25 Април, 2024
0.0254

Скопските дворови

Објавено во: Колумни 31 Март, 2019

Добивај вести на Viber

Во дворот се влегува едноставно-само ќе го поткренеш обрачот од тел со кој обичната чкрипава дрвена врата е допрена до раснишаниот дрвен столб и ете си во дворот.До приземната куќичка во центарот на Скопје со неколку соби(простории) наредени како вагони на железничка композиција води бетонска патека.Од двете страни на патеката е цветна алеја-напролет со зумбули и по некое кокиче и нарцис,а потоа цела година до доцна во есента царуваат  разнобојни рози,внимателно поткастрени и окопани и наѓубрани со прегорено овчо „ѓубре“ што го продаваат жителите од околните скопски села натоварено ва вреќи што ги носат на магаре или коњ.

Во дното на дворот во кој ладовина прават родни дрва-кајсии,праски,вишни и дудинка и задолжителна лозница поткачена на чардак- конструкција од метални столбови и тел се наоѓа пумпата за вода за налевање на бавчата и за разладување во спарните и неиздржливи скопски жешки лета.Од неа низ трапови водата што обично ја пумпа некој од повозрасните водата стасува до леите со најразличен зеленчук-во зависност од сезоната:се почнува со лукче и кромитче,потоа со пипер и патлиџан,па грашок и боранија,бамја и модар патлиџан,па до по некој трап компир и два-три реда пченка за варење и печење  во жарот на огнот, со кој се подготвува зимницата,кога ќе и дојде време.

Помалку или повеќе ова е сликата од секоја скопска куќа чии станари држеа до себе-не може дворот да биде запустен и некултивиран.Настрана тоа што се имаше во секое време зеленчук и овошје токму толку колку што ти е потребно за да тераш мрза и не одиш на пазар ,кога ептен не ти се мрда од дома.А ние дечишта не сме ни размислувале за тоа дека бавчата околу куќата,без оглед колкава е, доста помага во домашниот буџет што го полни само еден вработен,најчесто.Што се вели меѓу луѓето-„и мува да ти влезе дома,жив ќар си или сирома чоек, жив ѓаол!“

Земјотресот не распрчка во разни приградски населби,ги растури маалата,ги запрета бавчите и цветните леи.Одеднаш се најдоа скопјана во урбанизирани населби,среде бетонски тротоари и асфалт.Со пусти дворови околу монтажните објекти.Од првите денови на доселувањето сите како еден започнаа натпревар кој поубава бавча ќе направи во новиот двор.Бавча како синоним дека животот оди натаму.Како рефренот од детската песна-„животот е чудна река-брзо тече не те чека“.Се пресликаа чиниш за минута старите скопски дворови во Влае,Тафталиџе,во Радишани и Драчево,Сарај и Ѓорче.

Сега со малку поинаков план-пред куќи трева и цвеќе,е одзади зеленчукова градина.Место пумпа,чешма со подолго гумено црево.Повторно рацете налето мирисаа на домат јабучар и налутуваа од пиперот,тежеше од овошје и од понекој грозд хамбург- грозје на лозниците што стасаа за две-три години во обновените дворови.Полека ги снемува бараките од скопските населби-растат поголеми објекти без двор и зеленило.По некој добро уреден двор со трева и бонсаи дрвца и толку.Ни трага од некогашните идилични слики како од разгледница...тоа ти е!!!! 


Мојсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок