29 Март, 2024
0.0256

Со создавање на иселенички енклави, нема перспективи во развојот!

Објавено во: Колумни 23 Декември, 2013

Добивај вести на Viber

Иако е познато дека намалувањето на регионалните диспаритети во развојот е важен сегмент на секоја развојна стратегија, зачудувачки е што во Македонија, која и самата е недоволно развиена земја, речиси воопшто не се посветува внимание на остварувањето на порамномерен регионален развој. Тоа не го прави ниту актуелната влада која  уште во почетокот на нејзиниот мандат (2007) донесе Закон за рамномерен регионален развој. Степенот на неговото имплементирање може да се окарактеризира како „мртва буква на хартија“, во однос на обезбедувањето на финансиски средства за поттикнување на рамномерен рагионален развој. Формирани се осум плански региони како функционални територијални единици во кои треба да се планира и реализира политиката за поттикнување на рамномерниот регионален развој. Меѓутоа, тие се оневозможени да ја вршат својата функција бидејќи не се реализира законската обврска за издвојување на  средства во висина од 1% од годишниот БДП  на земјата наменети за таа цел. Прашање е дали и со тие средства би се направил пробив во остварувањето на порамномерен развој во земјата, ама сигурно е дека без нив нема шанси за реализирање на декларираниот полицентричен развој. На сцена е моноцентричкиот развој, кој, ако не се сопре (преку доследно остварување на декларираната политика на рамномерен развој) ќе доведе до опустошување на некои региони во Македонија. Според податоците од средината на 2012 година се гледа дека во три региони (вардарскиот, источниот и пелагонискиот) повеќе жители умреле отколку што се родиле. Ако на тоа се додаде и иселувањето во поразвиените региони и во странство, опасноста од испразнувањето е веќе реална.

Неспроведувањето на законската одредба за издвојување на средства за поттикнување на рамномерен развој ги изјалови очекувањата за намалување на диспаритетите меѓу планските региони. Наместо да се намалуваат тие се зголемуваат.  Во 2011 година скопскиот регион остваруваше за 44% поголем просечен БДП по жител од просекот во земјата. Натпросечен БДП по жител остварија уште пелагонискиот, југоисточниот  и вардарскиот регион (24,3%, 15,6% и 2,2% респективно). Другите региони бележат понизок БДП по жител од просекот. Полошкиот има помал БДП по жител за 53% ,а североисточниот за 35%.

Без пресврт во односот кон порамномерен регионален развој во земјата овие разлики ќе се продлабочуваат, а со тоа ќе се намалува атрактивноста за живеење и работење понеразвиените региони. Во таа насока водат големите разлики во инвестирањето во основни средства во Македонија. Во 2011 година во скопскиот регион беа реализирани 66,4% од вкупните инвестиции во основни средства, а остатокот од 33,6% од другите седум региони. Со 7,6% учествува полошкиот регион, со по 5,4% вардарскиот и  пелагонискиот, со 5,2%  југоисточниот, а најмало учество бележи североисточниот регион- само 1,2%. Притоа, полошкиот и пелагонискиот регион имаат безмалку еднаков број на население спрема скопскиот (29,6%).

Концентрирањето на инвестициите во Скопје доведува до парадоксална ситуација. И покрај апсорбирањето на лавовскиот дел од инвестициите регионот во 2012 година бележи натпросечна стапка на невработени-31,3%. Тоа е секако   последица и на прилив на население од другите региони. Наспроти тоа, пониски стапки на невработеност покажуваат југоисточниот, источниот и пелагонискиот регион. Слаба страна на инвестирањето е и тоа што тие не доведоа до пораст на извозот, односно до намалување на трговскиот дефицит во скопскиот регион. Стопанството на овој регион во извозот од Македонија учествува со 51%, а во увозот со 69,9%. Поголем увоз од извоз покажуваат уште полошкиот и североисточниот регион. Интересно  е притоа што суфицит покажуваат вардарскиот, источниот, југоисточниот и пелагонискиот регион, а југозападниот е во рамнотежа.

Ваквите текови во регионалниот развој очигледно бараат усогласување на развојната стратегија на земјата со потребите за порамномерен регионален развој. За таа цел е потребно да се изготви стратегија за регионален развој во која, како што обврзува законот, треба да се утврдат принципите, целите и приоритетите на регионалниот развој и да се дефинираат мерките, инструментите и финансиските и други средства за нивна реализација. Тоа значи дека треба да се создадат услови  дефинираните  региони да се оспособат да го програмираат развојот на   регионот  во согласност со стратегијата за регионален развој. Без тоа, во регионите ќе се остварува инцидентен развој кој е последица на реализацијата на проекти од централната власт, а тој, без стратегија за регионален развој, води кон  несакани диспропорции во развојот, кои стануваат пречка за негово динамизирање.

Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?