02 Мај, 2024
0.0260

„Студените војни“ на Черчил и Путин!

Објавено во: Колумни, Свет 13 Март, 2016

Добивај вести на Viber

На 1 февруари 1992 година во Кемп Дејвид, претседателите на САД и Русија Џорџ Буш-постариот и Борис Елцин ја потпишаа заедичката Декларација со која и официјално беше ставен крај на „Студената војна“ меѓу двете држави. Но, може да се зборува и за крај на „војната“ на целиот Запад со Русија, со оглед на тоа што САД и тогаш беа доминанта сила кон која се присоединуваа и редица европски држави. „Студената војна“ меѓу двете супер сили траеше повеќе од 40 години. Толку години поминаа во постојана конфронтација, натпревар во вооружување, локални војни и воени интервенции на двете големи држави ширум светот. Како последица од тој натпревар Советскиот Сојуз, особено по доаѓањето на Роналд Реган за претседател на САД, се најде во голема економска криза, и краен епилог беше паѓањето на комунистичкиот режим. И не само во Советскиот Сојуз, туку и во речиси половина Европа. А кога почна „Студената војна“? Изминатиот  5 март, според многумина, означи 70 години од почетокот на „студената војна“. Токму на тој ден Винстон Черчил, лидер на британската опозиција, замина во градчето Фултон во САД, државата Мисури, родниот крај на тогашниот американски претседател Хари Труман.  И таму, на Вестминстерскиот колеџ, Черчил го одржа својот говор кој се смета за почеток на „Студената војна“. Тој самиот го сметал него за негов главен јавен настап во неговиот живот.  Велат дека Черчил, заминал во САД на закрепнување, но и да одржи говор кој го подготвувал подолг период. И згора на тоа сакал Труман да биде присутен во тој момент. И така се случило. article-1296226-0A81F05D000005DC-649_634x466 Познато е дека Черчил бил голем оратор, внесувал емоции во своите обраќања, се обидувал да биде доволно убедителен. Така и во Фултон. Неговиот говор почнува со констатацијата, која им годи на Американците, дека отсега „САД се наоѓаат на врвот на светската сила“. Дека тоа е „ торжествен момент на американската демократија“, но и крајно одговорна позиција.На САД им се спротивставени два главни непријатела - „војната и тиранијата“. Според него, Обединетите нации не можат да го заштитат светот и би било криминално безумие со нив да се подели тајната на нуклеарната бомба, со која „засега владеат САД, Англија и Канада“: Веќе овде Черчил јасно ги одвојува овие три англојазични земји како едно цело. „Англојазичните народи“ Черчил ги повторува повеќе пати во својот говор. Тогаш тој ги споменува „железната завеса“, „сенката која што се спуштила врз континентот (Европа)“, „петта колона“, „полициска држава“ и што не друго во опишувањето на Советскиот Сојуз и неговото однесување по војната. Британија и Велика Британија се заменуваат со „Британски комонвелт и Империја“  и повторно „англојазични народи“ и „роднински“, со што се нагласува дека прашањето на неговиот говор не е за националните интереси на Англија, туку на интересите на целиот англојазичен свет. Единствен инструмент за отпор на тиранија, според него е „братска асоцијација на англојазични народи“. Тоа значи и специјални односи меѓу нив. Токму САД, Британија и Канада го подготвија темелот на НАТО кон која се приклучија уште некои европски земји и договорот за негово основање беше потпишан во 1949 година. Спуштање на железната завеса Антикомунизмот на Черчил и стравот од ширењето на влијанието на СССР го тера да каже дека  „ Никој не знае, какви намери имаат во блиска иднина Советска Русија и нејзината меѓународна комунистичка организација и има ли граници на нивната експанзија“.  -Од Шчечин на Балтикот до Трст на Јадранот, преку целиот континент е спуштена „железна завеса“ зад која има многу стари држави. Тие се во советска сфера на влијание и под многу висока и растечка контрола на Москва, констатира Черчил. Опасноста од комунизмот расте секаде со исклучок на Британскиот комонвелт и САД, каде што комунизмот е во повој, ќе рече тој. Според него постои комунистичка „петта колона“ која работи во полно единство и апсолутна послушност во исполнување на директивите добиени од комунистичкиот центар. Токму поради сето горе кажано се смета дека основната смисла на обраќањето на Черчил е објавувањето на „Студена војна“ и спуштање „железна завеса“, како што вели тој од Полска до Италија. На Черчиловите зборови веднаш реагирал генералниот секретар на КПСС Сталин. Човекот кој со Черчил не еднаш пиеше до рани утра во долгите дијалози за преуредување на светот по војната. Во интервју за „Правда“, неколку дена по настапот на Черчил, Сталин вели дека станува збор за опасен чин, кој што е наменет да посее семе на раздор меѓу сојузнчките држави и да ја отежне нивната соработка. Тој оди подалеку, па вели дека однесувањето на Черчил и неговите пријатели од САД личи на однесувањето на Хитлер и неговите пријатели. „Хитлер почна да ја разгорува војната со прогласување на расната теорија, објавувајќи дека само луѓето, кои што зборуваат на германски јазик, претставувват полноцена нација. Господинот Черчил ја започнува истата работа со расна теорија, тврдејќи дека само нациите кои што зборуваат на англиски јазик се полноцени нации, повикани да  управуваат со судбината на целиот свет...“, вели Сталин. Според него Черчил е еден од оние кои се согласиле со поделба на сферите на влијание и нема право да го критикува ширењето на советското влијание, на пример, на Полска и прогонот на Германците од тие територии. 270_001 Развојот на настаните покажа дека Черчил бил подалекувид. Тој уште тогаш ги промовираше Американците во водечка нација во светот. Комунизмот се одржа уште 45 години. Но токму по неговото уривање настанаа години во кои Черчил, да беше жив, ќе се чудеше на однесувањето на Американците кон Русија. Деновиве дури и поранешниот американски  министер за одбрана, Вилијам Пери призна дека непријателството на Русија кон Запад „делумно е провоцирано од Западот“. Во интервју за лондонски „Гардијан“, Пери, кој беше министер од 1994 до 1997 година, нагласува дека однесувањето со презир кон Русија, како „третокласна држава“, по завршувањето на „Студената впјна“ одиграло голема улога во односот на Русија. „За последните неколку години поголем дел од вината може да се фрли врз дејствата преземени од Путин. Но јас морам да забележам, дека на почетокот голем дел од вината лежи врз САД., изјави Пери во Лондон во емисијата во живо The Guardian Live. -Нашата прва активност која не фрли во погрешна насока, беше направена кога НАТО почна да се шири примајќи во својот состав држави од Источна Европа, од кои некои се граничат со Русија. Во тоа  време ние тесно соработувавме со Русија и таа почна да се навикнува на мислата дека Североатлантскиот пакт не може да биде толку непријател, колку пријател.., но неа многу ја вознемируваше тоа што НАТО се најде на нејзините граници, и Русите упорно не повикуваа тоа во иднина да не го правиме“, рече Пери за „Гардијан“. Но, според него, имало луѓе со кои спорел во однос на Русија, кои велеле: „Кому му е грижа што мислат тие? Тие се „третокласна држава“. Русите се лутеа и за системот ПРО Втора активност на која се лутеле Русите и ги влошувала односите на САД со Русија била изградбата на системот за ПРО во Европа, а трета е поддршката од Вашингтон на борците за демократија во време на „обоените револуции“ во бившите советски републики – меѓу другите во Грузија и Украина. Пери се согласува дека таквите револуции треба да се поддржат од етички карактер, но приоа го забележува крајно разурнувачкото влијание на тие револуции врз односите меѓу Истокот и Западот. Последиците од американскиот однос кон Русија доведоа до тоа таа да се затвори кон Запад и да работи на сопствено издигнување. Тоа се случи со доаѓањето на Путин на власт. Резултатот е - последниве години и месеци се повеќе да се зборува за нова „Студена војна“! Но, зборуваат на Запад. Особено после дејствувањата на Русија во Грузија, Украина и Сирија. Како да се заборави обраќањето на Путин, во Минхен, на Конференцијата за безбедност, во 2007 година под мотото – „Глобални кризи - глобална одговорност“. Путин внимателно се подготвувал за оваа конференција. Тоа се гледа и од содржината на неговото обраќање, но и од реакциите на присутните и одгласите во целиот свет. Во најмала рака Путин му објави војна на Западот. Тој уште на почетокот на излагањето најави дека ќе ја избегне одвишната љубезност, која повеќе приличи на дипломатите отколку на таков собир.   Рускиот претседател почна со актуелноста на зборовите на Франклин Рузвелт дека „каде и да се наруши мирот, светот насекаде е во опасност и под закана“. Тој нагласи дека само пред две десетлетја светот бил идеолошки и економски поделен, а неговата безбедност ја осигурувале големите стратешки потенцијали на две супердржави. По крајот на „Студената војна“ имаше обиди за создавање на „еднополарен свет“ но и тој не загосподари. Путин, поставувајќи прашање: „Што е еднополарен свет“ одговори:-Колку и да го украсуваме тој термин, тој во практиката значи – еден центар на власт, еден центар на сила, еден центар за носење решенија. Тоа е свет на еден господар, на еден суверен. И во крајна линија е погубен не само за сите што се наоѓаат во рамките на тој систем, туку и за самиот суверен, затоа што го разурнува него одвнатре. И тоа нема ништо заедничко со демократијата. Зашто демократијата е владеење на мнозинството со почитување на интересите и мислењата на малцинството. – Нас,  Русија,  постојано не’ учат на демократија. Но тие што не’ учат, сами, како да не сакаат многу да учат, рече Путин. За него не е прифатлив еднополарниот свет и не е можен. Тој смета дека дискусиите за она што се случува во светот, се последица токму на обидите за вградување на таа концепција во светските работи – концепцијата за еднополарен свет. И тука Путин почна со напад на таквите обиди. Најмногу критики беа на адреса на САД. Едностраните, често нелегитимни дејства не решиле ниту едн проблем истакна Путин. Напротив, тие станаа генератор на нови човечки трагедии и јадра на напнатост. Нема помалку локални и регионални војни. И се повеќе луѓе гинат во тие војни. Не се почитува меѓународното право, рече тој и додаде дека , пред се, САД ги пречекориле сите   норми на однесување. А тоа некому не му се допаѓа. И никој не се чувствува безбеден. Хипертрофија во примената на воена сила во меѓународните односи, одење од конфликт во конфликт. – Го гледаме пренебрегнувањето на основните принципи на меѓународното право. А правото на САД ги пречекори своите национални граници во секој поглед и се наметнува врз други држави, рече Путин и повика сериозно да се размисли за целата архитектура на глобалната безбедност. Проговори и за новата политика на Русија на меѓународен план. Беа кажани и многу други работи. Msc_2007-Saturday,_09.00_-_11.00_Uhr-Wildgrube041_Putin Веднаш потоа дојдоа прашањата од присутните политичари и дипломати. Но едно според мене е индикативно, ако не и пророчко. -Јас сум уверен дека историчарите во еден прекрасен ден нема да напишат дека за време на нашата конференција била објавена втора „студена војна“, коментираше еден учесник. „Вие зборувавте дека треба да се врши притисок врз Иран и да се даваат позитивни импулси. Вистина ли е дека Русија се спротвставува на силниот притисок со санкции... “, праша тој. Одговорот на Путин беше краток.-  Мислам дека заедно треба да имаме трпение и педантно да работиме. Да создаваме стимули и да му покажеме му на иранското раководство, дека соработката со меѓународната заедница е многу подобро, отколку конфронтацијата. И лани кон крајот на годината по неколкугодишни напори се постигна договор со Иран околу неговата нуклеарна програма. И сите велат дека без Русија не можело тоа да се направи. Втор пример на новата политика на Русија е Сирија Повторно со дипломатски напори, пред се на САД и Русија, се воспостави некаков пат кон мир во таа земја. Трет пример е Грузија. Русија покажа дека ќе одговори на секоја воена провокација. Путин  често споменува дека нападите на СР Југославија денес не би можеле да се случат како што се случија во 1999 година. Уште еден пример на новата руска политика е Украина. Путин вели дека присоединувањето на Крим кон Русија е подемократско од отцепувањето на Косово од Србија. Косово се отцепило со Декларација,  а Крим е присоединет со изјаснување на населението на полуостровот. Иако Меѓународниот суд на правдата за Косово вели дека се нарушени законите на Србија, но не и меѓународното право, Путин смета дека во случајот на Крим уште помалку може да се постави прашањето за нарушување на меѓународното право. Поддршката на сепаратистите од Доњецк и Луганск е доказ дека Русија нема веќе да седи со скрстени раце пред „обоените револуции“ во земјите соседи. Таа гневно реагира и на намерите на Црна Гора за влез во НАТО, иако таа мала држава е на илјадници километри од Москва. Русија промовира заштита на Русите надвор од нејзините граници. Дали Русите користат некој вакум создаден од политиката на САД? Не. Однесувањето на Американците во годините по падот на комунизмот ги натераа да се преиспитаат.  Многу битно е што последниве години САД и Русија соработуваат по низа меѓународни проблеми. И покрај разликите што постојат меѓу нив во поглед на многу меѓународни и билатерални прашања, битно е што тие разговараат и за нив. Во преден план не е заканата и оружјето.Дали светот се враќа во биполарноста? Иако надворешно се добива впечаток дека е така, сепак патот кон повеќеполарност е неминовен. Кина и Индија исто така треба да се имаат предвид. ЕУ, која е во „нокдаун“ допрва треба да се изјасни дали ќе биде вистинска унија. Конечно, на Путин му е јасно дека САД е број еден во светот, но во годиниве што изминаа изгради надворешна политика за респект. И тука е разликата меѓу „студената војна“ на Черчил и ако ја има „студената војна“ на Путин. Черчил заговараше западно, пред се „англојазично“ обединување против експанизијата на комунизмот. Путин, експанзијата на Западот се обидува да ја спречи со дијалог со него. Но, на рамноправна основа, за разлика од пред дваесетина години кога кога не можеше да се оствари рамноправност. Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина