Сојузнички „поздрав“ за Украина
Објавено во: Колумни 24 Април, 2023
Преговорите на вице-претседателот на ЕУ Валдис Домбровскис со претставниците на Полска, Словачка, Унгарија, Романија и Бугарија за увозот на земјоделски прехранбени производи од Украина, засега не донесоа некаков договор. Денес или утре разговорите ќе продолжат на ниво на министри за земјоделие на петте сојузнички држави на Украина. Тие држави воведоа забрани за увоз на некои земјоделски производи од Украина. Тоа предизвика голем револт во Киев. Демек, од една страна ни се сојузници, а од друга сакаат уште повеќе да ни ја поткопаат и онака слабата економија. Реагираше и ЕУ, која го осуди односот на земјите кои граничат со Украина. Но веднаш свика средби за решавање на прашањето.
На Европската Унија многу и е јасен проблемот, кој се јави во многу непријатно време. Договорот за извоз на украински житни култури од нејзините пристаништа постојано е под прашање. Од причина што негов потписник е и Русија. Лани Полска иницираше создавање на канали за извоз по сувоземен пат, па кон нејзините пристаништа, но сега токму таа прва крена рампа за украинските производи. Во ново настанатата ситуација Европската комисија се согласи само на забрана за увоз на пченица, пченка, семе од репка и семки од сончоглед. Неформално се зборува дека таа ќе биде подготвена да додаде и други производи од списокот што во минатиот петок го претставија на списокот со ограничувања министрите за земјоделство на петте земји, како јајца и месо од живина. Но во списокот има и други производи. Министрите за земјоделство на Полска, Бугарија, Романија, Словачка и Унгарија, во писмо до Европската комисија, велат дека сакаат во списокот да додадат сончогледово масло, брашно, мед, шеќер, некои видови овошје, јајца, месо од живина, млеко и млечни производи.
Брисел на петте свои членки им предложи поддршка од 100 милиони евра. Претходно беа доделени и околу 60 милиони, но Пољаците рекоа дека тие пари не се доволни за компензација на нивите загуби од украинскиот извоз. Од овие 100 милиони евра за Полска се предвидени околу 39 милиони евра, за Романија околу 30, за Бугарија 10, Унгарија 16 и Словачка околу пет милиони евра. Се очекува Европската комисија да најде мерки кои би ги задоволиле сите страни. Компензации за „блокирачите“, а за Украина продолжување на коридорот на солидарност низ кој житото треба да замине за Африка, на пример, а не да останува во соседните земји. А тоа се случуваше и влијаеше врз домашниот пазар на житни култури, при што реагираа нивните производители? Од Романија дојде вест дека таа ќе ги пломбира камионите кои ќе транзитираат низ нејзина територија. Се’ со цел житото да не се истовари кај некои домашни шпекуланти. Русите, на пример, постојано изјавуваа дека наместо во Африка украинските житни култури завршуваа на територијата на Европската Унија.
ЕВРОПСКА ЖИТНИЦА
Сето погоре создава ситуација во која се поставува прашањето дали земјите кои го блокираат украинскиот извоз на земјоделски производи се сојузници или пак конкуренти. Како Полска, која вели дека и доделила помош на Украина во војната против Русија неколку милијарди евра воена и финансиска помош, а овде се „ценка“ за неколку десетици милиони евра. Истото важи и за други членки на ЕУ, сојузници на Украина. Како по договор одеднаш на сите им пречи украинскиот извоз. Развојот на оваа ситуација ќе покаже многу работи. Прво, колку ЕУ е подготвена да реагира во вакви ситуации. Второ, како Украина ќе треба да се однесува кога утре ќе почне преговори за членство во ЕУ, со соседи на кои таа ќе им биде голем конкурент. На времето Украина ја викаа европска житница. А не Полска или Романија.
Протестите на полските фармери, кои се одвиваат веќе некој месец, кулминира пред посетата на Владимир Зеленски на Полска, пред две недели. Дури имаше закани дека фармерите ќе ги блокираат патиштата по кои ќе треба да патува Зеленски, дека ќе ја блокираат неговата посета. Се разбира тоа не се случи, но домашните политичари сфатија дека доцнат во одговорот на барањата на фармерите. И почнува приказната за тоа што е поважно. Туѓиот или сопствениот интерес. Во Полска наесен ќе има парламентарни избори. Владеачката партија „Право и прада“ има силни позиции во руралните делови од земјата. Оттука и одлуката за блокади на украинскиот извоз. Да се привлечат гласачите од руралните области. Истовремено Полска ќе продолжи да ја поддржува Украина на политички и воен план. Покрај економскиот, за Полска од голем интерес е поразот на Русија во војната со Украина, како знак за историски реванш и лечење на „рускиот комплекс“. Веќе пишувавме и за можното конфедерирање на Полска и Украина.
Дека владејачката партија била сериозна во одлуката за блокадата, покажува и фактот дека таа беше објавена неколку часови по посетата на Зеленски на Варшава. Зеленски по средбата со неговиот полски колега, Анджеј Дуда, рече дека е пронајден излез од ситуацијата и „во наредните денови, недели“ прашањето ќе биде „конечно решено“. Решението се покажа дека е забрана за увоз на украински земјоделски производи во Полска. Ништо од очекувањата дека тоа прашање ќе биде решено на обострано задоволство. Наместо тоа – студен туш од Варшава. И вчудоневиденост во Киев.
ШПЕКУЛАНТИ
А, како нема да биде студен, кога според официјалните царински податоци од Украина во првиот квартал годинава извозот само на земјоделски производи во Полска изнесува 652 милиони долари, а во Унгарија 268 милиони долари. Кај овие две земји отпаѓа 14 проценти од извозот од аграрниот сектор во првиот квартал. Затоа и загубите ќе бидат големи, ако има блокада. Зашто има и други земји кои воведуваат блокади. Романија, на пример, лани после Полска станала втора земја по увоз на украински земјоделски производи. Извозот на житарки од Украина во Романија лани се зголемил 700 пати! Дури 28 проценти од целиот украински земјоделски извоз во првиот квартал годинава отпаѓа на Полска, Романија, Унгарија и Словачка.
Никој во Полска официјално не кажува дека шпекулантите купуваа украински земјоделски производи по „воени“ цени, а ги продаваа по европски. Тоа не им пречеше, на пример, на Полјаците. Ама сега кога се побунија земјоделците, одеднаш ставање рампа за увоз од Украина. А се знае кои се шпекулантите. И од кого се заштитени? Власта во прв ред. Ми паѓаат на ум шпекулантите од Македонија во време на ембаргото кон Србија.
Незадоволството на полските земјоделци не е никнато на празна почва. Партијата „Право и правда“, според познавачи на приликите во Полска, неколку години не им посветува внимание на земјоделците, кои имаат мали и средни фарми и се многубројни, а со тоа и позависни од колебањата на пазарот. Владејачката партија со својата политика внела во земјоделството волунтаризам, корупција и тенденција кон монополизација. Сето тоа е засилено со пандемијата и сегашната војна. Незадоволството на фармерите од украинскиот извоз се јавило уште лани летото, ама власта само ветувала. Полска која лобираше во ЕУ транзит на украинското жито, самата не била подготвена за такво нешто. И оттука се јавува системски проблем, кој тешко се решава.
Шпекулантите веднаш после граница го „расходуваат“ житото и ги полнат силосите. Па домашните производители нема кому да му ја продадат својата продукција. И им станало јасно кон кого треба да го насочат револтот. Кон Украина, знаејќи дека нивната власт ќе мора да преземе нешто, ако се блокираат патиштата кои водат од граница кон внатрешноста на државата. Со огромно покачените цени на горивата лани, како и на вештачките ѓубрива немаа друг излез. И владејачката партија се сврте кон нив. Зашто наесен ќе бара поддршка од земјоделците. Такви се епилозите од партиските игри.
Како да се однесува Украина во овој случај? Познавачи на состојбите сметаат дека се чини дека украинската страна има одредена искрена верба во преговорите со Варшава. Ова е наивност. Во тек е агресивна игра пред домашна публика, во која не станува бор за резултат, туку за процес, велат тие. Единствената улога на украинската страна овде е да биде дворски шут или момче за удирање чврги. Тешко дека Киев треба да го игра ова. Варшава мора да биде притисната преку Брисел. Пред една година, Полска беше првата што изјави дека сака да биде центар на украинските земјоделски производи. А сега Варшава е првата што ја спушти рампата за извоз.
ГЕОПОЛИТИКА И ЕКОНОМИЈА
Оттука и заклучоците на новинарот Игор Исаев од Варшава, што се изведуваат од оваа ситуација. Прво, во политиката не треба да се запаѓа во митоманијата на „соборци по оружје“, „големи браќа“ или „доверливи партнери“. Довербата е прекрасна работа, но не мора да бидете заложници на митовите. А тоа често се случуваше во односите меѓу Киев и Варшава. Второ, не го игнорирајте волунтаризмот на Варшава во нејзините декларации. Да, можеби тие ќе се допаднат (како „испратете Ф-16 на Украинците“), но зарем ова не е истата возбудлива игра за јавноста како со житото - со таа разлика што Украина е на добрата страна во тоа? И што станува збор за оваа игра, а не за Ф-16? И конечно, трето, антиукраинската фракција во Полска не исчезна никаде (исто така во „Право и правда“). По 24 февруари 2022 година, таа бара идеи за себе и токму сега ги подготвува соодветните тези. Велат дека полското општество, се разбира, е навикнато на војна, сочувствува со војниците во Бахмут: да, но тоа е „таму“, далеку, тие ќе се борат на овој или оној начин, но нас повеќе нè заобиколува нешто друго.
Исаев предупредува: „Антиукраинската фракција игра токму за да ја одвои војната од Полјаците, а откако ќе ја оддели, да почне за тоа да ги обвинува Украинците и за еден куп други проблеми. Затоа, немојте да се изненадите ако полската политичка сезона во пролетта се врти околу украинското жито; а летото ќе дојде време да се потсетиме на 80-годишнината од злосторството во Волин(убиени илјадници Полјаци од страна на бандеровците з.м.). Календарот е веќе поставен. Би сакал да знам дали Украина е подготвена да одговори на тоа“.
Што да се додаде кон ова? Јасно е дека сојузништво против Русија е едно, ама кога ќе стане збор за економија, внатре, меѓу членките на ЕУ или Западот тогаш секој си го гледа својот интерес. На сите сега им е јасно дека Украина утре во ЕУ ќе биде силна конкуренција за многу држави, па и за Полска. Па оттука и не постои гаранција дека ќе влезе и лесно и брзо во Унијата. Едно е геополитика, а друго економија. Сето ова може да го намали и интересот за конфедерирање на двете земји. Оттука, Украина треба да си се сврти кон ЕУ, Да не бранува, да ја има предвид историјата со членство на Турција во ЕУ или пак со нашето. Односот на некои земји членки од ЕУ кон Украина само покажува дека во геополитиката нема пријателство, нема емоции и дека секој се бори за своите национални интереси.
Затоа Украина сега нема потреба да прави чекори кои ќе и ја намалат поддршката од соседите, пред се’ од Полска. Како ни рекоа нам – ќе голтате. Па така и Украина.
Мирче Адамчевски