28 Ноември, 2024
0.0400

Со барањето за повеќе кредити бизнисмените бараат редефинирање на монетарната стратегија

Објавено во: Колумни 03 Јуни, 2013

Добивај вести на Viber

Бизнисмените до Владата испорачаа „77 мерки“ со цел подобрување на бизнис климата во државата. По едно од 77 - те предлог решенијата и одговорот на премиерот веќе се манифестира несогласување  кое ги доведува во прашање навидум хармоничните односи меѓу бизнис заедницата и Владата во Македонија. Најлошо е што не се води вистинска расправа. Бизнисот неоправдано бара што повеќе кредити, а Владата се брани дека нема ингеренции за тоа и ги критикува бизнисмените за слаба амбиција за раст и за освојување на нови странски пазари. Она што исто така паѓа во очи, со оглед на големиот број предлог мерки е како да станува збор за земја која се наоѓа на почетокот од воспоставувањето на пазарниот систем. А јасно е дека тоа не е така. Но, тогаш пак се поставува прашањето, зошто се инсистира на толкав број на корекции од страна на бизнисмените? Имено, пазарот, според логиката на неговото функционирање, еднаш воспоставен  (вклучувајќи ги и неопходните функции на државата), не трпи секојдневни промени со кои се деформира законот на понудата и побарувачката. Со издиференцирани функции на бизнисот и на државата секој настојува да реализира максимални ефекти во остварувањето на своите улоги. Точно е дека тие можат да остваруваат и партнерски односи, но никако  на сметка на објективното делување на пазарните законитости и на населението. Во спротивно последиците ќе се вратат како бумеранг. И тоа, како врз економскиот раст така и врз стандардот на населението. А тоа не е добро ниту за власта ниту за бизнисот. Формално-правно гледано земјата има воспоставено интегрален пазарен систем и симптоматично е што, и по правната „гиљотина“, постојано се зголемуваат идеите за промени во системот, се разбира, со најдобра намера состојбите во бизнисот да се подобрат.   Но, дали е тоа можно со било какви и секојдневни промени? Сигурно не со барања од типот на  бизнисмените да им се овозможи од банките да повлекуват кредити колку што сакаат. Како некој да забранил да се доделуваат кредити за бизнис, па сега треба владата да интервенира и банките да ги одврзат „кесите“, па кој ќе побара да му се одобри кредит. Се заборава дека тоа значи отворање на „вентили“ со кои само краткорочно ќе им се помогне на бизнисите, кои во постојните пазарни услови на кредитирање, не можат да обезбедат средства за да го одложат пропаѓањето. Впрочем, за обезбедување на одржлив развој не е доволно само да се обезбедат потребните средства. А кога е така, пак , зошто би им се помагало? Колку им треба за да ги надминат проблемите и да обезбедат место на домашниот и странските пазари? Овие прашања ги изнудуваат информациите од банкарите дека имаат средства, но нема доволно добри проекти кои би ги финансирале, бидејќи не можат да кредитираат проекти кои не се во состојба, со задоволителна надокнада, благовремено да ги вратат позајмените средства. Таквата практика би го нарушила и нивното работење. А и банкарите се бизнисмени, и тие работат за да остварат добивки со кои ќе ги гарантираат обврските кон депонентите и ќе ги задоволат интересите на акционерите. Во овој контекст, нема банкар кој не би одобрил средства за проекти кои ветуваат сигурни заработувачки и за инвеститорите и за банкарите. Меѓутоа, не можат да преземаат ризици „да вложуваат заради вложување“, бидејќи веќе имаат проблеми со наплата на 11% од пласираните средства, одобрени во услови кога оценувале дека пласираат рентабилно. Не е оправдано дури ни барањето стопанството да се поддржи со кредити преку јавните институции, бидејќи и таму се кумулирани средства од даночните обврзници. Тоа значи дека и нивните пласмани треба да имаат општествено-економска оправданост. Бидејќи, нема логика средствата собрани од граѓаните да се употребуваат во спасување на бизниси кои не можат да се одржат во постојните пазарни услови на стопанисување. Во оваа своевидна вербална конфронтација се гледа дека пазарната економија запаѓа во маѓепсан круг: Бизнисот бара кредити кои не може да ги обезбеди под за него поволни услови (за да го зголеми растот), поради макроекомската политика, а власта тврди дека бизнисмените немаат амбиции за раст. Оваа ситуација укажува на потребата за преиспитување на макроекономската политика. Имено, не може да се прифаќа стратегијата на монетарната политика чија цел е одржување на стабилност на цените и курсот, а притоа да се бараат што повеќе кредити и тоа под поповолни услови од пазарните. Инсистирањето по секоја цена да се брани  вредноста на формално конвертибилниот денар, резултира со повисоки цени на позајмениот капитал. А можност ваквата ситуација да се промени е кога економијата и фактички ќе оствари конвертибилност на националната валута. Во овој контекст не држат ниту  критиките за слабата амбиција на бизнисмените за раст и освојување на нови пазари, бидејќи нема бизнисмени кои не сакаат да се развиваат  побрзо, меѓутоа, тоа не го прават, бидејќи нема резон ако притоа, работат со загуби. Според економската логика, бизнисмените не може да не бидат заинтересирани за побрз раст. Тие можат само да имаат резерви во однос на тоа дали да го прошируваат бизнисот, со оглед на можностите за заработувачка. Тие со право не сакаат да создаваат загуби. Но, исто така не би требало да инсистираат на кредити кои однапред би биле промашени вложувања во постојните услови на стопанисување. И наместо такви барања треба да побараат промена на условите за стопанисување, се разбира, ако економската политика не смета дека тие се соодветни на остварувањата што ги очекува. Но, во тој контекст, неопходно е Владата да го прифати предлогот на бизнис заедницата за обезбедување на побрз стечај и ликвидација, за да се исчисти економската сцена од субјекти кои во постојните услови не се во состојба да опстанат и постојано бараат државна поддршка, како социјални случаи. Ваквото размислување не значи дека нема потреба од предлог решенија од страна на бизнисмените кои ќе бидат во функција на подобрување на бизнис климата во земјата. Меѓутоа, тоа не се прави со предлагање на што повеќе мерки, туку со изнаоѓање на најсоодветните, оние со чија примена се надминуваат причините за сегашните неповолни состојби во економијата. Во спротивно ќе нема крај на мерките со кои се настојува да се санираат неповолните последици од делувањето на пазарните закони, кога едни мерки предизвикуваат донесување на други, и се‘ така до целосно задушување на пазарот. Оттука, неопходно е да се утврди најслабата алка на пазарниот систем и таа да се зацврсти, а стопанските субјекти, вклучувајќи ја и државата, својата материјална позиција да ја подобруваат со пораст на квалитативните фактори на стопанисување, а не со непазарни прераспределби на новосоздадените вредности. Затоа што не треба да заборавиме дека системот не е возможно да се поправа со корекции со кои се настојува да се намали  делувањето на пазарните сили на понудата и побарувачката. Д-р Крсте Шајноски

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.