28 Март, 2024
0.0239

Студена војна

Објавено во: Колумни 26 Април, 2020

Добивај вести на Viber

Од аспект на метеорологијата сосема е нормално да се сменуваат - и тоа циклично,студени зими со влажни и снеговни, изгор лета со врнежливи и променливи, но кој ќе верува дека и студените војни имаат некаква закономерност. Малку, малку па оп еве ти студена војна. Можеби големите сили што ги предизвикуваат и менаџираат се грижат за правилниот и урамнотежен психички развој на секоја генерација жители на планетава. Веќе сме скоро отруени од најавите дека сме на прагот на нова студена војна поради настаните во Украина и на Блискиот и Средниот Исток. А тамам си помисливме дека сето тоа е лош сон по паѓањето на Берлинскиот ѕид и почетокот на наводно новата ера во односите на големите сили. А кога си играат слоновите по правило најмногу страдаат малите животинчиња, како на пример глувчињата.

Генерацијата што веќе одамна зачекори во седмата деценија доживеа и преживеа студена војна со сите параметри како пресликани и применети од учебниците. Раководството на тогашната заедничка држава се обидуваше со сите сили да ги изденфува последиците од политичкото и воено студенило. Најнапред со една максима што дословно беше следнава безброј пати повторувана реченица што ни влеваше страв, но и верба: „живееме како да ќе владее сто години мир, а се подготвуваме за војна што утре ќе почне“. На строј и на униформи се навикнувавме уште од мали, како пионери и извидници, како бригадири и припадници на Црвениот крст, ги поздравувавме химната и подигнувањето на тробојката во став мирно и со стисната тупаница на десната слепоочница. Часот во основно ни почнуваше со извикот на најдобриот ученик пред гордата учителка: „за татковината со Тито“ -  а сите во еден глас реплициравме -„напред“.

Незабележително низ лавиринтите на школството се стасуваше до средно, каде што еден од задолжителните предмети во последните две-три години беше „предвојничка обука“. Предметот ни беше како олеснување, песна, во споредба со страшните равенки и формули, со латинските сентенци и цитатите од „Војна и мир“. Се состоеше од теоретски дел, каде што се предаваше за теориите за воените судири во историјата,за учењето на Калаузевиц и некои други мислители што немале друга работа туку размислувале за работи што се сосема секојдневни за кобожем цивилизираното човештво што секое и најмало недорзбирање го решавало со јазикот на оружјето. Едвам дочекавме да се позанимаваме со него на поконкретен начин: откако научивме да ја расклопуваме и склопуваме пушката (ЕМ 48 на Црвена Застава) и тоа за рекордно време излеговме на „ватрена линија“ во Камник на „боево гаѓање“со вистинска муниција. Таму се виде кој е маж (имаше за пример и припаднички на понежниот пол). Кој може цврсто да ја прегрне и стегне пушката и да издржи повратен удар во десното раме (за леваците во другото) и уште пет пати да погоди во метата што поблиску до црното поле на центарот оддалечена сто метри? Е овде имаше бурлески-полни мети со по десетина и повеќе дупки од куршумите, но на неколкумина стрелци што не знаеле каде пукаат - нанишани, престани да дишиш, затвори ги очите и подотворија устата да не ти наштети прасокот на истрелот на органот за слух и отпушти го чкрапалото, па што сака нека биде.

Истиот предмет на начека и на факултет, само со малку повеќе теорија и со склопување и расклопување и на митралезот на Николетина Бурсаќ, наречен„ шарац“. А потоа пукање на стрелиште и полагање устен испит со кумулативно сметање на освоените поени од гаѓањето. Неретко се губеше година на факултет поради предвојничка обука. Акцијата што во седумдесеттите  започна со помпезното има „Сите во одбрана и заштита“ ја дочекавме подготвени-Скопје цел ден беше како во војна(со ранети и загинати,со униформи со црвени и сини траки-си поигравме за момент каубојци и индијанци)... А некаде од југо-просторите проструи соопштението,цитирам:„због кише одлаже се акција ништа нас не сме изненадити“!!!! 

Само војна да нема-што би рекол Балашевиќ.   


Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?