29 Март, 2024
0.0246

Слобода, либерализам, единство, љубов, иднина

Објавено во: Колумни 31 Јануари, 2014

Добивај вести на Viber

На тарабите, на фасадите на зградите, катадневно се пишуваат пароли, и првиот импулс е прекорувачки и на моменти гневен став на мнозинството македонски граѓани, кои примарно сметаат дека не е умесно да се уништува една фасада на нова зграда, да се унаказува одреден урбан објект, да се сквернави одредено култно место. Во неврзан разговор со граѓаните, без оглед на која возрасна категорија припаѓаат, на теми поврзани со графитите во нашиот град, недвојбено нешто што првенствено им пречи се постојаните сквернавења, со еден збор, кажано еднодимензионален поглед на пишувањето графити. Да не бидам погрешно сфатена дека јас безрезервно поддржувам пишување графити на секое место и уништување на делови од урбани целини, но не сум априори против графитите на младите. Мојот поглед не е едностран, напротив, мултидимензионален, бидејќи покрај негативистичкиот дискурс кој го има графитното боење на урбаниот простор, има и низа позитивни аспекти, кои во поголема мера се согледуваат во текстовите на истите. Очигледно е влијанието на политичките партии врз младите луѓе Она што  јас прво го забележувам кај било кој графит кој ги краси и кити фасадите, тарабите, билбордите и други места на кои слободно може да се напише по некој збор е пораката која ја има графитот. Мала концентрација и продлабочено внимание на текстовите кои тие ги содржат може да предизвикаат, посебно кај оние кои искрено ја сакаат својата мила татковина, грижа и размисла, бидејќи содржината на пораките многу говори. Несомнено го потенцирам тоа бидејќи една моја мала социолошка анализа на самите содржини ме наведе на неколку заклучоци. Првенствено дел од графитите се со политичка содржина, но не многу пријатна, повеќе вулгарна и навредувачка. Имено, очигледно е влијанието на политичките партии врз младите луѓе, кои не размислувајќи за самиот текст, можеби повеќе механички, испишуваат пароли за кои и самите верувам дека не се доволно задлабочени во содржината. Навреди, плукање, омаловажување, деградирање, дискриминација и говор на омраза провејува низ тие графити. Другиот тип на графити се со малку поведра содржина, но тие се доста ретки, и содржат поттик на одреден спортски клуб, на одредена личност, на одредено маало и во себе ги вткајуваат позитивните зборови напред, најдобар/и, успех, поттик и тие се навистин симпатични и стимулирачки, укажувајќи на љубовта на младиот човек кон одреден лик, деец, клуб, средина. Но оние третите, е тие навистина ме загрижуваат и нивните пораки и те како треба продлабочено да се анализираат. Во нив доминира многу суштинска порака која ни говори за местото и улогата на младиот човек во ова наше општество. Во нив се споменува дека партијата е најдобриот лек за вработување и лек кој ги лечи сите современи хронични заболувања. Дел од нив велат Америка не е далечна земја, таму секој може да успее...други велат биди паметен и со време замини си...трети велат биди млад, биди послушен и ќе успееш...и уште многу такви кои искрено ме наежуваат и загрижуваат бидејќи навлегуваат во сржта на проблемот со кој ние се соочуваме а тоа е одливот на млада интелегенција. Љубов и единство дава светла иднина Либерализам, слобода, индивидуализација, љубов, единство, се флоскули кои исчезнуваат од нашиот речник и како невозможна мисија е да се сретне парола или графит со таква содржина. Но од сивилото и маглата деновиве се изнедри млада група луѓе кои токму центарот на своето делување го поврзаа со тие збпрови-љубов и единство е еднакво на иднина. Ме фасцинира ентузијазмот и желбата да се покаже и докаже на младиот човек дека не треба само да бара од државата, туку треба и да придонесе за нејзин развој. Ме импресионираа нивните мисли, пароли и размисли дека гласот на младиот човек треба да се слушне во државата, дека секој треба да напредува според сопствените компетенции. Нивните поимања и погледи одеа до таму што истакнуваа дека конечно младиот човек треба да биде предводник и носител на позитивните општествени промени, апатијата која ги зграпчи и ги држеже долго во синџири младите луѓе треба да се замени со позитивен пристап и ведар дух за чекор напред. Тие млади луѓе размислуваат својата иднина да ја градат во оваа држава, која е нивна, во држава во која тие ќе бидат авангарда и носители на прогресот, инвентивноста и позитивниот тренд. Одамна не сум ја почувствувала таа позитивна енергија од илјадници млади кои маршираа под мотото ЉУБОВ И ЕДИНСТВО ДАВА СВЕТЛА ИДНИНА.  Браво во секој случај и со таква младина не треба да се грижиме за општествена иднина. П.С. Секој современ град има свој урбан простор каде младите може да пишуваат графити и да цртаат. Тоа е нивен уметнички начин на изразување, посебен културен дискурс на урбаноста и инвентивноста на младиот човек. На тој начин тие и покажуваат што недостига, што им пречи, но и инвентивни идеи кои ќе придонесат за некое повисоко општествено добро. Браво за инвентивнта младина и да им дадеме можност на било кој начин да се изразат, бидејќи од нив многу можеме да научиме. Д-р Татјана Стојаноска Иванова Институт за социологија Филозофски факултет-Скопје

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?