Со увоз на енергија при екстремно високи цени „потрошивме“ една комбинирана термоенергетска постројка
Објавено во: Економија 26 Октомври, 2022 13:58
Растот на цените на електричната енергија, како и другите енеергенти на берзите јако ги погоди компаниите во Македонија кои секојдневно потенцираат дека трошоците им се значително зголемени, поради што во прашање се доведува нивниот опстанокот. Граѓаните засега не го почуствуваа ударот толку јако, но увозната зависност не прави ранливи на ударите од надвор. Колку изминативе месеци ќе бидат поттик за освестување на институциите и надлежните да ги зголемат инвестициите во енергетскиот сектор, но и што е потребно да се подобри домашното производство?
- Би било разумно да се очекува дека високите цени на електричната енергија во изминатиот период, актуелните, а и во најава, ќе ги натераат институциите и надлежните да преземат сериозни конкретни чекори за зголемување на инвестициите во енергетиката. Фактички, крајно време е да дојде до вистинско освестување и да се започне со сериозна работа во таа насока. Ние, како држава, во изминативе година-две, поради зголемениот увоз на електрична енергија при екстремно високи цени, во суштина, веќе „потрошивме“ една убава нова комбинирана термоенергетска постројка и квалитетна модернизација на дел од објектите. Значи, не мораше да се чека да се најдеме во ваква ситуација, па тоа да биде причина за палење на светлата за аларм за да се преземе нешто – вели професорот Ристо В. Филкоски од Машински факултет при УКИМ.
Тој дополнува дека иако на јавноста и е познато дека енергетската криза најмногу ги погодува европските земји, сепак додава дека таа кај нас има и своја локална димензија. Укажува дека со повеќегодишното недоволно инвестирање за одржување на енергетските објекти и неинвестирање во нови, сега ни доаѓа на наплата. Филковски за „Фактор“ посочува оти неинвестирањето во последниве години се манифестира со намалување на домашното производство на електрична енергија, што резултира со исклучително голема осетливост и зависност на енергетскиот сектор во земјата од турбуленциите во меѓународни рамки. Професорот исто така нагласи дека домашните објекти за производство на електрична енергија веќе се прилично стари.
- Повеќето од нив, ако не и сите, го имаат надминато својот технички животен век. Поради тоа, дури и при добро одржување, доаѓа до влошување на перформансите, се намалува ефикасноста, опаѓа доверливоста и доаѓа до зачестени дефекти, прекини во работата и испаѓања. Секако, меѓу причините за намалено домашно производство се и проблематичното одржување на објектите во еден подолг период (прескокнување редовни ремонти, потреба од квалитетна ревитализација и модернизација), како и непреземањето потребни чекори за обезбедување гориво (јаглен, течно гориво) и други услови за нормална работа – вели професорот Филкоски.
Сепак, тој додава дека и покрај ваквата состојба, не негува илузии дека дека скапата електрична енергија ќе биде поттик за освестување на институциите и надлежните! Посочува оти во енергетиката нема брзи и истовремено квалитетни решенија, туку мора да има стратегиско планирање и организирана работа на среден и на подолг рок.
- Краткорочните решенија може само да ја ублажат состојбата и тоа повеќе привидно и популистички, а многу малку реално. Таквите решенија повторно ги плаќа народот (преку буџетските средства). Од друга страна, специфични проблеми во смисла на вложувањата во енергетскиот сектор се поврзани со менталниот склоп што е доминантен кај нашите политичари и другите надлежни чинители. Тие размислуваат само во рамките на нивниот мандат, што за сериозни енергетски проекти најчесто е прекратко време. Реализација на енергетските проекти е подолготрајна, периодот на враќање на инвестицијата исто така може да биде релативно долг, а често, добар дел од директните и индиректните придобивки не се изразуваат лесно во економско-финансиски категории. Тука мислам на придобивки како што се енергетска безбедност, релативна енергетска независност, намалување на енергетската сиромаштија, еколошки придобивки, ширење на техничка култура, нови вработувања, пратечки мали бизниси итн – појаснува професорот.
Дека ја живееме најголемата енергетска криза во светот вчера посочи и првиот човек на ИЕА, Фатих Бирол, кој потенцираше дека „затегнувањето на пазарите на течен природен гас ширум светот и намалувањето на снабдувањето со големите производители на нафта, го ставија светот во средина на првата вистинска голобална енергетска криза“.
Ваквиот став на привиот човек на Меѓународната агенција за енергетика, како и фактот дека Македонија нема на располагање свои извори на енергенти, освен јаглен или лигнит, неминовно го наметнуваат прашањето каде треба да се насочи нашата земја за поголемо домашно производство и помал увоз.
- Во актуелните услови, поради големата непредвидливост во енергетскиот сектор, исклучително тешко е да се дадат релевантни насоки за одржливи решенија, кои нема да бидат оптоварени со голема доза на хипотетичност. На краток и на среден рок во Македонија треба да се работи на одржување на постојните енергетски капацитети, организирано (а не стихијно) обезбедување на термоенергетските објекти со гориво и изградба на нови. Во нормални околности, најдобро е да се постигне оптимална диверзификација, што значи, покрај старите објекти, да се дојде до соодветна комбинација од когенеративни термоенергетски постројки на природен гас (за комбинирано производство на електрична и топлинска енергија), хидроенергетски објекти, фотонапонски централи, ветерни централи, термоенергетски постројки на биогас и др. Едно без друго не оди. Класичните објекти се потребни заради осигурување на базните потреби, но и за снабдување во услови кога производството на енергија од обновливи извори ќе биде многу променливо, мало или речиси никакво – појаснува Филкоски.

Професорот за „Фактор“ посочува оти актуелната состојба забрза некои процеси во насока на одредена енергетска транзиција, посочувајќи оти изградбата на фотонапонските постројки зема се поголем замав, што вели е добро доколку не биде на штета на сметките за електрична енергија на населението. Тој вели дека оптимална застапеност на фотоволтаични постројки ќе создаде услови за поголемо користење на благодетите што ни ги овозможува географската положба и во одредени околности за производство на електрична енергија по пониска цена. Тоа може да биде особено корисно за компаниите коишто ќе вложат за изградба на такви постројки.
- Современите когенеративни постројки, како ТЕ-ТО Скопје, се исклучително важни и за електроенергетскиот систем и за снабдувањето со топлина, но никој не може да предвиди каква ќе биде цената на природниот гас во наредниот период. Природниот гас досега го добивавме по сосема прифатлива цена, а снабдувањето беше сигурно. Сега се покажува дека и многу поголеми, побогати и навидум повлијателни држави во Европа не решаваат сами за својата енергетска судбина. Одредени ветувања за т.н. намалување на зависноста од руски гас и делумна замена со втечнет гас немаат сериозна подлога, затоа што тој е значително поскап а, патем речено, американскиот втечнет гас е добиен на еколошки проблематичен начин. Значи, реално сценарио е дека и понатаму ќе добиваме руски гас, но по повисока, цена, преку посредници и под друго име. Јасно е дека постепена енергетска транзиција е неопходност и претставува нешто неминовно. Меѓутоа, можностите за брза транзиција се мошне ограничени, да не речам нереални, поради повеќе причини, за кои е потребно пошироко образложение. Мое мислење е дека за земја како Македонија, со оглед на нивото на економски и севкупен развој, потребна е постепена енергетска транзиција со еволутивни чекори. Притоа мора да се води сметка за финансиско-економските можности на населението, карактеристиките на енергетскиот сектор, состојбата на електропреносната и дистрибутивната мрежа, степенот на поврзаност со соседните системи и други фактори – потенцира професорот.
Тој дополнува дека изнаоѓање и имплементација на мерки за подобрување на енергетската ефикасност треба да биде континуирана активност за сите области и сите сектори (индустрија, агроиндустриски сектор, домаќинства, сектор на услуги, јавен сектор итн.). Појаснува дека постојано треба да се работи на тоа затоа што можностите и потенцијалот за поквалитетно користење на енергија за да се постигнат подобри крајни резултати - ист или поголем обем на производство, подобар квалитет на услуги, комфор во животниот и работниот простор итн., се големи, а придобивките се многукратни - енергетски, финансиско-економски, еколошки и други.
- Во прилог на ова оди значително нараснатата свест за значењето на подобрувањето на енергетската ефикасност во големи делови од општеството, особено во индустријата и во услужниот секторот. Наспроти широко распространетото сфаќање дека енергетска ефикасност е поставување нови прозорци и нова фасада со мал вкупен коефициент на топлинска спроводливост, треба да се знае дека енергетската ефикасност претставува многу повеќе од тоа. Таа подразбира сериозно знаење во областа на термотехниката и енергетиката, разбирање на термотехничките системи, на индустриски и други процеси и сл., како и оспособеност за анализа на процесите и системите. Како и да е, иако во енергетиката нема многу можности за добри решенија на краток рок, сепак и тука нешто може да се направи. Во сите споменати и неспоменати области и сектори има потенцијал за имплементирање и практикување мерки за подобрување на енергетската ефикасност со домаќинско работење (без вложување средства) и технички мерки за кои се потребни сосема мали инвестиции. Во принцип, со таквите мерки вообичаено е можно остварување заштеди од 5-10 отсто, но некогаш и до 15 проценти. Секако, ќе се согласиме дека во актуелната состојба, при актуелните цени на енергентите, кои повремено се застрашувачки, секоја остварена заштеда е добредојдена – заклучува професрот Филкоски.
Петранка Огнаноска
Можеби ќе ве интересира
Најголемиот германски производител на челик привремено го запира производството во две големи фабрики - 1.200 работни места во опасност
Централната банка на Русија го тужи Еуроклир: бара 194,8 милијарди евра отштета
Македонија најевтина во Европа според цените на храната
НОВИ БИЗНИС ИНВЕСТИЦИИ: Познато е кој ќе ги гради најголемите складишта за електрична енергија?
„Визер“ со нова линија од аеродромот во Скопје - од сега ќе се патува и за Прага
Мицкоски: Мерките на Владата даваат резултати, зголемени бројки на туристи и ноќевања во првите 10 месеци
Меѓународниот аеродром Скопје станува апослутен лидер во регионот по раст и по број на нови понудени места
КЛУЧ НА ДРЖАВНАТА КАСА ИЛИ МИЦКОСКИ ПРОГЛАСИ КАПИТУЛАЦИЈА НА ЕКОНОМИЈАТА! Чупеска за затворањето на трезорот на 15 декември




