16 Септември, 2019
0.0162

„Слугата на народот“ почнува да служи во Украина

Објавено во: Колумни 07 Септември, 2019

Предизборните ветувања на победникот на претседателските избори, Владимир Зеленски и на неговата партија „Слуга на народот“, на парламентарните избори, почнуваат да се реализираат. Прво што најавуваше Зеленски беше укинувањето на неприкосновеноста на пратениците во Радата(Парламентот), а веднаш потоа Законот за импичмент на претседателот. Неприкосновеноста е одземена уште на првата сесија на Парламентот. На комисиска расправа помина и Законот за импичмент. Наредниве денови се очекува и тој да биде усвоен. А веќе се зборува и за намалување на бројот на пратениците во Радата. Што беше уште едно приоритетно ветување во предизборието.

Претседателот Зеленски дојде во Радата и побара од пратениците да гласаат за одземање на неприкосновеноста на депутатите, затоа што „тоа го бараат 90 проценти од граѓаните“. Во спротивно тој им се закани со народни протести, доколку законот не помине во Радата. Во поткрепа на својот став Зеленски проговори дека украинските депутати направиле генијално откритие  - измислиле вечна машина. Вечна машина на политичкиот живот. Која работи едноставно. Најнапред  кандидатите за депутати предизборно ветуваат дека  ќе ја укинат неприкосновеноста, а потоа гласањата се неуспешни. И така со години. Машината со години работи непрекинато за секој изборен циклус.  

Со огромно мнозинство Радата ја укина неприкосновеноста. Точно 373 од 450 гласаа за тоа. На тој начин од 1 јануари 2020 година депутатите ќе може да бидат привлечени кон кривична одговорност без претходна согласност на парламентот.  Депутатите го сочуваа индемнитетот, нема да одговараат за политички одлуки, за гласање или какви било политички и јавни настапи. Но, ќе одговараат за сторено кривично дело, без да можат да се кријат во парламентот за време на мандатот, зад депутатскиот имунитет.

Што може да значи ова решение за Украина? Мораше ли така да се брза? А не да се донесе некакво друго решение, подготвено од сите парламентарни фракции, иако стануваше збор за предизборно ветување. Очигледно на Зеленски и неговата партија многу им се брзаше, бидејќи на гласање беше ставен предлогот на законот подготвен од претходниот претседател – Петар Порошенко! Од партијата изјавуваа дека подготовката на нов закон може да одземе дури една година. Инаку пратеничкиот имунитет има цел да ги обезбеди пратениците од политички мотивиран притисок главно од страна на извршната власт и пред се’ е средство за заштита на претставниците од опозицијата. Овде, некои украински експерти повикуваат на  заклучокот на Венецијанската комисија од 2015 година во кој се предупредува дека целосното укинување на пратеничката неприкосновеност не е препорачливо заради владеењето на правото во земјата.

Но, од друга страна се ставовите дека „десетици години криминалци, корупционери и други никаквеци оделе во депутати само за да добијат заштита од криминално гонење“. Било стимул во Украина да се добие специјален имунитет од кривична одговорност. А тоа го смета и јавноста. Оттаму и ставот на Зеленски дека 90 проценти од граѓаните бараат укинување на имунитетот. Се смета дека решението е правилно затоа што Украина има своја посебна историја со неприкосновеноста на пратениците, за која мора да се води сметка. Ова, наспроти сознанијата дека во Европа повеќето земји им даваат значителна заштита на своите пратеници, како гаранција за нивната независност.

Кога се зборува за криминално гонење во прв ред станува збор за гонење за корупцијата во земјата. Прашањето е како да се води борба со неа? Дали одземањето на неприкосновеноста е важен аргумент? Зашто во држава со слаба, ранлива, демократија, каква што е Украина целосното укинување на неприкосновеноста може да биде опасност за функционирањето на парламентот. Излегува неприкосновеноста од една страна може  да ја заштитува, а од друга и да ја поткопува демократијата во една земја. Сепак Украина се определи за одземање на имунитетот. Критичарите велат дека сега, со оглед на огромното мнозинствотво што го има партијата на Зеленски во Радата, се добива „популизам од највиско ниво“. А тоа им се допаѓа на граѓаните.

Предизборните ветувања на Зеленски и неговата партија „Слуга на народот“ не останаа на имунитетот. Зеленски постојано инсистираше да се донесе закон за импичмент на претседателот. И, втор закон кој сигурно ќе се усвои на наредната седница на Радата, во вторник, ќе биде оној за импичментот на претседателот, кој е токму на предлог на Зеленски. Веќе помина на комисиска расправа поддржан од огромно мнозинство на депутатите. Со предлогот на законот се предвидува утврдување на процедура за импичмент на претседателот со чија помош депутатите ќе можат да го отстранат него од должноста во случај на државно предавство или друго криминално дело.

За да се иницира процедура за импичмент на депутатите ќе им  биде неопходно да соберат 226 гласови. Па ќе се формира времена истражна комисија. Доколку врз основа на нејзините наоди Радата ќе носи решение за обвинување на претседателот, тогаш таа е должна да се обрати прво до Уставниот, а потоа и до Врховниот суд. И дури после решенијата на судот, за отстранување на претседателот од должноста ќе мора да гласаат најмалку 300 пратеници. Доколку претседателот поднесува оставка по сопствено барање, тогаш процедурата за импичмент се прекинува. 

Но „Слуга на народот“ не останува на ова. Претседателот на Парламентот, Димитриј Разумков, најави намалување на бројот на пратеници во парламентот. Тоа е поврзано со реалниот број на население во Украина. „Во овој момент во Украина ориентационо живеат околу 30 до 34 милиони граѓани. А на тој број ќе одговара токму 300 пратеници, изјави Разумков деновиве. Тоа количество пратеници воопшто нема да влијае вра квалитетот на работата на Парламентот, смета Разумков. Згора на тоа ќе бидат заштедени и соодветни суми од буџетот. Намалување на бројот на пратеници за 150 не е мала работа. Депутатите исто така предлагаат пропорционален изборен систем. Затоа што досегашниот го сметаа за коруптивен. Половина од пратениците се избираа според пропорционален, а друга половина според мнозинскиот систем.

Овие работи, но и други решенија, депутатите ги завршија во првите денови на својата работа во новиот состав на Радата. Веќе се сменети и првите луѓе на обвинтелството, направени се промени во судството, во специјалните служби, на некои локални власти... Очигледно е дека главното внимание е посветено на внатрешните прашања. Пред се’ борбата со корупцијата. А и да се менува Устав за да се стават „во ред“ пратениците не е вообичаено. Но тоа е изборот на Украинците. Во наредниот период се очекува ставање ред во енергетиката, реформирање на тој сектор. Па деолигархизација, намалување на влијанието на олигарсите врз политичко-економскиот живот во државата. Поточно зависноста или независноста на претседателот и власта од влијанието на олигарсите. Дотолку повеќе што во предизборието се зборуваше дека еден од олигарсите, Игор Коломојски, бил главен поддржувач на Зеленски и неговата партија. Сега претседателот  и неговата партија ќе бидат на испит дали биле искрени кога зборувале за борба со олигарсите.

На надворешен план во предизборието,  членството во НАТО не беше ставано во приоритетите, за разлика од евроинтеграцијата. Иако во јавните настапи се зборуваше за поддршка на патот во Алијансата. Во поглед на конфиликтот во Источна Украина, Зеленски како приоритет го има постигнувањето мир таму, а со тек на време и спроведување  на Минските договори. Нивната деликатност не дава можност за брзо решение. Можеби на Зеленски ќе му помине мандатот без до крај да го реши тоа прашање, но ништо не се знае. Може да се реши и за петте години колку што ќе биде на чело на Украина.

Секако на тој план Зеленски нема да оди сам. Зад неговиот грб ќе бидат Германија и Франција, а најмногу САД. Зеленски е реален дека подобро најнапред да ги реши внатрешните проблеми, да ги стави во затвор сите корумпирани политичари. А меѓу нив е и претседателот Петар Порошенко, против кој веќе има поднесено неколку крвични пријави. Тој знае дека Американците, па и Европа ќе му дадат повеќе поддршка, ако ги реши домашните проблеми. И дури потоа ќе го „мотивираат“ за Русија. Со други зборови  да не ги троши силите со некаков „дуел“ со Русија, туку прво да го подготви домашниот терен, а потоа, растоварен од внатрешните грижи, сите сили да ги насочи кон барање решение за Истокот на Украина. Во спротивно ако се насочи уште сега кон Русија, олигарсите и корумпираните политичари ќе се консолидираат, а можеби ќе му направат проблеми кои ќе му го загорчат мандатот. А можеби и да го проверат врз него новиот закон за импичмент на претседатеелот.

Сето ова што се случува во Украина дава патоказ за тоа како би можело да се решаваат нашите проблеми. На сегашната власт и е доцна за тоа. Но, таа или друга, после некои идни избори, би можела да учи од Украина. Зошто да не го укинеме пратеничкиот имунитет? Зошто да не направиме промени во изборните правила кои ќе одговараат на нашите потреби и барања? Зошто не седнуваме прво да правиме реформи во правосудството,  во полицијата, во администрацијата, во специјалните служби..? Зошто не се разгледаат влијанијата на бизнисот-олигарсите врз разорувањето на политиката и економијата во државата? Зошто да не го намалиме бројот на пратеници? Ако во Украина на еден милион жители има десетина пратеници, зошто ние со неполни два милиони население да имаме дури 120. Зошто да не бидат 60? Или пак сето понапред кажано, не и одговара на ниту една партија во државава, партизирана и корумпирана до сржта.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Чичко пушти летки

Чичко пушти летки

СЈО УМРЕ, МАГАРЕТО ( ПРАВДАТА) СЕ МАЧИ НА ЗЕЛЕНАТА МАСА

СЈО УМРЕ, МАГАРЕТО ( ПРАВДАТА) СЕ МАЧИ НА ЗЕЛЕНАТА МАСА

Се подготвува сечење на „Доњецкиот јазол“

Се подготвува сечење на „Доњецкиот јазол“

Дали регионалните разлики ги „јадат“ ефектите на минималната плата

Дали регионалните разлики ги „јадат“ ефектите на минималната плата

Компјутерски центар

Компјутерски центар

КОЛКУ ФИНАНСИСКИ СРЕДСТВА ДОЛЖИ ДРЖАВАТА НА МАКЕДОНСКИТЕ ЗЕМЈОДЕЛЦИ

КОЛКУ ФИНАНСИСКИ СРЕДСТВА ДОЛЖИ ДРЖАВАТА НА МАКЕДОНСКИТЕ ЗЕМЈОДЕЛЦИ