Со 200.000 до 300.000 вакцинирани во Македонија ќе се почувствува спласнување на вирусот, значајно зголемен бројот на деца и млади кои се тестираат за Ковид-19
Објавено во: Македонија 26 Март, 2021
Во последните три
дена загрижува фактот дека меѓу големиот број починати има навистина млади
луѓе. Вчера, меѓу оние кои не ја издржаа борбата со вирусот е пациент на
38-годишна возраст, завчера починаа девојчиња кои имаа само 23 и 24 години.
Помладата немала никакви коморбидни состојби претходно. Ден пред нив почина
исто така девојка која имаше 29 години. Здравствените експерти во светот и во регионот недели наназад
посочуваат дека сега во третиот бран на Ковид-19 најмногу на удар е помладата
популација за што даваат разни објаснувања зошто е тоа така. Велат и дека посебно загрижува фактот што
младите луѓе кои сега, во пролетниов период се разболуваат, имаат многу потешка
клиничка слика за разлика од зимските месеци и предупредуваат дека тешката форма на болеста е сè повеќе е
присутна и кај младите кои
немаат коморбидитети.
-Почетокот на болеста посебно кај младите луѓе е најчесто асимптоматска. Барем во првите два три дена, по што нагло почнува состојбата да им се влошува, па за кратко време стануваат кислородно зависни. Во тој период вирусот може да направи толку сериозни компликации во целиот систем на организмот, па често се случува дел од младите пациенти за жал да завршат со фатален исход, односно со смрт, велат д-р. Ангелчо Андоновски, специјалист педијатар.
Истовремено, Фактор поразговара и со директорот на Институтот за имунологија, проф. д-р. Александар Петличковски кој вели дека се уште не постојат докази за цврста поврзаност меѓу британскиот сој и помладата популација.
-Во изминатиов месец, па и со појавата на британскиот сој се следат бројки да се види дали е позаразен за помладата популација. Имаше податоци од некои студии од Велика Британија и од Израел кои укажуваат дека токму овој сој е позаразен за младите, како и објаснување за таа состојба. Според студијата на Израел поголем дел од возрасната популација е веќе покриена со вакцина, па просторот кој останува за ширење на вирусот е токму меѓу младите. И оттука се поголемите бројки од она што досега се гледало во однос на ширењето на британскиот сој кај младите во Израел. Другата студија од Англија посочува исто така некое зголемување на секвенцијата на млади со британски сој заразени, затоа што и покрај тоа што земјата е во LOCKDOWN, училиштата функционираат во јануари-февруари, што остава можност вирусот да се шири токму меѓу младите. И кај нас гледаме повисоки бројки на помлади заболени посериозно, но не сум сигурен дека така може да се извлече заклучокот дека оваа варијанта може посебно да се однесува на младите. Кај нас е веќе факт дека почесто младите ги прекршуваат протоколите за заштита, повеќе се дружат, па на тој начин му олеснуваат на овој вирус кој значајно полесно и побрзо се шири да проциркулира повеќе меѓу нив. Кај нас ситуацијата е навистна тешка во моментов, но би сакал посебно да истакнам дека онаму каде што веќе се врши масовна вакцинација, односно каде што значаен дел од населението е имунизирано бројките не се влошуваат, напротив се намалуваат. Значи, стратегијата е што помалку простор и време да му се дава на вирусот, да се прекине неговиот ланец на проширување и така ќе имаме излез од пандемијата. Вакцините се дефинитвно и единствено решение, вели директорот на Институтот за имунологија, д-р. Петличковски.
Инаку, и во лабораториите каде се прават тестирања за Ковид-19 во последниов месец дена значително е зголемен бројот, односно многу повеќе е засегната помладата возрасна група. Д-р, Ана Момировска, специјалист по медицинска биохемија и магистер по педијатрија и молекуларна биологија во „Синлаб Македонија“ за Фактор појаснува дека сега тестови прават и мали деца, средношколци, како и млади луѓе до 30 години што претходно не беше случај.
-Пред две недели поднесовме случаен примерок за аанализа во МАНУ за детектирање кои варијанти се присутни во нашата популација. Според тоа што го добивме како резултат во МАНУ, дури 95 отсто од испитаните примероци беше британска варијанта. За разлика од претходниот месец кога во извештаите на МАНУ беа наведени и други варијанти, сега веќе доминира британската варијанта и речиси ги има истиснато сите останати. Карактеристично за оваа варијанта од она што ни го кажале пациентите кога правиме епидемиолошка анкета, забележуваме дека многу повеќе се жалат на т.н гастроинтестинални тегоби, односно гадење, повраќањ, дијареа. Веројатно кај оваа британска варијанта ваквите симптоми се подоминантни во однос на оние кои претходно беа наведувани, вели д-р. Момировска.
Таа предупредува дека може да се очекуваат и нови мутации доколку се повеќе се одложува вакцинацијата. Тоа, како што вели дава огромна шанса на вирусот да мутира. Она што е последно, како што вели во нашиот разговор, е дека во Њујорк кај повеќе 700 лица чии што имунолошки систем е компромитиран е детектирана нова мутација на вирусот.
-Според мое мислење нема друг излез од пандемијата освен масовна вакцинација на населението. Сега е трка меѓу вирусот и вакцините. Што побрзо се вакцинираме, толку подобро за сите. Јас мислам дека во Македонија со 200.000-300.000 вакцинирани граѓани ќе завршиме работа. Многу луѓе веќе имаат прележано Ковид-19, вече постои и анализа дека секој трет во земјава има антитела, така што со 200-300 илјади имунизирани ќе почувствуваме дека спласнува вирусот. За целосно да се заштитиме секако ќе треба многу поголем дел од населението да се вакцинира и да не дозволиме тој вирус повеќе да мутира, вели д-р. Момировска.
Што се однесува пак до вакцинацијата во Македонија, министерот синоќа најави дека првите 24.000 дози од АстраЗенека преку системот Ковакс ќе пристигнат внедела. Досега во Македонија вакцинирани се само дел од медицинските лица со 8.000 дози на компанијата „Фајзер“ од Србија и 3.000 дози од руската вакцина Сспутник V.
Анита Буховски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.