05 Декември, 2025
0.0614

Столтенберг: Русија нема да исчезне

Објавено во: Колумни 06 Октомври, 2025 09:07

Добивај вести на Viber

Русија и Украина продолжуваат со меѓусебните бомбардирања. Ударите врз енергетските и воените објекти не престануваат. Но вчерашните руски удари, како да беа повод украинскиот претседател да повика кон „едностран прекин на огнот“. Во својот Телеграм-канал, Зеленски напиша: „Едностраниот прекин на огнот во воздухот е можен, и токму тоа може да го отвори патот кон вистинска дипломатија. Америка и Европа треба да дејствуваат да го натераат Путин да прекине“.

Што значи за Зеленски „едностраниот прекин на огнот од воздух“? Тој не кажува дали Украина ќе се откаже од такви удари или пак тоа треба да го направи Русија? А што станува за копнените борби? Или морските, кои се помалуборјни. До пред извесно време Зеленски зборуваше дека ударите во длабочината на руската територија врз енергетските објекти треба да ја натераат Русија на отстапки. Од американскиот претседател Доналд Трамп дури побара „Томахавки“ за такви удари. Што сака сега Зеленски? Дали ја менува стратегијата? Или пак сето ова е негова игра и во позадина стојат некои други намери.

Одговорот што се наметнува е дека причина за тоа можа да бидат проблемите со кои се соочува Украина во одбраната на своето небо. Руските беспилотни летала и ракетите веќе долетуваат до западот на земјата. Тоа можеби значи дека се најдени „дупки“ во против воздушната одбрана на Украина и недостигот муниција за таквиот вид одбрана. А, за што се пишува и во украинските медиуми. Зеленски е лут и на Западот во отсуството на силна реакција на она што се случува, постојаното зголемување на ударите. „Путин се смее над Западот, над тоа молчење и отсуство на силни дејства како одговор. Русија ги отфрли сите предлози за прекин на огнот или бар да ги прекине ударите...Нула реакција од светот. Ние ќе се бориме светот да не молчи“, рече Зеленски во своето синоќешно обраќање. Тој проговори и за големата улога на западни и светски мрежи за испораки кои помагаат во создавањето оружја кои ги користи Русија. Ова е стилот на кој се обраќа украинскиот претседател. Само бара. И смета дека со притисоци ќе добие нешто повеќе. А што беше реалност и во минатото.

ТРАМП И СЕ’ Е МОЖНО

Кога ги спомнавме „Томахавките“ и отсуството на конкретен американски одговор за нивна испорака, охрабрува една вчерашна изјава на Трамп. Станува збор за неодамнешниот предлог на рускиот претседател, Влкадимир Путин, за продолжување на една година на Договорот меѓу САД и Русија за натамошно намалување и ограничување на стратешкото офанзивно оружје. Го нарекуваат СНВ-III во Русија или New STARTво САД. Тој е потпишан од претседателите Барак Обама и Димитриј Медведев во 2010 година, а истекува во февруари идната година. Кремљ многу очекуваше каков ќе биде одговорот на Белата куќа. Одговарајќи на прашањето на новинарот на ТАСС на тревникот пред Белата куќа, во време на разговорот со новинарите, Трамп рече:„ Мене тоа ми звучи како добра идеја“. Но да почекаме што ќе произлез од ова.

Со Трамп човек не може секогаш да е на чисто. Често едно зборува, а друго прави. Како и да е Путин пред десетина дена беше јасен. Русија е подготвена  да се придржува до Договорот и неговото продолжување ќе биде одржливо, само под услов ако Вашингтон дејствува на сличен начин. За овој договор на страниците на „Фактор“ сме пишувале во минатото. Поентата сега е во тоа што САД сакаат во него да ги вклучат и Кинезите, а Русија сака да бидат вклучени Британија и Франција. Кинезите досега изјавува дека би се вклучиле во таков вид договор кога ќе достигнат паритет во бројот на стратегиското нуклеарно оружје со Русија и со САД. А ова отвора можност за нови средби на високо ниво на кои тие држави би постигнале некаков долгорочно решение. Продолжувањето на договорот од страна на Русија за една година, доколку тоа го прифатат САД,  остава временски простор за подготовка на таков документ. Во најмала рака почеток на преговори на експертите за него.

На овие страници ја имаме пренесено изјавата на бразилскиот претседател, Лула да Силва, дека американскиот претседател, Џо Бајден, во еден разговор му рекол дека Русија треба да се уништи. Кон ова се блиски и многумина други западни политичари. Но така не мисли некогашниот генсек на НАТО, а денес министер за финансии на Норвешка, Јенс Столтенберг. Тој вели дека :„Русија нема да исчезне. Таа ќе остане наш сосед“. Столтенберг деновиве е актуелен со неговата книга „ Под мој надзор: Водењето на НАТО во воено време“. Вo The Guardian  излезе краток дел од книгата, а во Der Spiegel интервју, по повод книгата. Таа сигурно ќе стане бестселер. Актуелни настани, актуелни ликови...

ПОЛИТИЧКИ НОБЕЛ

Од интервјуто во Der Spiegel произлегува дека Нобеловиот комитет во Норвешка е на маки. Во овој петок треба да биде објавен годинешниот лауреат. Трамп постојано вели дека е достоен на таа награда. Медиумите во Норвешка пишуваат дека за тоа тој разговарал и со Столтенберг. Некогашниот генсек на НАТО,  го чека петокот, но не знае кој ќе ја добие наградата. Тврди дека Нобеловиот комитет е независен, а норвешката влада не влијае врз доделувањето на наградата. Притоа додава дека американската администрација разбира како се носат решенијата за доделување на нагрдата. Овде само еден мал коментар. Не треба да се заборави како Нобеловиот комитет му ја додели наградата за мир на претседателот Барак Обама. Голем дел во светот се потсмеваше на таа одлука. За каков мир? Но, практиката на носење одлуки не изненадува. Бидејќи се знае дека таа понекогаш има и политичка позадина.  Па може и сега да се случи Трамп да ја добие. Затоа му се брза да се постигне некаков договор меѓу Израел и Газа. Кога веќе не успеа со Русија и Украина. Петок се ближи.

И покрај проблемите на Украина со руските удари во зимскиот период, Столтенберг смета дека таа може да одговори со примена на дронови против Русија. А во поглед на членството на Украина во НАТО, укажува дека има многу противници во Алијансата, па треба да се бараат второстепени, но реални решенија за осигурување на нејзината безбедност. А тоа значи вооружување на земјата на начин што при „наша поддршка таа да може да се заштитува самостојно“.

За време на Самитот на НАТО во јули во 2018 година, кога единството на НАТО беше под прашање, Столтенберг имал тешки лични моменти. Неговиот татко, поранешен министер за надворешни работи на Норвешка, бил пред умирачка. Но Столтенберг успеал да го види за последен пат. Тој во книгата пишува дека тогаш татко му дал совет:„Ти треба да зборуваш со Русите“. Столтенберг вели дека тој секогаш бил застапник за дијалог со Русија. И на почетокот на работата во НАТО, но и како премиер на Новешка. Тој постигнал договори со Путин за морските граници во Баренцовото море, за риболовството и друго.

Со почетокот на војната во Украина, според него, нема основа за содржаен дијалог. „Но, секако, во некој момент ние ќе бидеме должни да се вратиме кон него – зашто Русија нема да исчезне. Таа ќе остане наш сосед“, вели Столтенберг. Според него,  враќањето кон дијалог може да биде само врз основа на воена сила и надежно одвраќање. Тој вели дека и Украина треба да разговара со Русија, за да ја заврши војната со договор. Освен тоа тој смета дека со текот на времето Западот ќе треба со Русија, но и со Кина, да изградат нов систем за контрола над вооружувањето. Инаку се заканува нуклеарна војна.

БЕЗ ПОТСМЕВАЊЕ

Во The Guardian, делот публикуван од книгата на Столтенберг најмногу зборува за односот кон Трамп и околу проблемите на НАТО на Самитот во 2018 година, а најавени токму од американскиот претседател. Генсекот на НАТО вели дека морале да го почитуваат изборот на новиот американски претседател, Доналд Трамп. Да воспостават добар работен однос со него и администрацијата, за да заземат позитивен став кон Алијансата. Оттука, внатре во НАТО била неопходна самодисциплина. „Јасно ставив до знаење дека на интерните состаноци нема место за гневно кукање. Да нема превртување со очите на твитовите од Трамп или јавните настапи, да нема потсмевање поради видео снимките, никакви шеги за голфот или за неговото однесување. Клучна беше нулта толеранцијата(за ваквото однесување). Дури и мала група луѓе кои би се потсмевале над него, може да се прошири низ целата организација и тоа да протече надвор. А ако до Вашингтон дојде дека соработниците на НАТО седат и се потсмеваат на Доналд Трамп, тоа би било погубно“, пишува Столтенберг во книгата.

Ова беше дочекано со коментари од страна на некои руски новинари. Па се пишува:„ Страшно е да се замисли какви внатрешни правила важат во НАТО денес, со оглед на тоа што уште во 2017 година, на учесниците на „интерните состаноци“ им забранувале да „стенкаат од раздразнетост“ и да „превртуваат со очите“ кога станува збор за Доналд Трамп. Но, самиот факт дека персоналот во седиштето на Алијансата мора да се потсетува на такви основни работи, зборува за проблеми со дисциплината. НАТО има примери со кои може да се спореди. Во Варшавскиот пакт, никој не би сонувал да дозволи „потсмевање“ на Брежњев. И не беа потребни внатрешни инструкции за да им се забрани на генералите од Источна Германија, Полска или Унгарија да „превртуваат со очите“ кога разговараат за началникот од Москва“.

Враќајќи се на текстот на Столтенберг, тој пишува дека  пред Трамп го изнел ставот дека „Мораме да бидеме јаки и предвидливи, но да бидеме и отворени за одржување дијалог со Русија. Русија е тука да остане. Таа е соседна земја, а не терористичка организација, која треба да се искорени, како ИСИЛ“. Столтенберг го изнел личното искуство дека е можно да се разговара со Русија.

Но главната бура на средбата на врвот на НАТО била околу била околу парите. Трамп настојувал да се одвојува најмалку два проценти од БДП, а ги критикувал земјите од Европа кои одвојувале помалку средства. Најмногу на тапет била Германија. Дури и имало закани дека Трамп ќе го напушти состанокот. Столтенберг балансирал. Марк Руте, тогаш премиер на Холандија, рекол дека претходната година се одвоени дури 33 милијарди повеќе за НАТО. Па Трамп на хартија напишал нешто и му ја дал на Столтенберг. Во пораката пишувало: „Генерален секретаре, ако можете да изјавите дека сојузниците на НАТО значајно ги зголемија своите воени трошоци, благодарејќи на мене, мислам можеме да се договориме“.

На крајот од бурниот состанок зел збор Столтенберг, читајќи директно од пораката на Трамп:„ На конференцијата со новинарите после состанокот ќе изјавам дека сојузниците на НАТО значајно ги зголемија своите трошоци за одбрана, благодарејќи на лидерството на претседателот Трамп и јасните пораки“, и додал дека „Истовремено сите земји членки остануваат посветени на НАТО и членот 5 од договорот“.

Коментари не се потребни. Столтенберг нема што да крие. Мене ова ми личи на појавите од пред педесетина и повеќе години, кога од тогашните источни режими доаѓаа пофални зборови за партиите и нивните лидери, а најмногу за КПСС и нејзините водачи. Да не тргнал Западот денес по тие патеки? Гледаме дека и во ЕУ лидерството се одвојува од членките. Или пак поводот е Трамп. И во првиот мандат и денес. Сето ова лични на потсмевање со Трамп. Со таа разлика што Столтенберг сега не е генерален секретар на НАТО. Но и тој бил дел, не мал, од целата приказна околу Трамп. Па книгата многу зборува и за него. Дури и за односот кон Русија. Како што тргнало, некои ќе молат бога Трамп што побрзо да замине од политичката сцена. Делува многу заразно.

Мирче Адамчевски

* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:

Можеби ќе ве интересира

Зеленски „под контрола“!

Зеленски „под контрола“!

Топ 10 лекови во светски рамки – и каде е Македонија во овој поглед?

Топ 10 лекови во светски рамки – и каде е Македонија во овој поглед?