Добивај вести на Viber
Со формирањето на преодната влада – потешко ќе може да се реализира и најавата на поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков, кој посочи дека се бараат правни механизми за поддршка на политиката на турската влада. Таквата изјава на Чавков во јавноста беше протолкувана како барање содветни модалитети со кои ќе се удоволи на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, за затворање на компании кои се смета дека се поврзани со турскиот проповедни Фетула Ѓулен, посочен како организатор на неодамнешниот државен удар во земјата.
СЕ ЗГОЛЕМУВА НЕСИГУРНОСТА НА ИНВЕСТИТОРИТЕ
Но, изјавата на поранешниот министер за внатрешни работи Чавков, наиде на сериозни критики. Таквото барање на Турција, но и најавите од македонската власт да се затворат организации и компании што стопанисуваат повеќе години во Македонија е непримерно и воопшто не треба да се дебатира за него, сметаат стопанствениците.
„Ако било кои деловни субјекти работат според прописите во Македонија и си ги плаќаат давачките, ако нивното работење не го крши уставот и ако сопственоста нема сомнително потекло, не смее да има никаква пречка за нивно опстојување и развој. Еднаш ако се воспостави пракса на затворање на субјекти кои не се по желба на било која власт од било која друга држава тогаш се зголемува несигурноста на инвеститорите, а доведена е во прашање неприкосновеноста на приватната сопственост“, вели Венко Глигоров, стопанственик.
Евентуалната таква постапка, според Глигоров отвора многу сериозни прашања, но може да има и огромни штети во иднина за земјата.
„Што ќе се случи ако утре власта во Турција побара да се затвори и операторот за аеродромски услуги во Македонија бидејќи е турски инвеститор. Дали Македонија ќе "потрча" да го затвори и со тоа да го загрози целиот авионски сообраќај? Или што ќе се случи ако има смена на власта во Турција и излезе дека се направени грешки на нашата власт и е потребно да се плаќа оштета? Кој ќе ги сноси овие трошоци? Дали тогаш треба да се казнат сите учесници во евентуалната таква одлука на затворање? Затоа сметам дека е потребно да се отфрли ова барање на турската власт, а евентуално да се провери работењето на посочените организации и компании во една регуларна постапка“, додава Глигоров.
МАКЕДОНИЈА ДА СЕ ДРЖИ ДО МЕЃУНАРОДНИТЕ КОНВЕНЦИИ, А НЕ ЗА ЕРДОГАН
Истиот став го имаат и во Конфедерацијата на работодавачи, од каде посочуваат декаМакедонија треба да ја задржи политиката на слобода на здружување, слободата на организирање и политиката на слободна пазарна економија. Појаснуваат дека земјава мора да ги почитува и спроведува основните меѓународни конвенции, како член на УН и како член на ИЛО -Меѓународната организација на трудот.
„Сериозно важно е дека Турција доколку не ја преиспита оваа одлука и иницијатива готово со сигурност ќе биде главната точка на разговор на следната Конференција на трудот во Женева на која најважно е да се истакнат политиките на сите земји членки од социо-економската и трудовата легислатива. Тоа е широко поле на области од , слободата на водење бизнис, бизнис и човекови права, еднакви можности, мулти национални компании последици од колективни отпуштања, корупција поттикната од економска политика итн,“ вели Миле Бошков, претседател на Конфедерацијата на работодавачи.
При тоа Бошков додава дека земјите кои би пристапиле кон нарушување на конвенциите, но и кршење на основните принципи за слободна пазарна економија можат да се соочат со социо -економско "игнорирање" и тоа од Владите на земјите кои не го подржуваат овој начин на спроведување на деловни политики, но исто така и игнорирање од деловните асоцијации и нивните членки особено тие кои знаат што значат меѓународните стандарди.
За политичарите пак, ваквото барање на Турција, но и најава од страна на македонската влада, која беше во претходиот состав, пред формирањето на преодната влада, е класична злупотреба на пријателските односи на две држави.
„Митко Чавков е небитен бидејќи сега не е дел од Владата. Република Македонија не смее да се меша во внатрешните работи на Турција а ниту Ердоган да бара Владата да постапува по негов налог. Ние не сме дел од Турција туку сме самостојна и суверена држава која треба да си ги штити сопствените интереси и интересите на граѓаните како и интересите на сите оние бизнисмени кои вложиле во нашата држава, вели Јове Кекеновски од ФРОДЕМ.
Кекеновски додава дека она што е важно е тоа да сите тие компании работат во согласност со македонската регулатива и да не прават шетета на македонските државни интереси.
„Се останато е само дневна политика, а Таип Еродган да престане да не третира како негови послушници и вазали и нека си ги решава проблемите во својата држава, вели Кекеновски.
Веднаш по неуспешниот државен удар во Турција, за кој Ердоган како виновник го посочи проповедникот Фетула Ѓулен, преку државната агенција Анадолија, беше објавена листа на компании во повеќе земји за кои турската влада смета дека се поврзани со Ѓулен и треба да бидат затворени. Албаннија и Косово го одбија барањето.
Во Македонија на листата се најдоа седум компании, од кои најголема Јахја Ќемал, од каде постојано демантираат дека имаат врска со Ѓулен и државниот удар во Турција, и посочуваат дека тие во земјава работат законски. Со ист став излегоа и останатите компании кои беа на листата на Анадолија посочени како поврзани со Фетула Ѓулен.