19 Април, 2024
0.0247

”Скопје-Сарај-Матка релација кратка......“

Објавено во: Колумни 26 Мај, 2019

Добивај вести на Viber

Овој не баш инвентивен рефрен беше постојан придружник,скоро ритуал,на детските патувања во раните 60-ти со „Пионерското вовче“.Велат името го добило по тоа што на одредени датуми,важни за Титовите пионери,малото забревтано превозно средство, што за многумина значеше и  папочна врска со градот,било опслужувано оd екипаж со црвени шамии.Да бидам искрен за ова не можам да гарантирам со сведоштво на очевидец од едноставна причина што тогаш бевме многу тазе пионери.Но, затоа низ годините, се до неговото исчезнување од лицето на градот и од колективното паметење на скопјани,многу често го користевме за школски екскурзии,Првомајски излети со родителите и за љубопитни патувања низ околните скопски излетнички места.

Вовчето тргнуваше од станицата во Градскиот парк што подоцна стана кафеана „Езерце“, по која сега тагува една друга генерација скопјани, која својата младешка енергија и,се разбира, изобилното слободно време ги трошеше во угостителскиот објект, кој од неразумни причини сега е срамнет со земја.Имаше возен ред, кондуктери и контролори(подоцна ги гледавме во автобусите на ГСП),„шеф станице“, машиновозачи  и ложачи (малата локомотива беше парна). Вагоните беа минијатурни (имаше и летни, многу романтични и практични за познатите сопски горештини).


Вовчето по „бедем“ бавно се пробиваше низ Градскиот парк, го премостуваше Вардар (секогаш тоа ни беше возбудливо), во Ѓорче од него слегуваа и се качуваа патници, потоа преку Оризари, каде што имаше полигон за резервисти на ЈНА(постојано нешто вежбаа и маршираа), а кои машиновозачот ги поздравуваше со громогласно свирење од локомотивата,се стасуваше во Сарај, каде што беше излетничкиот рај со базен и кафеана (не многу достапни во прво време за обичните смртници) и доаѓаше до крајната дестинација Глумово. Оттука кој сакаше продолжуваше пеш кон Матка, а останатите патници заминуваа кон селото и околните населени места, Шишево, северозападните  падини на Водно и по течението на Треска.

Излетниците и екскурзијантите се распрснуваа на полјанките покрај живописната десна притока на Вардар, се до нејзината утока на Кривина, култното капалиште на скопјани. Тука пливаа и се сончаа, кревајќи чалам генерации капачи и скопски убавици, кои исончаните тела потоа ги рекламираа у Скопје, небаре се бањале на Азурниот брег, а не на Треска и Вардар. Реката беше и рај за риболовците.Вриеше од бојник, клен, мрена и по некоја пастрмка, сите во солидна големина и тежина,кои беа клучни при приказните на враќање со вовчето.

А враќањето се знае, со последното вовче за Скопје. Патниците исти од сабајле, освежени со по некој нов, кој по работа или од работа се враќа во главниот град.

Не помалку свежи во сеќавање ми се практичните есенски посети на Глумово,Шишево и Матка. Имено, Матка беше мајдан за диви смокви од кои мајките низ „девет води“ го подготвуваа слаткото од смокви, од кое смееше да се земе само едно смоквиче, тешко на тој што ќе се заслади со две или повеќе. Покрај Треска имаше вистински плантажи со диви капини. Слаткото од овој ситен бобичест плод беше деликатесно. Но, берењето беше болно, поради боцкте и непристапните жбунови со темно црвениот плод.

Убаво е од време на време да се сети човек и на „Вовчето“.А тие што тоа им е работа да го стават во агендата на своите активности, да им го вратат на граѓаните (со помош на нивните пари), барем како музејски експонат, во музејот на сеќавањата и спомените на скопјани! 


Мојсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок