19 Март, 2024
0.0260

Со хеликоптер на свадба

Објавено во: Колумни 16 Јуни, 2019

Добивај вести на Viber

Излеговме со сопругата од салата Борис Трајковски како маѓепсани не верувајќи им на сетилата и чувствата: присуствувавме скоро три часа на концерт кој беше и повеќе од тоа-невидено шоу на уметници и забавувачи! Андре Риу и неговиот оркестар се надминаа себе си, веројатно чувствувајќи дека пред себе имаа публика спремна на таков ненормален излив на чувства и пријатно расположение, пред се. Сум присуствувал(не претерано) на многу настапи на врвни светски музичари во Скопје-градот на светската солидарност-но овој ме остави со денови во посебно расположение-музичко, се разбира и ме оттргна од нашето сиво, да не кажам мрачно секојдневие......

Штракам со далечинското и пребарувам –барам музика што ќа ме разгали и ќе ми ги врати спомените! И не лези враже,што би рекле нашите соседи од Бујановац и Ристовац посеверно, оп концерт на Шабан Бајрамовиќ-препоолн со егзотика, виртуозност и џез обработки на цигански напеви .....со еден збор мајсторот ме остави без здив,но ми донесе и реминисценција не знам од каде,од некое скриено ќоше на возбудливите сеќавања за Скопје и неговите настани од не толку далечното минато....

Боби Фарел,фронтменот и солист на мега популарните Бони и Ем да ти се вљуби и да реши да се жени со наша сограѓанка од Шутка некаде во девдесеттите, чинам родена во Германија, но корените се уште не искорнати тука од култното скопско музичко и не само музичко светилиште. Одеднаш нашето Скопје се најде на насловните страници на музичките магазини и европски и не само европски весници. Свадбата се одржа во Континентал со невидено обезбедување и со гости од а- листата на светот на музиката и џет-сетот. А Боби Фарел и избраницата на неговото срце како сопружници направија со хеликоптер неколку круга над градот и дојдоа во хотелот да се веселат заедно со гостите.....нешто невидено и недоживеано на овие простори!

Доживеавме и реприза со домашни актери-се разбира!Заедно со дел од семејството бев сведок и еве како беше: На еден од секојдневните колегиуми на Радиото го планираме денот,по малку се расправаме и оценуваме(од се по нешто). За крај како изненадување и за некои шега се појавува покана за свадба на синот на Амди Бајрам. Несекојдневна покана на неколку страници-покрај фотосот на прекрасните младенци, мени со десетина јадења со редослед на служење(лесковачка скара или роштиљ како сакате),пијачки –главно виски и вотка, но и задолжително пиво(се разбира странско) и долг список на забавувачи на гостите во Кампинг, предводени од Шабан Бајрамовиќ и Уснија Реџепова и два цигански врвни врањански состава. Остана поканата на масата на главниот уредни-ја зедов и ја однесов дома.....

На денот на свадбата гледам кај нас вонредна состојба-што е се прашувам и набргу дознавам-сопругата пакува свадбен подарок и на мојата забелешка(сметав дека е основана) дека таму пиле не ќе може да пролета поради обезбедување на високите гости од Собранието –лесна работа, беше одговорот, ние да се појавиме па имаме покана забога! Со помалата ќерка убавица и не помалку убавата нејзина мајка се појавуваме пред Кампинг не пречекува член на семејството кој работи во Америка-ќе се онесвестев: убавец циган или ром како сакате поубав од Морис Роне со зелени очи во смокинг и со пеперутка вратоврска. До него мајката на Амди госпоѓа со долг фустан со фризура и манири на дама која живее и работи некаде по Стариот континент(подоцна дознав дека работела во скопската фабрика за чорапи Црвена Звезда). Не сместуваат на една од многуте маси а не помина многу време до нас дојде келнер со количка натоварена со Балантајн и Џони Вокер, шишиња натоварени мислиш дека се дрва за во шпорет во некоја скопска кујничка. 

Бавчата на Кампинг се полни со гости и по некое време силен звук на мотор на летало(хеликоптер) ни кажува дека главните гости слетале на помошното на Вардар и дека свеченоста почнува. Еве ги младите во светла облека мажите (Амди и најблиските) во смокинзи и со лептир машни,жените во долги здолништа,фризури по последна мода поздравувани со аплауз седнуваат на чело на свадбената просторија на отворено во Кампинг......Тука е кумот Фаик Абди пратеник во собранието, младите свекорот и свекрвата.......почнува предавањето на подароците со најава кој што подарил и аплаузи...а малку потоа музика.Невидена поплава од егзотичен звук и мајсторска изведба.Секој од пејачите го  китат со марки или долари, како кој, а еве го и Шабан во светли панталони и живописна кошула со трегери-широки и накитени со зелени банкноти и онапред и на грбот-лудница. Грми озвучувањето болат уши од тапаните и трубите,но и од високите тонови на Уснија и Шабан-на другите да простите не се сеќавам.Високите гости се одвоени од обичните со провизорна ограда-зад неа комшиите,пријателите и сите поканети и непоканети –до нив дестина огромни скари со лесковачки специјалитети и неколку ражни со прасиња(а што мислевте).

Преку ограда под трибините на северна на Градски народ и меѓу нив тетка Пеле мајката на мојата детска другарка Мира Компир. Ја викнавме и таа заедно со комшиката дојде на нашата маса. Дознавме дека со свекрвата работеле зедно во фабрика за чорапи (како што ја викаа скопјани) пред таа да си замине за Америка. Се расположи тетка Пеле слушаме убава музика и уживаме...стасавме до јадењето број три и полека си заминуваме несвесни дека присуствувавме на урбан настан. Вечерта ни звонат телефони со единствено прашање од кај вие на свадбата кај Амди. Имено во сите емисии вести имало сторија од настанот, а таму како куриозитет светлата коса на една од гостинките(мојата сопруга)-претпоставувате на сите тоа им направило впечаток, а не мојот тен и тенот на малата ќеркичка сличен на оној од гостите од Шутка....Убаво е човек кога се сеќава и на убави нешта,па макар и ретко!

Mojсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?