19 Март, 2024
0.0221

Сивата економија и перењето пари

Објавено во: Колумни 09 Април, 2019

Добивај вести на Viber

Сивата економија може да се сретне кај сите видови на трговски активности кај коишто се појавува даночната евазија. Истата се состои од извршување на нелегални активности (трговија со дрога, оружје, бело робје, коцкање), како и од трговија со легални производи и услуги, при што не се пријавуваат вкупните приходи и доаѓа избегнување на плаќањето на данок.

Една од основните карактеристики на сивата економија е употребата на готовинските трансакции кои се извршуваат со цел да се прикрие трагата на криминалните активности. Покрај готовинските трансакции, во оваа сфера се извршуваат и низа на комплексни финансиски операции кои имаат за цел да ги легализираат нелегално стекнатите приходи.

Исклучително е тешко да се измери обемот на сивата економија. Еден од начините на мерење е преку производите набавени на нелегален начин коишто можат да имаат пониска или повисока цена од нормалната пазарна цена. Цената на нелегално стекнатите производи е обично пониска од редовната, затоа што кај таквите производи пониски се трошоците за нивно создавање, а избегнато е и плаќањето на данок. Меѓутоа, таков е случајот само кај оние стоки кои можат легално да се поседуваат. Производите чие поседување претставува нелегална активност обично имаат повисока цена од пазарната, затоа што трошоците за нивно илегално создавање се повисоки, а поголема е и опасноста при трговија со таквите производи.

Дури и во случај кога цените на производите на црниот (нелегалниот) пазар се пониски од редовните пазарни цени, сепак најголемиот дел од потрошувачите го преферираат легалниот пазар. Има повеќе причини за таквата појава: на потрошувачите им пречи непочитувањето на законот од страна на трговците чии активности се во сферата на сивата економија; потрошувачите ги преферираат трговците кои легално работат затоа што истите можат полесно да ги контактираат во случај на проблеми со набавениот производ; во некои земји самото поседување на производи кои се купени на нелегалниот пазар претставува криминал.

Во теоријата и практиката се среќава многу тесна поврзаност помеѓу сивата економија и перењето пари. Субјектите кои своите активности ги извршуваат во сферата на сивата економија, настојуваат да ги легализираат своите приходи, со цел да можат непречено да уживаат во стекнатите материјални добра. Затоа, тие преземаат низа активности кои можат да бидат оквалификувани како перење пари.

Проблемот на перење пари претставува предмет на интерес и истражување на голем број на меѓународни и национални институции и организации, како и на голем број на експерти од теоријата и практиката. Истото може да се дефинира како збир на активности со кои се врши целосно или делумно прикривање на природата, локацијата, изворот, сопственоста или контролата врз парите. 

Можеби наједноставна, а истовремено и "најпластична" дефиниција е онаа која феноменот на перење пари го опишува како претворање на "црните" пари во "зелени". Перењето пари е една од основните активности кои се карактеристични за сивата економија.

Во минатото, терминот "перење пари" се однесуваше само на финансиските трансакции коишто се поврзани со организираниот криминал. Денес оваа дефиниција е проширена и ги вклучува и оние финансиски трансакции кои генерираат одреден профит како резултат на одредена нелегална активност (даночно затајување, двојно водење на сметководствената евиденција и сл.). Перење пари можат да вршат поединци, помали или поголеми трговски друштва, корумпирани државни службеници, па дури и цели држави. 

Во принцип, тешко е да се согледа обемот на феноменот перење пари во меѓународни рамки. Причина за тоа е што перењето пари се одвива надвор од вообичаениот опфат на економската статистика. Сепак, може да се направи барем приближна проценка на обемот на перењето на пари. Така на пример, според статистичките податоци на ММФ, обемот на перењето пари на светско ниво се движи помеѓу 2% и 5% од глобалниот бруто домашен производ. 

Процесот на перење пари може да се појави било каде во светот. Субјектите кои се занимаваат со перење пари бараат географски подрачја каде што ризикот од нивно откривање е најмал, поради неефикасните програми и мерки за спречување на перење на пари. Со оглед на тоа што целта на овие субјекти е да ги легализираат стекнатите финансиски средства, обични истите се насочени во земји со стабилни финансиски системи.

д-р Гоце Трајковски

Во текстот се изнесени лични ставови на авторот коишто не мора да кореспондираат со официјалниот став на Народна банка на Република Северна Македонија

Можеби ќе ве интересира

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?