25 Април, 2024
0.1086

Сомнеж кон декларираната конвертибилност на денарот

Објавено во: Колумни 11 Март, 2013

Добивај вести на Viber

На последниот турско-македонски бизнис форум што се одржа во Скопје, во организација на Стопанската комора на Македонија, од турска страна беше побарано турската лира да биде конвертибилна во Македонија, како нешто што би помогнало уште повеќе да се унапреди размената и соработката меѓу двете земји. Ваквото барање е сосема непотребно ако се има предвид дека двете земји имаат декларирано, во Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), конвертибилност на нивните валути и поради тоа можат меѓусебните плаќања да ги вршат во сопствени валути, а земјата должник има обврска на барање на другата земја да ги конвертира нејзините побарувања во било која конвертибилна валута или во валута на доверителот. Од овој аспект гледано,  барањето изгледа како тропање на отворена врата, бидејќи, формално-правно,  нема потреба од посебно одобрение. Конвертибилниот статус на двете валути овозможува се‘ што турските бизнисмени им испорачаат на македонските, а тие им платат во денари, на нивно барање да им биде конвертирано во друга конвертибилна валута или во турски лири. Тогаш зошто се бара турската лира да биде конвертибилна во Македонија, ако таа се декларира како целосно конвертибилна од 2001 година? Притоа, мошне индикативно е тоа што ваквото барање е изнесено  заедно со најавата дека турските бизнисмени се подготвени да инвестираат во Македонија уште една милијарда евра до 2015 година. Во недостиг на сознанија за конкретни проблеми во соработката, може само да се претпоставува дека  турските бизнисмени немаат доверба дека Македонија ќе може да одговори на обврските преземени со декларирањето на конвертибилност на денарот (јуни 1998 година) доколку тие ги зголемат испораките и/или инвестициите во Македонија. А според правилата на фондот, тоа нив не треба да ги интересира. Македонија е должна да им ги конвертира нивните денарски побарувања. Таа треба да се грижи како ќе ги обезбеди странските средства за плаќање- дали преку зголемуање на извозот во Турција и/или во други земји со конвертибилна валута. Затоа, евентуално дополнителна декларација не значи ништо повеќе од веќе постојната. Со барањето, веќе декларирана конвертибилна валута да се третира како фактички конвертибилна само се покажува дека поимот на валутна конвертибилност утврден со правилата на ММФ нема врска со практиката која се применува во последниве две децении. Поимот остана, но за жал се промени содржината. Во поимот беше содржана мултилатералноста во одвивањето на меѓунарнодните економски односи, а во практиката заменливоста на една во друга валута се сведува на обезбедување на конвертибилност на националните валути во неколкуте резервни валути (долар, фунта, евро, јен). Наместо земјите со декларирана конвертибилност обврските спрема странство да можат да ги плаќаат со сопствена валута и на тој начин да ги намалат пречките  во соработката со другите земји кои имаат декларирано конвертибилност на нивните валути, во практиката тие се‘уште се борат за сопствениот извоз да обезбедат плаќање во некоја од споменатите валути за да ги исполнат обврските спрема странство. Со ваквата практика нивото на мултилатералноста е далеку под целите кои ги декларира ММФ во Статутот на фондот. Посакуваното плаќање во национални валути содржано во поимот валутна конвертибилност е заменето со плаќање со посредство на неколкуте резервни валути, а поимот на конвертибилност е сведен на „внатрешна конвертибилност“. Тоа доведе до ситуација огромен број од земјите да ги имаат прифатено обврските од Фондот за практицирање на „надворешна конвертибилност“, а во суштина или не се трудат соработката со странство да ја развиваат и преку плаќање со сопствена валута или постои недоверба меѓу  земјите дека таквата практика може да им биде од корист, со оглед на ризиците од евентуално неплаќање на побарувањата (и покрај преземените обврски кон Фондот дека ќе ги измируваат обврските по тековни плаќања). Последиците од функционирањето на ваквиот  тип на конвертибилност на денарот се повеќекратно негативни. Соработката со странство се остварува во рамките на можностите да се стекне некоја од резервните валути, а не од проценката дали со определена трансакција се остварува максимален профит. На пример, во некоја земја може да се оствари поголема заработувачка со извозот, меѓутоа, таквата зделка не се остварува заради тоа што земјата  не може да плати со некоја резервна  валута, а во стабилноста на нејзината национална валута не се верува. Во примерот со турските бизнисмени , повеќе од јасно е дека тие не веруваат во денарот. А како да веруваат кога во борбата за стекнување  на “валутите што слободно се користат”, се потценува и потиснува националната валута. Вербата ја слабее  и постојаниот пораст на трговскиот дефицит, не само како износ туку и како сознание дека нема борба за производство на „конвертибилни“ стоки и услуги поради што би се зголемувал и интересот на странците за денарот. А во меѓувреме,  изгледа ќе потпишуваме декларации на декларации за да ги уверуваме странските инвеститори дека барем декларативно сме конвертибилни, што во суштина ќе значи и јавно признавање за непостоење на фактичка конвертибилност. Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок