01 Декември, 2024
0.0309

Сметка без крчмар – барање „формула“ за мир во Украина

Објавено во: Колумни 07 Август, 2023

Добивај вести на Viber

Минатата недела на странициве на „Фактор“ најавивме дека се бара „формула“ за мир во Украина. Поводот беше самитот Русија-Африка на кој, меѓу другото, стана збор и за африканската инцијатива за мир во Украина. Па ги најавивме и консултациите на советниците за безбедност што се одржа викендов во Џеда, Саудиска Арабија. Тие расправаа за патот по кој треба да се дојде до траен мир Украина. Веќе три пати го искористив изразот „мир во Украина“, тој е многу важна работа, но, според она што дојде од Џеда, патот до него ќе се бара уште долго. А згора на тоа го бараат без крчмар.

Ако ги ставиме настрана пишувањата на некои медиуми, кои до информации дошле од учесниците на средбата или нивни помошници, официјално Саудиската агенција, STA, излезе со соопштение кое навестува долг и неизвесен пат до мир. На консултациите во Џеда со присуство или пак виртуелно, учествувале советници за национална безбедност и претставници на редица земји и организации. Во соопштението од средбата се вели дека  на неа, покрај домаќините, учествувале претставници од Аргентина, Австралија, Бахреин, Бразил, Бугарија, Канада, Чиле, Кина, Коморските осторви, Чешка, Данска, Египет, Естонија, Финска, Франција, Германија, Индија, Индонезија, Италија, Јапонија,  Јордан, Кувајт, Латвија, Литванија, Холандија, Норвешка, Полска, Катар, Кореја, Романија, Словачка, ЈАР, Шпанија, Шведска, Турција, Украина, ОАЕ, Велика Британија и САД. Европската комисија, Европскиот совет и ОН: Речиси цело НАТО, и неколку држави, кои ја осудија руската агресија, но не воведоа санкции кон Русија. Русија не беше поканета, но била во тек, бидејќи, како што се соопштуваше, Саудиска Арабија ја информирала за работата на средбата.

Од средбата на сите овие силни учесници излезе заклучок или резултат, во две реченици. „Учесниците се согласија со важноста од продолжување на меѓународните консултации и размена на мислења со цел да се подготви заедничка позиција, која ќе го отвори патот кон мирот. Тие, исто така, ја нагласија важноста од користење на мислењата и позитивните предлози, искажани во текот на средбата“. Ова е официјално. Се’ друго што дојде од Џеда се само предлози, желби и намери. Но и вака срочениот заклучок дава повод за негово разглобување.

ЗАЕДНИЧКА ПОЗИЦИЈА

Се вели дека усогласена е важноста од продолжување на меѓународните консултации за изработка на заедничка позиција. Веќе е најавено дека ќе има наредна средба на советниците во Индија пред или околу Самитот Г-20. Тој треба да се одржи на 9 и 10 септември. Сигурно на него ќе стане збор за Украина, но сигурно е и дека нема да се донесе никаков план за мир. Прашање е и дали рускиот претседател ќе дојде во Њу Делхи, иако засега во Москва  нема ништо на таа тема. Тој нема да дојде на Самитот БРИКС, кој ќе се одржи во Јужно Африканската Република од 22 до 24 август. Ќе учествува виртуелно и сигурно неговите партнери ќе му ги пренесат впечатоците од средбата во Џеда. Што би било и повод за дискусија околу војната и мирот во Украина. И евентуално градење на некаква позиција на групата околу идните консултации за мир во Украина. 

Во заклучокот се нагласува „важноста од користење на мислењата и позитивните предлози, искажани во текот на средбата“. Чии мислења и позитивни предлози? Од една страна на земјите од „Глобалниот Југ“, а од друга Украина и нејзините сојузници! Ново од средбата е само тоа што на неа учествуваа многу повеќе земји, за разлика од онаа во Копенхаген во јуни. Па може да се чујат и нови мислења.

Од овде натаму може да се зборува само за „протечени“ информации од средбата, кои ги пренесуваат агенции и медиуми. На пример дека Саудиска Арабија излезе со нејзин план за мир. Поддржан од неколку земји. Тој содржи повик за прекин на огнот на сите фронтови и мировни преговори со посредство на Обединетите нации меѓу Русија и Украина, посочиле дипломати, но не кажале кои земји го поддржале овој план.Планот, ќе се темели на зачувување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и исто така повикува на размена на воени заробеници.

Овој предлог секако е отфрлен од Украина, која бара повлекување на руските војски на границата од 1991 година пред какви било преговори. Но мала забуна внесуваат пишувањата на некои медиуми дека Киев на средбата не настојувал многу на прифаќање на неговиот план за мир, кој, пак, не прифаќа ниту прекин на огнот на денешната линија на фронтот. А токму прекинот на огнот се јавува речиси во секој мировен план на земјите од „Глобалниот Југ“. Па веројатно, не сакајќи да ја нагласат својата формула, Украинците на средбата се обиделе да најдат некакви заеднички позиции со земјите од „Југот“. Наводно Украина и не настојувала на повлекување на руските трупи до почетокот на преговорите. Можеби од причина да се бараат заеднички ставови со „југот“ без да се тера „инает“. Во спротивно и оваа средба , како онаа во Копенхаген ќе завршеше без никаков резултат. Здраво и збогум. А тоа им беше јасно и на Украинците и на нивните сојузници. Дотолку повеќе што украинскиот претседател Владимир Зеленски има намера да работи на свикување самит на кој би учествувале светски лидери, а на кој би се расправало за мир, според украински услови. Според планот од 10 точки на Зеленски. Но очигледно таквите намери се разводнуваат.

ТЕРИТОРИЈАЛНА ЦЕЛОСНОСТ

Погоре рековме „Сметка без крчмар“. А токму тоа го нагласуваат и Кинезите и Бразилците. Како што пренесоа некои медиуми, дипломатски извор рекол дека ниту една земја што учествувала на консултациите со „Глобалниот Југ“ не побарала присуство на Русија на следната средба. Ова е во директна спротивност на изјавата на водачот на бразилската делегација Селсу Аморим, кој рече дека мировниот процес мора да ја вклучи Русија, „во една или друга форма“. „Било кои вистински преговори треба да ги вклучат сите страни...Иако Украина е најголема жртва, ако вистински сакаме мир, треба на некој начин во тој процес да ја вовлечеме Москва“, изјавил Аморим. Кина на средбата го претставила својот план од 12 точки. Но некои европски дипломати предупредиле дека безусловниот прекин на огнот може да создаде замрзнат конфликт и би и дозволил на Русија да ја консолидира контролата врз украинските територии. Пекинг зборува за „црвените линии“ на Москва, за гаранции за безбедност, неутралност на Украина. Заштита на Русите во Украина...А Киев е алергичен на ова.

Околу учеството на Кина на средбата кое Украинците го оценија како добредојдено има интересно искажување во „Њујорк тајмс“. Алисија Бачулска, научен соработник на Европскиот совет за меѓународни односи, експерт за Кина, учеството на таа земја во консултациите воопшто не означува дека таа е подготвена да ја смени својата позиција за прашањето околу конфликтот во Украина. Напротив, тоа може да и помогне во реализацијата на напорите насочени кон тоа, да го зацврсти зад себе статусот на одговорен и неутрален субјект. „Просто кажано, во таа ситуација Пекинг во секој случај ќе победи“, изјави Бачулска.

Во Канцеларијата на украинскиот претседател изјавија дека консултациите во Џеда биле продуктивни. Таму се задоволни што и покрај различните погледи учесниците ја потврдиле приврзаноста кон Повелбата на ОН, меѓународното право и почитување на суверенитетот и територијалната целосност на Украина. Територијалната целосност се споменува и во Саудискиот мировен план. Но има укажувања дека постојаното споменување на „територијалната целосност“ може да биде само реторика со која би ја воделе Украина кон неопходноста од прекинување на војната и замрзнување на конфликтот.

МЕДВЕДЕВ: ТРИ УСЛОВИ ЗА ПРЕГОВОРИ

И Русија не остана без коментари. Димитриј Песков, портпарол на Кремљ, изјави дека во моментов нема основа да се склучи мировен договор за решавање на конфликтот со Украина. Војната ќе продолжи во догледна иднина. Заменик претседателот на рускиот Совет за безбедност Димитриј Медведев рече дека има три услови Русија да се согласи со мировни преговори. Прво, да бидат во нив вклучени двете страни во конфликтот. Да се почитува историскиот контекст дека Украина до 1991 година не постоела, дека е фрагмент од Руската империја и дека треба да се почитува реалноста. А таа вели дека Украина е во фаза на полураспаѓање, и дел од нејзината територија се вратил во Русија. Според него шанси за успех би имал оној посредник кој би ги почитувал овие очигледни работи. Конечно, Медведев вели дека „Засега ни преговори не се потребни, непријателот треба да дојде на колена, молејќи за поштеда“.

Рускиот министер за надворешни работи, Серге Лавров, ден пред консултациите во Џеда во едно интервју изјави:„ Наместо сериозен разговор заснован на препознавање на еволуцијата на реалноста „на терен“ во изминатите десет години, тие свикуваат монтирани форуми со единствена цел да намамат што е можно повеќе земји, барем во привидна дискусија за „формулата Зеленски“, која, ни помалку ни повеќе, бара  Русија целосно да капитулира, да се согласи да ја наруши нејзината безбедност и да остави милиони Руси на милост и немилост, чии предци со векови живееле на овие подрачја, ги уредувале, создавале градови, патишта, пристаништа. Сите на кои Западот им се додворува за да ја протурка „формулата Зеленски“ мора да бидат свесни дека е загрозена судбината на овие луѓе, кои режимот во Киев отворено ветува дека ќе ги уништи“.  Не е многу јасно што значат ваквите изјави. Дали тоа е реалната позиција на Москва против компромис, дури и за „корејско сценарио“, или пак станува збор за зголемување на влогот во играта. Инаку Владимир Путин, не еднаш има изјавено дека Русија не е против преговори, во тие рамки и со Украина, но Киев е против.

По средбата во Џеда јасно е дека остануваат принципиелните противречности меѓу Западот (Украина) и „Глобалниот Југ“. „Југот“ како во хор бара приоритет да биде прекин на огнот. За Киев најважно е повлекување на војските на Русија на границите од 1991 година. Многу важно е за кој предлог, ако се дојде до него од ваквите консултации, ќе се одлучи Западот(САД, Британија, Франција). Дали тој и Украина можат да направат некој компромис со Русија и незападните земји. Џеда покажа дека, сепак, има мали шанси за тоа. Најавата на Русија дека на Самитот БРИКС ќе биде можност да се проговори и за Украина, па оттука и да се изработи некој заеднички компромис, а тоа значи понатаму и преговори за крај на војната во Украина. Услов за тоа е отсега натаму во игра треба да биде и „крчмарот“.

СИТУАЦИЈА НА ВОЕНО ПОЛЕ

Но што ако навистина се постигне договор за прекин на огнот и почеток на преговори? Дали некој ќе црвенее што започна војна, Владимир Путин, на пример, или што не се даде шанса на мирот. Тука се Германија, Франција и Украина, Ангела Меркел, Франсоа Оланд и Петар Порошенко, кои според нивно признание седум години ги саботираа Минските договори. Договори со кои Украина ќе имаше суверенитет и територијален интегритет врз целата нејзина територија. А ќе требаше да даде определени права на Русите што живеат во делови на некогашните Доњецка и Луганска област.  Или САД, Британија и Франција, Џо Бајден, Борис Џонсон и Емануел Макрон, кои,  според поранешен израелски премиер,  го блокираа договорот од Истанбул постигнат во март лани на почетокот на војната. Договор, кој, од она што е објавено, на Украина би и обезбедил територијална целосност и суверенитет.

Им е гајле ним за стотици илјади загинати млади Украинци и Руси. Сопствениот државен интерес на земјите од Западот ги користи Украинците како топовско месо. Пресметката со Русија не е на Украина. Таа е само полето на борбата. Посредно оружје на Западот. И сега одеднаш, ајде да се бара мировно решение. А го имаа во раце. И ако има ново решение, и ако со него се гарантира територијалната целосност на Украина, што е тешко, таа ќе биде обезличена земја.

Секако, како и при секоја војна и во оваа, клучна ќе биде ситуацијата на военото поле. Се очекува ново разгорување со цел да се освојат нови територии на едната или на другата страна. Тоа сигурно може многу да ги смени  работите. Во зависност од успешноста. Но, ако се суди според моменталната состојба, ќорсокакот за кој сите зборуваат не гарантира брз крај на војната. А со тоа се зголемуваат шансите за прекин на војната и барање компромисни решенија.

Мирче Адамчевски

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.