05 Декември, 2025
0.0296

„Согласните“ несогласни околу гаранциите за безбедност на Украина

Објавено во: Колумни 22 Септември, 2025 08:12

Добивај вести на Viber

Од денес во Обединетите нации ќе врие. Јубилејот од 80 години од нивното основање е повод да се соберат десетици лидери од цел свет. Да ги искажат своите ставови за многу горливи прашања во светот. Ќе има Генерално собрание. Ќе има многу новости. Како вовед во се’ Франција, Британија, Австралија, Канада и Португалија ја признаа државноста на Палестина. Се очекуваат признанија уште од неколку западни држави.

Во јавноста е формирано мислење дека лидер на признавањето на Палестина е францускиот претседател, Емануел Макрон. И се зборува за „дипломатска победа на Париз“. И дека се создава противтежа на САД и Доналд Трамп во поддршката на Израел. Но обидот на Макрон да се формира заеднички фронт на Европа за Блискиот Исток нема да  вроди со плод. Германија, Холандија, Италија, Унгарија и Грција се јасни дека нема да се присоединат во признавањето на Палестина. Секоја со свои образложенија. Другите членки на ЕУ калкулираат. Последиците од делумното европско признавање на Палестина допрва ќе ги очекуваме. Едно е јасно, како и околу Украина и овде нема европско единство. И се’ ќе се сведе на пазарење, убедување, без реален ефект.

Пред некоја недела во Европа беше создадена „Коалиција на согласните“. Триесетина земји се договорија да и помогнат на Украина во војната со Русија. Претходно европски лидери беа кај Трамп во Белата куќа, а потоа во Париз повторно имаше нивна средба. Имаше некои договори, но како што минуваше времето се покажа дека единството и не е така силно. Особено во давањето гаранции за безбедноста на Украина. Кои беа договорени на средбата на Трамп со неговиот руски колега, Владимир Путин, на Аљаска. Макрон и околу гаранциите зборуваше дека 26 држави се подготвени да испратат војска во Украина. Но се покажа дека дека тоа не е баш така. Силни сојузници на Украина, како што е Полска, изјавија дека тие имаат други намери. Да даваат логистичка поддршка. Нема полска војска, ниту по завршувањето на војната. Ова како одговор на некои искажувања во Русија ,дека Полска ќе ја окупира Западна Украина. Сега Полска е главниот центар од каде што се испорачува воена опрема за Украина.

ЕВРОПА НЕОДЛУЧНА

Излезе дека воениот контингент од Запад повеќе ќе биде симболичен, отколку вистински воен. Па почна да се зборува за обука на украински војници во членки на НАТО, присуство на гранците на Украина со војници од членките на НАТО. Дроновите над Полска, Русија тврди дека не се нејзини,  пред десетина дена одново ги разгореа дискусиите околу гаранциите. Па почна да се лицитира со бесполетни зони над Украина, уривање на руски дронови над украинска територија и сл. Се воведе и 19 пакет санкции против Русија. А украинскиот претседател Владимир Зеленски како гаранција за безбедноста го гледа членството на Украина во ЕУ. На што засега се противи Унгарија. Американците, во сето ова,  само ветија дека ќе дадат поддршка во гаранциите. Но без испраќање војска. Можеби ќе даваат разузнавачки податоци. ЕУ не одговори и за присоединувањето кон барањето на Трамп за 100 процентни царини за купувачите на руска нафта за побрз мир во Украина. А американскиот министер за финансии Скот Бесент вели „направете и вие нешто за и ние да ви помогнеме“. Во меѓувреме Трамп се слушна со неговиот кинески колега, Шји Џинпинг. Нема ништо од царини, а ќе има нивна средба во октомври. Трамп сака да има полза од секој договор. Европа засега е неодлучна.

Ваквиот развој на работите не значи и крај на напорите, посебно на „јастребите“, за мир во Украина. Претседателот на Финска, Александар Стуб, изјави дека безбедносните гаранции за Украина, кои ги разгледува таканаречената „Коалиција на согласните“, ќе ги принудат европските земји, кои ќе ги потпишат да се соочат со Русија доколку таа во иднина одново почне агресија против Украина. Стуб го изјави ова во интервју за „Гардијан“. Тој истакна дека безбедносните гаранции  првенствено се средство за одвраќање. „Овој фактор мора да биде веродостоен, а за да биде убедлив, мора да биде силен“, рече тој. Според финскиот претседател, гаранциите ќе стапат во сила само по иден договор меѓу Украина и Русија. Во исто време, тој нагласи дека Русија ќе нема право вето врз нивниот формат.

„Русија апсолутно нема право на глас во суверените одлуки на независна национална држава... Затоа, за мене, не е прашање дали Русија ќе се согласи или не. Секако, таа нема да се согласи, но тоа не е поентата“, додаде тој. На прашањето дали овие гаранции би значеле дека европските земји би биле подготвени да се вклучат во воена конфронтација со Русија во случај на идна агресија врз Украина, Стуб рече: „Тоа е идејата за безбедносни гаранции по дефиниција“. Тој исто така верува дека какви било гаранции ќе бидат бесмислени, ако не се поткрепени со вистинска сила. Стуб, исто така, смета дека шансите да седне лидерот на Кремљ, Владимир Путин, на преговарачката маса се мали.

„СОГЛАСНИТЕ“ КАЛКУЛИРААТ

Со други зборови, „формулата на Стуб“ во суштина ги одложува мировните договори, наместо да ги унапредува. Треба да се напомене дека, освен Стуб, ниту еден друг европски лидер не ја искажа својата подготвеност да обезбеди безбедносни гаранции за Украина што би ги обврзале европските земји да влезат во војна со Русија во случај на нова инвазија. Очигледно во „Коалицијата на согласните“ има несогласност околу гаранциите за безбедност на Украина. Најмногу што се дискутира е внесувањето ограничен контингент војници во Украина по завршувањето на воените дејства. И само тогаш, ако САД гарантираат поддршка, а Русија не се спротивстави. Но, Вашингтон сè уште не дал никакви гаранции, а Москва категорично се спротивставува на внесувањето трупи на НАТО во Украина. Сенаторот, Алексеј Пушков во одговор на зборовите на Стуб рече дека:„ Решавањето на украинската криза е невозможно без учество на Русија, бидејќи условите за решението директно се однесуваат врз нејзината безбедност“.

„Согласните“ очигледно калкулираат поаѓајќи од своите интереси. А не од интересот за мир во Украина. Сега одново во Европа се слушаат гласови за прекин на воените дејства. И на тоа ќе се работи. Трамп постојано нагласува дека прекинал шест-седум војни. Дека вовел мир. Околу Украина е потешко. Но тука Трамп повикуваа да се постигне мировен договор, а не некакво примирје. За ова има разногласија и со советниците на Трамп. Кит Келог, задолжен за Украина, вели дека токму околу тоа има несогласување со претседателот. И смета дека целта на Трамп е тешко остварлива.  Се создава впечаток дека сега во Европа се преземаат чекори за да се влијае врз Трамп да го смени својот приод.

Таков обид сигурно ќе има и на можната средба на Зеленски и Трамп на маргините на Генералното собрание на ОН. Украинскиот претседател изјави дека таква средба се подготвува. Главна тема ќе бидат условите за мир во Украина. И секако враќањето на Русија на преговарачка маса. Таа пак вели дека преговорите не се прекинати. А за седнување на маса на лидерите е потребно претходно да се подготват сите решенија, кои би биле прифатени од сите страни. А претседателите да ги усогласат до крај и да го потпишат мировниот договор. Оттука украинската страна сега ќе го моли Трамп или ќе го убедува, Путин да се согласи на средба на лидерско ниво. Ваквиот приод е предизвикан и од она што го гледаме, особено сега при претседателствувањето на Трамп и начинот на кој тој ја игра својата улога. Што, пак, Европа го почувствува на свој грб, па сега и не сака да си го расипе комодитетот спротивставувајќи му се на американскиот претседател. Таа знае дека само Трамп може да помогне. Прашање е само, колку го може тоа со Путин, особено после средбата на Аљаска, на која веќе беше постигнат некој договор меѓу двата претседатела.

Од денес од Њујорк ќе доаѓаат најразлични вести. Дали Палестина и она што се случува околу неа ќе ја стави Украина во сенка на актуелните светски настани? Дали ќе се отворат и некои други горливи теми? За се’, ќе се следи што ќе каже и што ќе направи Трамп.  Трамп ќе биде главен во насловите. Па и за желбите на „согласните“.

Мирче Адамчевски


* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:

Можеби ќе ве интересира

Зеленски „под контрола“!

Зеленски „под контрола“!

Топ 10 лекови во светски рамки – и каде е Македонија во овој поглед?

Топ 10 лекови во светски рамки – и каде е Македонија во овој поглед?