чијанг.
БЕЗ РУСИЈА НЕМААТ СМИСЛА СРЕДБИ ЗА УКРАИНА
За некои набљудувачи, на пример од Politico, Патувањето на Зеленски во Давос, е за учество на „журката“, за да не биде само посматрач од страна, кога веќе во минатото беше љубимец на светската елита. Тој одново сака да го привлече вниманието кон Украина, падната во сенка на она што се случува во Газа и на Блискиот Исток во целост. Згора на тоа во светот од вчера се повеќе ќе зборуваат за претседателските избори во САД. А Зеленски сака сите да мислат на Украина. На Украина и беа ветени над 100 милијарди долари помош, но сега никој не ги спомнува, а сите зборуваат за настаните во Црвеното море и можната ескалација на војната во тој дел од светот.
Одговорот на Русија на вестите од Давос, дека Зеленски го замолил Берн да организира мировен самит за Украина, а Швајцарија изразила готовност да го исполни тоа барање, не требаше долго да се чека. Анонимен извор од Москва соопшти дека:„Преговори, ако и кога да се одржат ќе бидат не врз основа на „формулата“ на Зеленски и не во „копеншакиот формат“, туку меѓу Русија и Украина и поаѓајќи од ситуацијата „на теренот“ и политичко географските реалности“. Соговорникот на РИА Новости, коментирајќи ја изјавата за самитот нагласил дека:„без Русија немаат смисла никакви средби за Украина“. Соговорникот додава дека „Киев сам себе правно си ги забрани преговорите со Русија, а Запад му испорачува на Киев оружје за терористички акции“.
„ Формулата за мир“, подготвена и туркана од Киев, бара обнова на територијалната целосност на Украина, давањето на евро - атлантски гаранции за безбедност и создавање на специјален трибунал за истрага на „воени злосторства“ на Русија. Ваквата иницијатива во Кремљ ја сметаат за целосно нереална. Прес-секретарот на рускиот претседател Димитриј Песков, одговарајќи на прашање за подготвеноста на Москва за таков меѓународен формат за разговор за конфликтот во Украина, како средбата во Давос, истакна дека Русија претпочита да ги постигне целите на полето на нејзината безбедност „со мирни средства“, „но во услови на апсолутна неможност за тоа, несакањето на земјите од колективниот Запад, несакањето на Украина да ги почитува нашите погледи на безбедноста, водиме и ја продолжуваме специјална воена операција, како резултат на која ќе ги постигнеме нашите цели“.
НИКОЈ НЕ СЕ ОТКАЖУВА ОД ТЕРИТОРИИ
Инаку, своевремено, министерот за надворешни работи, Сергеј Лавров, преговорите според „формулата за мир“ ги нарекуваше неостварливи. „Претседателот Путин зборуваше дека Русија е подготвена за преговори со Украина, но со водење сметка за своите интереси. Киев треба да се откаже од стремежот да влезе во НАТО и ЕУ, а исто така да ја признае „новата територијална реалност, настаната како резултат на реализацијата на правото на народите да се самоопределат“, нагласуваа во руското министерство за надворешни работи. Портпаролката на министерството, Марија Захарова, коментирајќи ја изјавата на швајцарскиот министер за надворешни работи, Игнацио Касис, за неопходноста од вклучувањето на Русија во преговорите за Украина, како услов за учество на Русија во нив рече дека :„Ако станува збор за желбата на некои земји да најдат излез од ќорсокакот во кој ги турна Вашингтон, тоа е една работа. Тогаш треба да престанат да испорачуваат оружје на Украина, да не носат антируски санкции и да не даваат русофобски изјави“. Според неа изјавата на швајцарскиот министер е за да се влијае врз „принципиелните приоди“ на Русија. Во таков случај „нас нема да не фатат во таа замка“, нагласи Захарова.
По сето ова јасно е дека ќе продолжат сценаријата за вежбите за војна на НАТО со Русија, последнава да ја спречат да не оди кон Европа. Јасно е дека Украина ќе бара мир според нејзини правила. Тоа важи и за Русија. На евентуален самит за мир во Украина, според она што допре од Давос сигурно ќе учествуваат лидерите на педесетина земји, од НАТО, од ЕУ, сојузници на САД. Се’ плус, би било добредојдено. Расположението на земјите од Глобалниот Југ не е променето. Тие повикуваат на прекин на војната и почеток на преговори. Кина ќе остане до крај сојузна со Русија. Земјите од БРИКС и покрај тоа што ја поддржуваат територијалната целосност на Украина не се подготвени до крај да играат според „формулата на Зеленски“. Украина не сака да се откаже од територија, ниту пак Русија сака да враќа територии.
А во меѓувреме се распламтува огнот на Блискиот исток. Газа, Јемен, а од вчера и ирански бомбардирања на цели во делот под контрола на Курдите во Ирак. Како ќе се развиваат работите околу Тајван по неодамнешните избори? Ќе сака ли Путин да учествува во преговори за Украина додека во САД не се завршат претседателските избори? Тешко. Тој сигурно се клади на Доналд Трамп, кој беше поразговорлив со Русите. Во САД се влечкаат со одобрувањето на ветената помош за Украина. Изолационизмот на Трамп како да се префрла кон се’ повеќе републикански конгресмени. Тие бараат од Бајден на преден план да ја има Америка и нејзините внатрешни проблеми. А дури потоа давање пари за Украина. Во ЕУ исто така нема единство околу помошта на Украина. Нејзините довчерашни поддржувачи економски ја блокираат. Сите ги гледаат своите интереси. И таму сакаат прво да си ги намират своите потреби, а потоа, ако има, и за другите. Каде е Украина овде? Токму затоа Зеленски замина Давос. Но актерските квалитети веќе не помагаат. Ќе видиме денес какви ќе бидат резултатите од неговиот настап и разговори.
Конечно, секоја мировна конференција е добредојдена. Секој сака да престанат убиствата на војниците на фронтот од обете страни. Но дали тоа ќе се оствари? И кога?
Мирче Адамчевски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.