28 Март, 2024
0.0232

Строго контролирани деловни субјекти

Објавено во: Колумни 03 Октомври, 2013

Добивај вести на Viber

Кој работи, тој и греши. Тој што ќе ја признае грешката, половина ќе му биде простено. Тој што нема да ја признае грешката има две опции – или во стилот на Калимеро ќе плаче по медиумите дека нема правда на овој свет или ќе се обиде да „сврти два телефони“ во надеж дека „некој од горе“ ќе направи неговата грешка целосно да биде простена или заборавена.

Да бидеме реални, никој не сака да признае дека згрешил. Ако признае, неговиот џеб или неговата банкарска сметка ќе бидат олеснети за одреден износ на пари. А кога се парите во прашање, посебно нивното „ненаменско“ трошење во функција на плаќање казни, сите ние чувствуваме и физичка и душевна болка. Затоа е полесно вината да се префрли на некој друг. Е па, ако оној што ја направил грешката „не е виновен“, тогаш кој ќе ја преземе одговорноста? Комшијата што живее на трети кат? Другиот комшија што отворил дуќан веднаш до вашиот и „мува не го лази“ за некакви контроли и казни? Некој државен орган кој можеби и не знае за вашето постоење? Или пак, виновни се наречниците кои на третата вечер предвиделе дека во животот ќе ве следи лоша среќа? А ха, заборавивме на тој што ја изрекол казната. Виновен е контролорот! Веднаш треба да се започне со „фрлање на дрвја и камења“ по виновникот. Ова дрвја и камења е ставено во наводници, иако во пракса контролорите знаат да бидат мета и на вистински дрвја и камења. Кога веќе е лоциран виновникот за изречената казна, а тој, кутриот, нема како да се заштити, ловот на „вештерки“, односно на контролори може да започне. Што да се прави, такви времиња дојдоа... Како што пренесоа медиумите, во текот на минатиот месец Управата за јавни приходи изврши контрола врз работењето на фирмите во нашата земја. Таму каде што беа констатирани одредени неуредности, оваа институција, во рамките на своите законски овластувања, презеде соодветни мерки. Така е секаде во светот, ако контролниот орган најде неуредности, изрекува соодветна казна. Во случај кога неуредноста е драстична, може да дојде и до затворање на деловниот објект. Во тоа нема ништо спорно. Ако засегнатата страна смета дека е оштетена, има право на жалба кај органот што ја изрекол казната. Доколку не е задоволна со одговорот на жалбата, може да пристапи кон евентуално покренување на судска постапка. И тука нема ништо спорно. Така функционира правната држава. Е арно ама, кај нас не може да нема „спорни“ работи. Веднаш на сцена излегоа професионалните „леачи на крокодилски солзи“ и приврзаниците на „теориите на заговор“. Нашиот национален спорт наречен плукање и ковање на монструозни конструкции повторно дојде до израз. „Контролата е селективна. Контролата е субјективна. Контролата е тенденциозна. Само мене ме казнија и тоа за мал прекршок, а другите не. Грешката е мала, а казната е голема. Државата бара начин преку контроли и казни да си го наполни буџетот. Светот ќе биде пристојно место за живеење ако сите контролори кои совесно си ја вршат работата бидат укинати со декрет. Така секој ќе може да прави што сака и никој за ништо нема да одговара.“ Ако појдеме од фактот дека речиси никој не сака контрола и ако на тоа се придодаде нашиот „рекла – казала“ менталитет, контролорот за кого се шират горе наведените конструкции може да се збогува со својата позитивна репутација. Ќе биде исправен „на столбот на срамот“ и ќе го прашуваат „како можел да го казни кутриот стопанственик што не знае колку пари има, а почитувањето на законските прописи е на последното место на неговата листа на приоритети“. И што да прави контролорот во таквата ситуација? Она што го правел и досега. Ќе продолжи совесно да си ја врши својата работа и да изрекува казни таму каде што има потреба за такво нешто, без оглед на тоа што неговите активности понекогаш ќе наликуваат на легендарната борба на Дон Кихот со ветерниците. Тоа е единствениот исправен пат по кој може да оди еден контролор. А нашите деловни субјекти? Оние кои што, според некои, се строго контролирани? Тие можат да го погледаат филмот „Строго контролирани возови“ на чешкиот режисер Јиржи Менцел. Можеби ќе извлечат поука од овој филм. Слично како што главниот јунак Милош Хрма се обидуваше да ја изгуби својата невиност, така и деловни субјекти во нашата земја можат да се обидат да ја изгубат невиноста и одвреме - навреме да признаат по некој „грев“. д-р Гоце Трајковски

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?