„СКАПИ“ МЕНАЏЕРИ: Пошта трупала загуби, тие се осигурувале - еве што открија ревизорите
Објавено во: Економија 28 Мај, 2020
Ревизорите само го потврдија она што јавноста веќе и го знае, а тоа е дека има многу неправилности во работењето државниот оператор за поштенски сообраќај.
Се давале големи попусти за поштенските услуги, од што, пак, се изгубиле значајни приходи од над еден милион евра, менаџерите си склучувале договори за нивно осигурување иако не требало да го прават тоа бидејќи друштвото работи со загуба, работници со пониско образование работеле на места како за повисоко, а работниците на кои им се давале аванси за службени патувања и други намени, не ги враќале парите и по неколку години.
Ова го откриле државните ревизори по чешлањето на финансиските „книги“ на акционерското друштво Пошта, кое е во државна сопственост, а се однесува за периодот во 2018 година.
Што издвјуваат ревизорите во својот опширен извештај?
Одобрен бил попуст, пишуваат, од 50 отсто на регулираната цена за голем корисник за резервирани поштенски услуги, за кои АД Пошта има ексклузивитет и гарантирана цена.
„Како резултат на посебна цена за резервирани поштенски услуги од 9 денари, односно попуст од 50 отсто, само во 2018 година бил остварен помал приход од 86.054.000 денари ( близу 1,4 милиони евра ) доколку се применела редовната цена“, се вели во извештајот.
Ревизорите сметаат дека оваа договорена цена од 9 денари не е во согласност со Законот за поштенски услуги.
Ревизијата не се уверила дека приходите од поштенските услуги се целосно прикажани во финансиските извештаи и дека биле правилно вреднувани.
„Од причина што во сите подружници се врши фактурирање по договори, а не се следи реализацијата на договорите, освен од страна на службите за финансии, постои висок ризик за неостварување на приходот поради пропуст, грешка или злоупотреба“, се вели во ревизорското мислење.
Државните ревизори констатирале и дека, во услови кога Поштата работи со загуба, Надзорниот одбор одобрил склучување на договори за менаџерско осигурување за седуммина членови на Управниот и на Надзорниот одбор.
Односно, АД Пошта работела со загуба, која до крајот на 2018 изнесувала околу 10 милиони евра, од кои само во 2018 година се направени над 2,5 милиони евра, а остатокот е од претходните години, што говорело дека финансиската состојба на друштвото е значително влошена. Тоа, пак, според прописите, укажувало дека во такви услови не требало да се склучуваат договори за осигурување на менаџерите, односно дека трошоците за менаџерското осигурување не биле целисходни.
„Но и покрај тоа, Надзорниот одбор одобрил склучување на договори и полиси за осигурување за периодот од април 2018 до април 2019 година. Од страна на осигурителната компанија по овој основ е доставена фактура од 2,76 милиони денари (речиси 45 илјади евра), која е платена од сметката на Пошта“, се вели во извештајот.
Што се однесува до систематизацијата на работните места, во извештајот се наведува дека на одредени позиции биле распоредени лица со понизок степен на образование од тој што бил предвиден според правилниците.
Работниците со завршен четврти степен на стручна подготовка кои со своето работење се докажале како способни да извршуваат посложени работни задачи, склучиле договори за работа за места за кои е предвиден шести степен на стручна подготовка. Тие, пак, со шести степен, можеле да потпишат договор за вработување за работно место за кое е предвиден седми степен. За овие работници платата била намалена за 5 отсто во однос на позицијата. Дури, на предлог од раководни лица, заради ефикасно и непречено извршување на работни задачи, се дозволувало, вработени со средно образование, да работат на позиции за кои е предвидено високо образование, со 10 отсто помала основна плата.
Во 2018 година АД Пошта продала градежен објект, односно деловен простор, во нејзина сопственост, со јавно наддавање, без да пресмета и наплати ДДВ.
„Во врска со проджбата е издадена фактура на износ од 8,36 милиони денари. Согласно записникот од Комисијата, а подоцна и склучениот договор, купувачот ја има платено само основната цена од 7,084 денари, но не и ДДВ-то од 1,28 милиони денари, кои до денот на ревизијата не е платен, а за што Пошта повела судски спор“, се вели во извештајот.
За побарувањата по основ на кусоци од благајничко работење не е направена соодветна проценка, и покрај тоа што има индиции за обезвреднување на тие средства.
Во извештајот стои дека заклучно со 2018 година вработените должеле речиси еден милион денари по основ на дадени аванси за виза картички, аконтации за службени патувања и останати побарувања за дневници.
„Со анализата на старосната структура на побарувањата утврдивме дека 10 отсто од нераздолжените аванси се од 2018 година, дури 65 отсто се побарувања од 2017, 4 отсто од 2015, 17,5 отсто од 2014 и 3,5 отсто од 2013 година. Несоодветното постапување на дел од вработените кои биле задолжени со аванси, како и непреземените мерки од Пошта за наплата, не се во согласност со Уредбата“, се вели во извештајот,
Цените за универзални поштенски услуги за договорните органи кои го применуваат Законот за јавни набавки и утврдени во законска постапка се различни од цените одобрени од Агенцијата, а предвидени се и посебни цени за големи корисници, дефинирани од Управниот одбор.
Како одговорни за овие наоди се сметаат Фадис Реџепи, кој бил генерален директор и претседател на УО од 2014 до крајот на август 2018, како и Ејуп Рустеми, кој на местото прв човек на Поштата дојде од први септември 2018 година, а таа функција ја извршува и во овој период.
Рустеми минатата година за Фактор изјави дека со неговото доаѓање на челната позиција во Поштата се намалува финансиската загуба од работењето. Неговите очекувања беа дека за 2019 година финансискиот резултат веќе треба да дојде до нулата, а од оваа година веќе да почне да се работи и со добивки.
Нина Нинеска-Фиданоска
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.