19 Март, 2024
0.0251

„Слугата на народот“ ќе ја освојува Украина

Објавено во: Колумни 19 Јули, 2019

Добивај вести на Viber

Новиот состав на Врховната рада или парламентот, Украинците ќе го избираат на вонредни избори во недела. Според анкетите, само пет партии имаат шанси да влезат во парламентот. Партијата на претседателот Владимир Зеленски е лидер, а по неа се „Опозиционата платформа-за живот на прорускиот политичар Виктор Медведчук, па „Европска солидарност“ на бившиот претседател Петар Порошенко, па „Татковина“ на Јулија Тимошенко, некогашен премиер и „Глас“ предводена од музичарот Светислав Вакарчук. Можно е да влезат и една до две други партии, да го поминат цензусот од пет проценти, бидејќи нивната позиција сега е во рамките на статистичката грешка.

Основата на идниот парламент ќе ја прави лидерот на изборните анкети „Слуга на народот“ , партија која се подготвени да ја поддржат од 42 до 52 проценти од гласачите, според разните истражувачки компании. Најверојатно партијата би добила околу 47 проценти од гласовите што не би било доволно да добие мнозинство во парламентот. Па оттука ќе биде потребно да се создава коалиција. Според некои експерти, Зеленски не ќе сака да биде коалиционен партнер со Петар Порошено, чија партија би освоила околу седум проценти од гласовите,ниту пак со проруската партија на Медведчук, на која анкетите и даваат над 10 проценти. Составот на парламентот многу ќе зависи и од резултатите на изборите според мнозинскиот принцип.

Редовните избори во Украина требаше да се одржат во октомври, но новоизбраниот претседател Зеленски качен на крилата од надмоќната победа против Порошенко си зеде за право да бара предвремени избори. Мотивот за нив е во потребата од промени во општеството, што беше и една од најавите на неговата претседателска кампања во која се бараше распуштање на парламентот. Се чини дека тој е во право зашто од претседателските избори до денес постојано наидуваше на опструкции од страна на депутатите. Па во парламентот не можеше да помине некое негово решение, бидејќи депутатите лојални на претходниот претседател ги игнорираа седниците. А веројатно беа и лути на Зеленски што пред време ги распушти, па со бојкотот како да му враќаат.

Кампањата за изборите во парламентот помина без многу изненадувања, наспроти неодамнешната за претседателските избори. Зеленски многу не се напрегаше и не нудеше нови програми, а повеќе како да се трудеше да ја искористи својата популарност и надмоќна победа над Порошенко за да освои што повеќе гласови. На претседателските избори Зеленки освои над 73 проценти од гласовите.

Сега тој бара мнозинство во парламентот за да ја намали можноста од политичка корупција. Зашто демократиите од овој вид, како украинската, патат од потребите за консензус по секоја цена. Па така се носат решенија кои само ја намалуваат ефикасноста на власта. А ако имаш корумпирана држава како Украина,  тогаш појасна е желбата на Зеленски, кој во едно интервју вели: „Мнозинството во Врховната рада дава можност да се прекине традицијата на договарања. Традицијата на политички бришач за чевли, на продавање на места, на менување на портфељите. Ние сакаме да освоиме многу гласови, висок рејтинг, заради тоа за да ги намалиме можностите со некого за нешто да зборуваме“. Тој во интервјуто се пожали дека во земјата не може никому да му се верува. Оттука и неговата намера да не оди на компромиси по секоја цена, туку да бара способни, неизвалкани кадри во владата. „Мислам дека за изминатите 30 години имавме доволно компромиси, ни требаат нормални, чесни луѓе во владата. Јас би сакал да има повеќе млади, нормални луѓе“, вели Зеленски.

Нему му е јасно дека олигарсите и корупцијата на сите нивоа си го направија своето во Украина. И земјата дојде на сегашното дереџе. Кога на народот во преден план му е благосостојбата, мирот во државата, прекин на воените дејства, што помалку корупција.., а не НАТО и ЕУ. А сето ова го ветуваше Зеленски. Се разбира дека тој не се откажува од евроатлантската соработка, но во својот план има приоритети. На пример мирот во Донбас. Неодамна тој му поѕвони на Путин и разговараа најмногу за оваа тема. Во средата Зеленски изјави дека некои од западните партнери му велеле да не му се јавува на Путин, а тој, парафразирам, вели дека ги почитува партнерите, но неговата земја си има своја политика, приоритети и ставови за одредени прашања. За реализација на своите намера Зеленски најави формирање на професионална и технократска влада. Во видеообраќањето кон странските инвеститори тој рече: „Моја цел е Украина да биде една од најбрзорастечките и развивачкиекономиии во Европа. Јас ќе ја туркам таа цел и мојата нова професионална и технократска влада неа ќе ја остварува“.

Од зборовите на Зеленски станува јасно во која насока тој сака да ја води земјата. Приоритетите му се внатрешно политички, се разбира, што не значи дека надворешно политичките ќе бидат занемарени. Особено оние во светлината на затегнатите односи со Русија и барањето поддршка од меѓународната заедница за справувањето со проблемите со својот сосед.

Што и треба на Украина во моментов? Силна партија. „Слуга на народот“ како партија има можност да ја освои Украина. Владимир Зеленски, иако до сега многу не се покажа да може да се ценат неговите државнички квалитети, има можност да направи една прогресивна партија со добар резултат на изборите. Партија ослободена од влијанието на олигарсите, банкарите, од корумпираните и криминални авторитети. На земјата и е потребно да се справи со администрацијата, бирократските државни служби, исто така корумпирани. Да ги намали и да ги направи попрофесионални и поефикасни, пообразовани. Многу битно е во земјата сега да се формираат и да се појават партии кои нема да зависат од поединецот. Нема да бидат султан-партии. Туку ќе си имаат свои програми кои би се реализирале независно од тоа кој е на чело на партијата. Не помалку важно е да се има судска власт која ќе ги решава споровите праведно и според закон. Да ги реформира правосудните органи. Ова не само заради обичниот граѓанин, туку и заради инвеститорите, кои лесно можат да се изгорат при некои свои вложувања во земјата. Да ги реформира безбедносните служби. Зашто некои влијателни поединци во нив веќе покажуваат заби.  Паралелно со ова Украина не треба да ги запостави своите односи со нејзините партнери од Запад, особено во напорите за решавање на прашањето на Донбас.

Кога се пишува се’ ова погоре човек, како да пишува за Македонија! Очигледно судбината на државите кои не се самоодржливи е слична. Тешко се избегнуваат замките на патот на државотворност. А во меѓувреме реки народ, од Украина милиони, од кај нас стотици илјади, го бараат својот тек – на запад, на запад...

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?