Скопјанецот кој управува 13 хотели во Прага: Мали сме, но имаме вишок его
Објавено во: Економија 05 Декември, 2018
Во Прага заминал сосем случајно, сега е генерален директор на чешкиот ланец хотели „Ореа“. Горјан Лазаров вели дека за својот живот го одбрал потешкиот пат – сам да се пробива во земја во која никој не го познава, наместо да напредува овде па неговите успеси да се препишуваат како дел од успешноста на неговиот татко. Горјан Лазаров е уште еден Македонец кој има успешна кариера надвор од земјава. Засега не би се вратил. Не, затоа што посакува неговата мала ќерка, како што вели, да живее во општество во кое наместо силата на мускули владее силата на аргументи.
Неговата приказна во Чешка започнува со љубов на прв поглед во Прага во време кога бил на средношколска екскурзија. Потоа таму го продолжил образованието. Сега е сведок дека Чешка со светлосна брзина оди напред. Живее во земјата во која невработеноста е на најниско ниво во Европската Унија.
„Уште пред завршувањето на образованието добив понуда за работа од Мериот. Одбрав веројатно потежок пат, пробивајќи се сам, без „педигре”. Македонија е мала држава и моите успеси таму би се гледале низ призма на позицијата на татко ми. Вака, тој имаше можност да гради професионална телевизија, поинаква од македонските ,,пиљарско-шлеперски’’ стандарди, за што сум посебно горд, без товар дека некому должи за мене. Јас го одбрав предизвикот да градам свој живот, кариера и искуство надвор од Македонија, вели Лазаров.
Тој работи и како професор иако моментно е на оправдана пауза затоа што има мала ќерка на која и се посветува. Во последните две години е дел од најголемиот чешки хотелски бренд„Ореа“, компанија која има 13 хотели низ цела Чешка, еден во Прага. Сите се изградени во 80-тите години, па сега е процес во кој тие се модернизираат. Во следните три години планот е да се инвестираат 30 милиони евра, а за пет години воланецот да има 30 хотели кои ќе ги менаџираат, дел од нив и надвор од Чешка.
Инаку Прага е меѓу топ пет дестинации во Европа, а бројот на хотели таму е поголем од Виена на пример.
Го прашав каков спој направил меѓу Македонија и Чешка. Вели дека не е од тие кои го бараат Скопје во Прага затоа што тоа не е можно.
„Прага не само што е прекрасен град, туку нуди одличен квалитет на живот. Знам луѓе кои живеат тука од Лондон, Њујорк... Значи, не треба се да се гледа низ призмата кај нас не чини и да се бега од дома, туку светот навистина станува „глобално село” и професионалниот ангажман и местото на живеење често го одредуваат предизвиците пред кои сме исправени и целите што ги имаме во животот, вели Лазаров.
РОБОТ НА РЕЦЕПЦИЈА
Новото време носи нови предизвици и за хотелскиот бизнис, па Лазаров вели дека сега се фокусирани на тоа.
„Мислам дека следните 20 години ќе бидат во знакот на роботизацијата и вештачката имтелигенција. Работиме на дигитализација на компанијата. Прва хотелска компанија сме во Европа што вклучи робот на рецепција, кој дава информации за хотелот и околината. Мислам дека клучни во хотелите и натаму ќе бидат луѓето, меѓутоа дигитализацијата ќе ни овозможи трансакциските работни задачи да ги прават машините, а луѓето да се фокусираат на индивидуализиран пристап кон гостите. Впрочем, емпатија и емоција се веројатно единствени работи што за роботите ќе се недостижни, дециден е.
Во последнава деценија се отворија доста хотели и во Македонија, а Лазаров вели дека и покрај тоа што има раздвижување на тоа поле,бројот на гости се уште е мал.
„Мислам дека се пропушти шанса да се развива Охрид како туристички центар и наместо тоа се потрошија многу пари на Скопје 2014. Субвенциите за нискобуџетните компании не треба да се наменети за иселениците да се враќаат дома, туку за привлекување странски туристи. Обично, што и да работам, секогаш ги согледувам силните страни и тоа се темелите на кои треба да се гради. Кај нас, за жал, мала држава сме, ама колку што сме мали толку имаме големо его. Секој што доаѓа на власт почнува од почеток, нема континуитет и така за жал се трошат многу пари, а резултатите не се најдобри, вели Лазаров.
Тој вели дека основата треба да е образованието, но дека важно е и искуството. Напредувал без никој да му побара диплома иако има завршено МБА на Питсбург, еден од водечките светски универзитети, или Менаџерска програма на Корнел. Раскажува и дека на едно од првите предавања на Англо Американ Колеџ имал прашање, а професорот му одговорил дека не знае, но дека ќе провери до следниот час.
„За мене тоа беше шок. Нашиот образовен систем до тогаш ме немаше научено дека е нормално да не знаеш. Дека не можеш да знаеш се, вели Горјан Лазаров.
ДА ИМА БИЗНИСМЕНИ БЕЗ ПОЛИТИКА
Лазаров вели дека во слободното време игра тенис и скија. Често доаѓа во Скопје, но овде нема да се врати, барем не засега.
„Македонско семејство сме, така што голем дел од блиските ни се во Македонија и живееме на релација Прага - Скопје. Би се вратил кога би имало вистински предизвик, но и кога некои општествени норми ќе се сменат. Правдата мора да важи за сите, без разлика на партија, религија или етничка припадност. Силата на мускули, треба да се замени со сила на аргументи. Институциите треба да даваат сервис за граѓаните без потреба од ,,врски”. Во такво општество, со такви вредности сакам да расте моето дете. За жал, мислам дека сме се уште далеку, вели тој.
На Македонија и посакува да биде рамноправен член во Унијата.
„Да има функционална пазарна економија. Како бизнисмен да не зависам од владеачката гарнитура, без разлика кој е на власт. Знам дека сме мали, дека глобалните интереси раководат со светот, и треба многу мудрост за справување со предизвиците. Мора да се научиме дека споровите се решаваат со компромис, ама мора да научиме и дека без разлика на партија, како и етничка припадност, ако ја градиме Македонија како наша држава постојат работи за кои мора да има национален консензус. Само така ќе се сочува нашето државно достоинство, вели Горјан Лазаров.
Александра Томиќ
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.