01 Декември, 2024
0.0286

Смртта на Пригожин – нов почеток за „Вагнер“

Објавено во: Колумни 28 Август, 2023

Добивај вести на Viber

Пред два месеца на овие страници, не сакајќи,  како да ја најавив смртта на Евгениј Пригожин. Насловот беше „Лебедова песна за Пригожин“. Не очекував дека ќе поминат само два месеци од бунтот на Приватната воена компанија „Вагнер“ на 23 јуни, и дека главните вести на 23 август ќе бидат за уривањето на авионот во кој беа Пригожин и најблиските соработници. Не помислував дека бунтот беше последната, претсмртна творба на Пригожин. Кога го пишував текстот повеќе мислев на „смрт“ на бизнисот на Пригожин, барем додека е Путин на власт.

Вчера и покрај многуте шпекулации околу паѓањето на авионот и луѓето кои биле во него, официјално беше потврдена дека загинати се сите патници кои биле пријавени на летот. Вкупно десетмина од кои тројца членови на екипажот и седуммина од „Вагнер“. Меѓу нив и Евгенија Пригожин.  Наредниве денови тие ќе бидат погребани, но јавноста веќе е возбудена. Особено, онаа на Запад. Ги интересира дали рускиот претседател Владимир Путин ќе оди на погребот на Пригожин или не. Да се види дали Пригожин и натаму за него е предавник, како што го нарече кога беше бунтот. Во Москва некои веќе заговараат тој да биде закопан како херој. 

Путин по повод смртта на Пригожин рече дека со него се знаеле одамна, од почетокот на деведесеттите. „Тој беше човек со тешка судбина, правеше сериозни грешки во животот, но  и постигнуваше резултати што му беа потребни - и за себе и, кога го барав тоа од него, за заедничката кауза, како во последниве месеци. Тој беше талентиран човек, талентиран бизнисмен. Тој работеше не само во нашата земја - и имаше резултати, туку и во странство, особено во Африка. Таму се занимаваше со нафта, гас, благородни метали и драги камења. Колку што знам, тој вчера се врати од Африка и се сретна со некои официјални претставници овде“, рече Путин. Додаде дека истрагата е почната и ќе биде доведена до крај.

Во очекување на резултатите од истрагата може да се каже дека смртта на Пригожин би ја поздравиле во Русија, Во Украина, во САД, во Франција, па и во Британија. Пригожин можеше да биде убиен и порано. Ако некој во Русија некогаш би ја посакувал смртта на Пригожин тоа би биле  министерот за одбрана Сергеј Шојгу и началникот на Генералштабот Валериј Герасимов. Тие двајца беа цел на отворени напади од Пригожин и негови повици до Путин да  ги смени, поради „неуспеси“ во војната во Украина. Има тврдења дека без Путин тоа не би било можно. Украина со задоволство би го убила Пригожин, поради илјадниците загинати украински војници во борбите за Артјомовск(Бахмут). Тајните украински служби никогаш не признаваат, но има многу докази за нивно учество во терористички акти. 

ТЕРОРИЗАМ И ПОТКУПЛИВОСТ

Лани во август беше убиена ќерката на Александар Дугин, Дарја, а годинава и новинарот Владлен Татарски. За убиството на Дугина, повикувајќи се на документи, пишуваше дури и „Вашингтон пост“. Весникот напиша дека на Запад сметаат дека за убиството на Дугина е одговорна Украина. И дека официјални лица во Вашингтон и Европа веќе ги предупредиле украинските власти дека имаат докази дека „отишле малку подалеку“. Во едно интервју Кирил Буданов, прв човек на украинското воено разузнавање даде до знаење дека Украина учествува во убиството на познати Руси. „Веќе имаме многу, вклучително и јавни, медиумски личности“, рече Буданов. 

За убиствата, покрај големата ефикасност на тајните служби во Украина,  придонесува и поткупливоста, не мора да се само пари, на Руси кои помагаат во терористичките акти. Тоа беше утврдено и кај убиството на Дугина, и кај новинарот Татарски. Исто и при уривањето на Кримскиот мост со големиот шлепер.  Нема да изненади и сега да се повтори истата приказна. Овде само би додал една историја. Во далечната 1995 година во Првата чеченска војна, чеченскиот командир Шамиљ Басаев со речиси две стотини Чеченци влегоа на руска територија 110 километри и во градот Будјоновск зедоа заложници над 1.500 луѓе од кои повеќето во градската болница. Неколкудневната криза заврши со смрт на над стотина цивили и војници и дваесетина чеченски борци. Басаев, подоцна велеше:„ Да имав доволно пари ќе стигнев до Москва“, алудирајќи на поткупливоста на луѓето на контролните пунктови, кои не сопреле неколку камиони „Камаз“ полни со Чеченци и оружје, а предводени од „полициско“ возило. 

Американците веќе имаат искуство со убиство на непожелни личности. Доналд Трамп се фалеше со убиството на иранскиот генерал Касем Солејмани. А Пригожин во Африка им беше пречка во остварувањето на американските интереси. Тоа беше и во Сирија, а и во Либија. А не помалку и на американските интереси во Украина. Французите се, пак, посебна приказна. Тие „изгубија“ три франкофонски држави. Емануел Макрон е настрвен на Русија и само зборува за испраќање оружје во Украина, и испраќа. Сигурно и поради тоа што смета дека Русија го избркала од Потсахарска Африка. Не му е сеедно и за Либија и за Сирија, кои важеа за француска сфера на интерес. Слично е и со Велика Британија. На примерот на Пригожин се гледа делумно во каква геополитичка криза е светот. Да не ги додаваме Азија,  Арапскиот полуостров, Латинска Америка, Блискиот Исток... 

СУДБИНАТА НА „ВАГНЕР“

Сега кога е јасна судбината на Пригожин и неговите најблиски работници, се поставува прашањето за судбината на „Вагнер“. Последното јавно обраќање на Пригожин беше објавено вечерта на 21 август. „Температурата овде е плус 50-тоа ни се допаѓа. „Вагнер“ја прави Русија уште поголема на сите континенти, а Африка послободна.“, рече тој пред камерата, некаде во Африка. „Праведност и среќа, ние го претвораме животот на африканскиот народ во кошмар за Исламската држава, за Ал-Каеда и други бандити“, рече Пригожин. На 22 август во Москва имал средба со „официјални лица“. 

Според „Фајненшел тајмс“ со смртта на Пригожин нема да престане руското воено присуство во Африка. Би можело да загуби од интензивноста. Како и други експерти и овој весник смета дека Кремљ ќе се обиде да ги проретчи и да ги впие воените единици на бившата воена компанија и да ги преземе нејзините воени операции во Африка со менување на тамошното раководство и клучните фигури на „Вагнер“.Таму веќе заминала делегација на руското Министерство за надворешни работи и на Министерството за одбрана. Според извори на Financial Times последното патување на Пригожин во Африка било токму по тој повод. Да го спречи руското Министерство за одбрана тоа да го направи. Во прилог на тврдењето дека Русија не заминува од Африка потврдија и изјави на официјални лица од некои држави.

И The Wall Street Journal пишува дека „Путин презема чекори кон преземање на контролата над светската империја од „Вагнер““, но под друго раководство. Експерти за весникот велат дека сега и САД сега ќе можат да го искористат вакумот од влијанието на „Вагнер“ и да се обидат да го преземат влијанието во земјите, каде што беше активна компанијата. Овде за пример може да се земе  Нигер, каде што има американска база. Па може да се случи сегашната власт да ги повика припадниците на „Вагнер“, а САД ќе се обидат да го спречат тоа. И други западни медиуми укажуваат на можноста од ослабување на влијанието на „Вагнер“ во Африка после смртта на Пригожин. Тие за него велат дека „Пригожин беше омразен човек, но имаше менаџерски способности и некаква харизма. Не е лесно да се најде ист таков човек“.

ЗАВИСНОСТ ОД ДРЖАВАТА

Руските експерти сметаат дека смртта на лидерот теоретски може да ги ослаби позициите на „Вагнер“. Но да се каже како би можела да се промени ситуацијата „тоа би било како да се гледа на кафе“. Според политологот, Алексеј Макаркин, сега најверојатно сценарио би била ерозија на компанијата. Одделни команданти ќе си бираат индивидуални стратегии за натамошните дејства. Ако се видат вагнеровските или блиските кон нив Телеграм-канали, ќе се види дека таму веќе се агитира за премин кон државните воени структури. „Се ќе биде формализирано и под контрола“, смета Макаркин. Впрочем во петокот Путин потпиша уредба со која припадниците на „Вагнер“ се повикуваат да положат заклетва за верност на Русија. Тоа значи и да потпишат договор со Вооружените сили на Русија. Се смета дека во „Вагнер“ има многу добри команданти кои можат да се искористат во војната во Украина. Да се доделат тие на разни воени формации и да помогнат во нивната ефикасност. Исто така би можело од јадрото борци, на пример во Белорусија, со додавање на други војници да се направи моќен воен корпус.

Директорот на Центарот за воено-политички истражувања при Московскиот држабвен институт за меѓународни односи, Алексеј Подберјоскин, смета дека приватните воени компании во целост зависат од државата, бидејќи на пазарот не може да се најде тешко оружје, ни неопходни специјалисти. Според него во „девет случаи од десет, структурите слични на „Вагнер“ во случај на смрт на раководителот ги очекува самоуништување, меѓутоа наместо  таа структура, може да се создаде нова воена компанија, а за тоа има ресурси. Оттука и неговиот страв дека „Вагнер“ во досегашниот вид нема да постои. Подберјоскин вели дека за „вагнеровци“ е заинтересирана половина Африка. Има воени единици кои можат да постојат некое време, а потоа да бидат најмени од било која компанија. На пример, за безбедноста на големите кинески претпријатија во Африка се грижат нивни приватни воени компании. Тој смета дека  работи ќе зависат од однесувањето на државата, од една страна, бидејќи „Вагнер“ е многу ефикасна структура. А од друга има опасност дека таа под одредени околности може да излезе од контрола. 

Украински медиуми сметаат дека со смртта на Пригожин и на Димитриј Уткин, воен „мозок“на компанијата, вредноста на активата „Вагнер“ многу не се намалила. Пригожин воопшто не се занимавал со воените работи, туку со организациски прашања, ПР и финансии. А Уткин и покрај тоа што бил главен командант на „Вагнер“ се потпирал врз десетици други команданти, кои се занимавале со конкретна воена работа. И токму тие команданти се главната вредност на „Вагнер“, бидејќи тие, судејќи, според оценките од разни страни, вклучувајќи и украински офицери, се доволно професионални и ефикасни офицери, кои Уткин во текот на десет години ги повлекувал од регуларната руска армија. Притоа, според мислењето на многу воени експерти, токму недостигот на искусни команданти, кои можат да организираат ефикасно водење на борбата, е еден од главните проблеми на руската армија. И затоа е логично да се претпостави дека сега реалните сопственици на „Вагнер“, руските власти, ќе се обидат да воспостават своја контрола на таа вредна во услови на војна актива и одново да ја искористат за решавање на задачите на фронтот. Со други зборови Русите ќе направат се’ „Вагнер“ да го задржат во некаква форма, бидејќи „кадрите решаваат се’ “, било во Украина, било во Африка или на друго место.

Во време кога се пишуваше и се соопштуваше за падот на авионот и гинењето на неговите патници беше обнародено и некое постаро видео на Пригожин. Тој зборувал и размислувал и за тоа што го чека после смртта. Патем, надвор од кадарот се слушал гласот на некогашниот потполковник на руските специјални сили, Димитриј Уткин. „Сите ние ќе отидеме во пеколот, ама во пеколот ќе бидеме подобри“, изјавил Пригожин. „Смртта не значи крај. Таа е само почеток на нешто друго“, му дал поддршка на својот шеф, Уткин. Дали ова важи и за сите вклучени во војната во Украина. И дали „почетокот на нешто друго“ може да значи и почеток да се размислува за мир? Не на небото, туку во Украина. 

Мирче Адамчевски 

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.