10 Декември, 2024
0.0430

Скапите репроматеријали ќе ги докрајчат ситните земјоделци

Објавено во: Агробизнис 10 Февруари, 2022

Добивај вести на Viber

Поскапе нафтата, ѓубривата и другите репроматеријали кои се неопходни за земјоделско производство, и тоа ќе придонесе земјоделците кои работат на мали површини да се откажат од работа.

Оние кои нема да имаат пари да инвестираат во производство, ќе ги остават нивите необработени. Во земјава доминираат ситните земјоделци и тие ќе бидат најзасегнати од бранот поскапувања. Ристо Велков од Синдикатот на земјоделците од струмичкиот регион вели дека 50 килограми ѓубриво сега чини и до 2.500 денари, или пак за 10 килограми плаќаат по 1.500 денари.

„На крајот ќе трпат последици и производителите и конзументите. Ако некој засади одредена култура, тој треба да користи ѓубрива, заштита, за да има род, а граѓаните пак ќе треба да платат повеќе за домашното земјоделско производство. Производствената цена ќе биде повисока, а она што ќе се произведе никој не гарантира по која цена ќе се продаде. Тој што нема финансии, не може да инвестира. Во Македонија 30 години нема соодветни земјоделски политики, и затоа сме на ова дереџе“, рече Велков.

Тој порачува ако се преземат мерки за помош на земјоделците во време на енергетска криза, да бидат опфатени буквално сите гранки, за да нема раздор и реакции.

Од земјоделските аптеки велат дека најголемо поскапување има на најлоните и ѓубривата, но покачување има и кај препаратите за прскање. Ако се намалува бројот на земјоделци, и бројот на земјоделски аптеки ќе се сведе на минимум.

„За разлика од лани, работата е падната за 50 отсто, а ако вака продолжи ќе биде лошо“, велат од струмичка земјоделска аптека.

Инаку, земјоделците ќе добијат повеќе пари од државата за да ги покријат трошоците за зелената нафта. Министерот Љупчо Николовски објасни дека оваа мерка се носи поради тоа што ваквиот трошок во сите земјоделски култури е зголемен за 13 проценти.

Сања Атанасовска

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.