23 Април, 2024
0.0246

Со позајмени 280 денари се вратив од Прилеп во Скопје, бев депресивна, но одлучив да се борам: Елена Петреска ја раскажа тешката животна приказна

Објавено во: Стил 19 Јануари, 2022

Добивај вести на Viber

Пејачката Елена Петреска е еден од нашите најдобри и најуникатни женски вокали. Иако во последно време е послабо активна на поп-сцената, музиката е и понатаму дел од нејзиниот живот. Таа е вработена во Националната опера и балет како дел од хорот, и иако не го исполнија сонот на нејзината мајка да стане оперска пејачка, таа е среќна во средината во којашто работи. Елена за првпат јавно зборува за тешкиот период од нејзиниот живот, од анскиозноста, до незадоволството од самата себе кое ѝ го донела поп-музиката, до исклучително тешката финансиска состојба во која се наоѓала. Во еден период, таа била приморана од Скопје каде што студирала да се врати во родниот Прилеп поради немање средства да се издржува, и вели дека назад во Скопје дошла со позајмените 280 денари од нејзиниот тетин. Елена е денес во брак со Андреј Толевски, мајка на Михаел и на Софија, но како што вели ничиј живот нѐ е мазен ниту совршен колку и да изгледа така.   

На твојот Фејсбук профил објави статус во кој велиш дека си ја загубила самодовербата и си станала анксиозна. Во кој период медиумската експонираност те направи несигурна, зошто ја загуби самодовербата?

Петреска: Не можам да кажам со сигурност - ете, тој е периодот во кој јас ја изгубив самодовербата, зошто тоа се сплет на ситуации и околности кои малку по малку ме влечеле надолуе. Од мала сум на сцена, го сакам тоа што го работам, тоа е мојот живот.  Но, кога почнав да се појавувам на телевизија и да се гледам од страна се’ некако стана различно, прво мојата нефотогеничност. По првата моја насловна страница ме виде една водителка во живо и ми кажа: Не дозволувај веќе да те сликаат! Тоа за мене во тој период на почетоци беше шок. Па, оттаму дојде и мојата идеја дека не сум доволно убава за да бидам на ТВ, па никогаш не сакав да си ги гледам настапите и гостувањата во емисии. Едно чудно време беше тоа, па се убедив дека треба да ги заслужам вниманието и љубовта со некој посебен критериум.


Како дојде до тоа да чувствуваш дека сите се подобри од тебе, со оглед на тоа дека си одличен вокал, успешна во својата работа, имаш хармоничен семеен живот?

Петреска: Кога веќе ја почнав целата оваа приказна со статусот еве ќе прозборам отворено, иако никогаш не сум сакала и не сакам да звучи патетично, зошто на сите ситуации кои сум ги поминала гледам како на мои животни лекции преку кои растев и сѐ уште растам.

Првата „шлаканица“ беше кога поради финансиската состојба во која западнавме морав да се вратам во Прилеп и да ги прекинам студиите на Музичка академија. Бев разочарана и депресивна, но одлучив да се борам, секогаш се сеќавам на тие 280 денари за автобуска карта кои ми ги даде мојот тетин и со кои се вратив назад во Скопје и почнав да пеам за да заработувам за живот. Имаше моменти кога немав денар во џеб и кога го допрев дното, но фала му на Бога, и на мојата мотивација, работа на себе и трудољубивоста, почнав да се качувам на скалата да стигнам до нулата, зошто таму кај што бев беше минус.  Не се откажував никогаш, се борев постојано, одев на фестивали, на настапи, некогаш со позајмени фустани, со сандали фарбани со боја, со фустани направени од марами, зафатени со безопасни, кои сама си ги изработував. Се сеќавам на Охрид фест кога победив со песната “Галебе” а едвај отидов на фестивалот со 500 денари во џеб… сега си се чудам на храброста и самодовербата која ја имав.

После секоја напорна работа за сѐ да изгледа и звучи како што треба (онолку колку што дозволувале условите) тешко ги поднесував лошите коментари, особено кога почнав да ги читам коментарите по социјалните мрежи, коментарите на Јутјуб, за моето пеење, за мојот изглед, тешко ми паѓаа и коментари од опкружувањето во некои периоди од животот и што секој си даваше за храброст да ме анализира, да  напише се’ и сешто за мене. Не бев подготвена за тоа, бев мала и неискусна. Кога си оставен сам на себе, кога немаш ветер во грб, многу е лесно да создадеш пакт со негативните коментари и да ги присвоиш како да се твои, па од тука и почнува сомнежот во себе и во своите можности.

Но, пак ќе кажам, има некоја сила која секогаш ме води, а јас ѝ се препуштам и работам на себе, ги чистам сите тие белези од минатото, учам од нив како да станам подобра личност. Една од најсвежите лекции на кои работам е токму самодовербата.

Понекогаш пеев на места на кои не сакав да бидам ама никогаш не дозволував да паднам, затворав очи и си замислував подобра иднина.
Повеќе детали читајте на Женски магазин. 

Можеби ќе ве интересира

Мемедоски е македонскиот претставник на „Светскиот избор за Мис и Мистер за глуви“ во Прага: Бог ме направил различен од другите, но ми подарил повеќе таленти

Мемедоски е македонскиот претставник на „Светскиот избор за Мис и Мистер за глуви“ во Прага: Бог ме направил различен од другите, но ми подарил повеќе таленти

МЛАДИТЕ БРИТАНЦИ НЕ ГО САКААТ КРАЛСКОТО СЕМЕЈСТВО: Само еден член стои полошо од Хари и Меган

МЛАДИТЕ БРИТАНЦИ НЕ ГО САКААТ КРАЛСКОТО СЕМЕЈСТВО: Само еден член стои полошо од Хари и Меган