04 Мај, 2024
0.0315

Студен туш од Џо Бајден среде Украина!

Објавено во: Колумни 11 Декември, 2015

Добивај вести на Viber

На почетокот на неделава американскиот потпретседател Џо Бајден ја посети Украина. Очигледно нешто шкрипи во таа земја. Не одат работите како што очекува Западот, уште помалку САД. Не само поради Русите. Има нешто труло во Украина. Во февруари догодина ќе се навршат две години од „Мајдан“. А Украина ниту чекор не направила да го промени она за кое беа дадени стотина жртви. Да поведе вистинска борба против олигархијата, корупцијата, да ја обедини земјата на патот кон една поинаква иднина. За овие работи не можат да се вадат на Русите. Единствена полза од односот на Русија кон Украина е зацврстувањето на идентитетот на Украинците и решеноста конечно да се раскине со „постариот брат“. Украинските националисти ја завршија својата работа на плоштадот Мајдан во февруари 2014 година, по цена на граѓанска војна со отцепени делови од Доњецката и Луганската област и загубен Крим. Тоа е реалноста на Украина денес. Русија само ги искористи. Во Белиот дом Бајден како да е задолжен за Украина. Ова е негова петта посета на таа земја. Некои со злоба ќе забележат дека тоа е од проста причина што неговиот син, Хантер Бајден, е член на бордот на компанјата Буризма холдинг од април 2014 година, чиј сопственик, пак, е поранешниот украински министер за екологија, во времето на претседателот Виктор Јанукович, Микола Злочевски, кој сега е во странство. За работењето на оваа компанија во Британија се водеше и истрага за перење пари. Беа замрзнати и негови банкарски сметки на сума од 23 милиони долари. Но, откако украинските обвинители  одбија  да дадат документи потребни во истрагата, британскиот суд во јануари нареди да се одмрзнат средствата. Ова го забележа и „Њујорк тајмс“ во напис од вторникот под наслов „Џо Бајден, неговиот син и случајот против украинскиот олигарх“.  Во текстот, се опишува случајот, а меѓу другото се зборува за кредибилитетот на Бајден да зборува за борба со корупцијата во Украина. И дека е поткопана антикорупциската порака на администрацијата на Обама во Украина. Но Бајден за тоа воопшто не беше загрижен во Киев. Па тој најмногу за корупцијата и борбата со неа  дојде во Киев. И во Радата(Парламентот) им одржа лекција на пратениците, а сигурно и повеќе од тоа на претседателот Петар Порошенко и премиерот Арсениј Јацењук, зад затворени врати. Да ги потсети дека жртвите се уште не донеле плод. Излагањето на Бајден во Радата, беше прекинувано понекогаш и со аплаузи, кога зборуваше дека Русија окупирала суверена украинска територија и дека САД нема никогаш да го признаат обидот на Русија да го анектира Крим. Се разбира говорот на Бајден беше полн со патетика, симболи поврзани со „Мајдан“, за „руска агресија“, за „бандити“ во Донбас. Но, патетиката заврши кога тој отвори уста за внатрешните проблеми на Украина. Некои коментатори тоа го нарекуваат „студен туш“ за власта. Особено за фактите дека не се спроведени реформи, дека власта повторно е вратена во рацете на олигарсите. И секако дека нема никаква реална борба со корупцијата. –Не е доволно само да се направи Биро за борба со корупцијата, туку се потребни реформи, им рече Бајден на пратениците. САД се загрижени за парите што ги имаат дадено во Украина. Речиси 760 милиони долари директна помош, не сметајќи ги кредитите за спроведување на реформи, а нема никакви резултати. Бајден ги потсети пратениците дека тие мора да ги донесат промените во Уставот во поглед на децентрализацијата (читај автономија или друг вид самоуправување во Донбас). Ова не и успеа на Викторија Њуланд при последната посета на Киев. Исто така треба да се донесат законите потребни за спроведување на Минските договори, меѓу кои и за амнестија и за локалните избори во тој регион. Ова се болни теми за власта во Украина и таа досега не ги отвори сосема. Тука ќе има големи политички битки, опструкции, закани, уцени... Во една реченица, Бајден побара од Украинците да си ги средат работите. Во спротивно им се закани со зборовите дека многумина во Европа чекаат Украина да не успее, по што тие ќе имаат изговор да не се продолжат санкциите кон Русија со кои таа се соочува. И толку од Бајден. Прво, патетичен вовед за аплаузи на отворен сцена, а потоа делење задачи. И во право е тој. Ако веќе си се одлучил на револуција, си дал жртви, те помага Западот, посебно, САД, тогаш оди до крај. Аме тешко е да се откаже власта од она што го стекнала во спрегата со олигарсите. Па, претседателот е еден од најголемите олигарси. Премиерот Јацењук нема кој не го критикува. Рејтингот му е само два процента. Михаил Саакашвили, поранешниот претседател на Грузија, американски миленик, а сега губернатор на Одеската област јавно го прозва премиерот. Кон крајот на минатата недела тој ја обвини владата на Јацењук дека само во оваа година таа придонела за грабеж од буџетот на пет милијарди долари. Се разбира поделени меѓу пријатели-олигарси. Дали премиерот ќе биде „жртвен јарец“ по посетата на Бајден? Веројатноста, ако се суди по резултатите е голема. Дотолку повеќе што денес се навршува една година од формирањето на владата. Според украинските закони оставка од владата може да се бара токму по една година од нејзиното составување. Ќе биде ли денешниот петок „црн“ за Јацењук? Не треба да се заборави дека тој беше главниот адут на Американците во февруарските настани во 2014 година, кога Викторија Њуланд, покрај фразата „кој ја е*е Европа“, беше запаметена и дека го споменува токму Јацењук за нов премиер. И во очите на обичните Украинци тој важи за американски намесник. Излегува дека ќе се води битка меѓу двајца американски миленици, Саакашвили и Јацењук. Кого ќе жртвува Америка во Украина? Мирче Адамчевски  

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина