22 Септември, 2019
0.0106

Стојановски: Ветингот ќе биде болен процес, но мора да се утврди интегритетот

Објавено во: Интервјуа 06 Септември, 2019

Инфективната корупција во највисоките државни функции, особено тие кои треба да ја штитат правдата се трагичната слика за македонската кревка "демократија". Самоволието на моќниците, локалните шерифи и нестручните и и вработените врз непотизам ако ништо друго барем треба да се превенира од државните институции. Затоа ќе започне процес на ветинг, односно проверка на интегритетот на службениците и функционерите најпрво во полицијата и МВР, а потоа и во правосудството. Во Албанија која веќе неколку години спроведува процес на ветинг само првата фаза придонесе за чистка на стотина службеници. Како оваа процедура ќе се спроведе кај нас анализираме со професорот Трпе Стојановски од Европското движење.

Фактор: Колку е неопходен процесот на ветинг во Северна Македонија, кој треба да биде предмет на ваков вид на позадински проверки ?

Стојановски: Ветингот е збор од странско потекло.

За да го разбереме процесот кој произлегува од овој израз, претходно треба да знаеме за што станува збор. Имено, под ветинг се подразбира преоценување на интегритетот (на поединец или на институција).

Имајќи ги во вид кризите низ кои минуваше македонското општество во последните десетина години, и особено наталожените противречности кои особено се сретнуваат во лошото спроведување на законите и одомаќената корупција која е присутна во државните институции, има потреба од преоценување на интегритетот на секој државен претставник, особено на претставниците од институциите кои имаат дискреција во спроведување на законот, почнувајќи од врвот, па до доле.

Она што е многу важно и никако не смее да се запостави е дека проверката на интегритетот не може да биде издвоен процес, но тој мора да биде придружен дел на суштинска, добро осмислена и подготвена реформа.

Фактор: Откриени се бројни слабости на судството во откривањето на големиот скандал со рекет. СЈО (Специјалното обвинителство) како институција е создадено со силна меѓународна поддршка и политички компромис од сите партии за институција која би била надвор од системот со голема моќ, авторитет и финансиска независност.Сега, довербата во правосудството повторно со оставката и сомневањата приведената специјална обвинителка Катица Јанева е разрушена. Дали процесот на ветинг гарантира дека вистинските луѓе ќе бидат на клучните позиции?

Стојановски: Слабостите во судството не се нови. Ние само се соочуваме со тешките последици од нефункционирањето на институциите задолжени за гонење и пресудување, на сите нивоа. Изразот „заробена држава„ кој беше спомнуван во извештаите на ЕК за нашата земја во 2014 и 2015 година и особено во експертската анализа од г-динот Прибе покажуваат до кој степен политичките партии на власт, преку извршната и законодавната власт, ја заробиле и ја потчиниле судската власт, која многу често беше алатка во нивните раце.

СЈО беше создадено со цел да го разбие концептот на заробеност, со обезбедување докази и гонење на сторителите на кривични дела, кои најчесто доаѓаа од високите нивоа на власта. И во примерот на СЈО главна алка е постоење или непостоење на интегритет. Интегритетот тешко се создава и секојдневно треба да се потврдува. Во спротивно, интегритетот се губи и последиците се долгорочни.

Во конкретниот случај, на обвинителството мора да му се обезбедат потребните претпоставки и услови за работа. Обвинителството, преку својот еснаф да се наметне и транспарентно да изгради институција која секојдневно ќе го потврдува интегритетот. Етичките и еснафските вредности да бидат основата на која ќе се развива институцијата.

Ветингот/проверката на интегритетот на секој обвинител е неопходен само како придружна алатка во јакнењето на интегритетот.

Оваа мерка не е гаранција дека нема да има идни грешки, но е од голема важност процесот да се движи во насока која ќе биде одобрена од мнозинството граѓани во општеството.

Фактор: Главната владејачка партија ветуваше дека ќе направи целосен реизбор на судии, особено под претходно сомнение дека дел од нив биле во канџите на политичари, како и моќни структури во земјата. Зошто воопшто не започна овој процес и како би се споредил со ветингот?

Стојановски: Главниот генератор на корупцско однесување во нашата држава произлегува од политичките партии, кои имаат нарушен интегритет. Тоа почнува од нереалните проекции, а уште повеќе од импровизациите кои ги наметнуваат кога ќе бидат на власт. Секако дека и други состојби на асиметрично практикување на власта доведуваат до бројни лоши одлуки. Денес (2019 година) по правило се смета дека вработувањето во државните институции е привилегија само на приврзаниците на партиите на власт и дека на секое раководно место може да биде вработено само лице предложено од партијата која е дел од власта, без оглед на компетенциите на поединецот дали тој /таа може да се носи со предизвиците на задачите (пример за тоа се голем број од советниците на премиерот, или вработувања под регуларни или измислени форми на договори во институциите ексклузивно само за „нашите„ (а што станува со непартиските?), или напредувањето на партиските кадри кои извршуваат некоја административна работа и сл.).

Ветингот може да биде решение кое силно ќе ги поддржи професионалните и еснафските вредности во институциите, под претпоставка ако се спроведе со интегритет. Но, ако не се обезбеди општествена согласност на најважните засегнати страни во општеството, ако процесот на негово спроведување не се подготви со одржливи законски решенија, ако не се истрае на квалитетно спроведување на утврдената и прифатена методологија, тогаш овој процес може да има многу штетни последици за самата институција, за поединците кои ќе бидат подложени за преоценување, како и за безбедноста на земјата, во целина.

Секој обид за преоценување на интегритетот кај вработените во институциите на правдата мора да биде добро подготвен и да се спроведува со интегритет. Процесот треба да заврши со создавање модел кој ќе биде одржлив, ефективен, економичен, кој ќе има контролни механизми  кои ќе реагираат од внатре, како резултат на предупредувања кои се приметливи во организацијата, но и однадвор, ако се појават слабости кои ја загрозуваат функцијата на институцијата. На прашањето зошто не започнал овој процес, одговорот е дека немало ефективно решение за слабостите.

Фактор: Освен проверка на службените лица, што друго треба да посветат владата и сите социјални фактори за обезбедување професионални, независни и ефикасни институции?

Стојановски: Главниот проблем кај нас (и во другите земји од регионот) е непостоењето независни контролни механизми и отпорот на елитите за создавање такви тела.

Фактор: Какви се искуствата, позитивни или негативни, во земјите од регионот кои веќе започнале со проверка на судии, обвинители, инспектори и владини службеници, кој е клучот за успехот на таквата операција?

Стојановски: Искуствата се различни и кореспондираат со генералните тенденции во секоја држава. Заедничко е дека се болни процеси, но дека проверката на интегритетот е процес кој мора да се направи.

Научени лекции се дека концептот мора да се дизајнира согласно со очекуваната цел. Во тој процес потребно е да се предвидат реалистични решенија кои ќе може да се спроведат. Прва претпоставка е да се обезбеди подготвеност на засегнатите страни за неопходност на процесот, кој ќе се спроведува професионално, транспарентно и со помош на партнери од меѓународната заедница кои ќе бидат препознаени како поддржувачи на процесот. Особено важно е овој процес да биде дел од суштински промени кои македонското општество ќе мора да ги направи во процесот на евроинтеграција, кои ќе обезбедат сопственост, предвидливост и одржливост на достигнатите решенија. 


Х.С.

Можеби ќе ве интересира

КАКО ВАШИОТ НЕДВИЖЕН ИМОТ МОЖЕ ДА СТАНЕ ПРОФИТАБИЛЕН?

КАКО ВАШИОТ НЕДВИЖЕН ИМОТ МОЖЕ ДА СТАНЕ ПРОФИТАБИЛЕН?