Добивај вести на Viber
Словенците се оправдано загрижени по веста дека нивниот трговски гигант „Меркатор“ заврши во рацете на хрватски „Агрокор“. Имено, оваа фирма е еден од столбовите на словенечката економија - секое петто претпријатие во Словенија е добавувач на „Меркатор“, а преку продажбата во оваа мрежа се остваруваа меѓу 8% и 10% од словенечкиот БДП!
Според словенечките медиуми, сепак, најголемата загриженост доаѓа од стравувањето дека „Агрокор“ ќе го намали бројот на вработени во оваа компанија, како и дека на рафтовите во продавниците на „Меркатор“ веќе нема да се продаваат словенечки производи, туку производите на „Агрокор“, што ќе предизвика и пад на потенцијалот за продажба од традиционалните добавувачи за оваа компанија.
„Меркатор“ само во Словенија во моментов вработува околу 12.500 луѓе, со што е најголем приватен работодавач во оваа земја, а според пресметките на синдикатите, индиректно со овој синџир за малопродажба се поврзани речиси 100.000 работни места.
„Можеме да очекуваме големи промени“, вели агро-економистот Алеш Кухар, додавајќи дека „Агрокор“ веројатно ќе ја примени политиката на намалување на трошоците и на штедење, а во тој процес треба да се очекуваат и „нефер потези“ во однос на добавувачите, прехранбената индустрија и земјоделскиот сектор во Словенија.
Словенечката премиерка Аленка Братушек најави дека по официјалното преземање на „Меркатор“, со новите сопственици од „Агрокор“ ќе разговара министерот за економија Метод Драгоња, кој ќе бара да се почитуваат обврските во однос на вработените во словенечката компанија.
АГРОКОР-МЕРКАТОР: Овој човек станува еден од највлијателните на Балканот!