06 Мај, 2024
0.0224

Студентите – авангарда! О колку гордо звучи тоа, но дали е реалност или фиксација?

Објавено во: Колумни 14 Март, 2014

Добивај вести на Viber

Иднината на просперитетните општества е во рацете на студентите...Тие се онаа движечка сила и импулс која поткрева, потхранува, оплотува, развива. Студентите се онаа искра која го потпалува огнот на развој и просперитет, онаа искра која се вивнува и која жари во мигови на беспаќе и аномија, онаа искра која продорно запекува кога се наталожуваат неправди и безизлез-посебно за младата популација. Студентите се моторот на една држава, кои во турбулентните периоди на своите плеќи ги носат промените, но и ги трпат ударите на сите оние ретроградни сили, на сите оние зачаурени лица и институции, кои чувајќи си ги своите позиции, настојуваат по било која цена да ја осуетат секоја нова, позитивна и продуктивна идеја на студентската популација. Студентите се носителите на пролетта, на идеите кои широко ги отвораат вратите на новите просперитетни ветришта кои почнуваат да дуваат и кои имаат за цел да донесат бенефит и добробит за секој добронамерен жител на едно општество, како и за општеството во целина. Студентите се механизмот кој како мотор треба да ги покрене останатите во борбата за едно поинакво и подобро утре. За значението на студентите говори и  една стара мудрост, која вели: Ако сакаш да видиш како ќе ти се развива средината погледни ја студентската младина која живее во неа. Многу вистина има во оваа сентенца, посебно денес, во ова време-невреме во кое битисуваме, но она што е посебно значајно, а вреди да се напомене е фактот дека     кога говориме за просперитетна студентска младина пред се мислиме на младина која има квалитетна ука и поука, младина која е морално и вредносно изградена, младина која поседува инвентивни идеи за различни општествени сфери, студентска младина која внесува креативност во своите акции и дејанија, младина која индивидуалните бенефити ги става позади општествените. Колку ли треба да се надминеш себе си и да го згасиш сопственото достоинство за немо да молчиш и да не проговориш и кренеш глас за условите на живеење и студирање Колку гордо и убаво звучат горенаведените специфики и карактеристики на студентите, кои треба да бидат нивна вистинска квалификација, но прашањето денес кое ни се наметнува е дали тоа е реалност или фиксација? Поаѓајќи од реалноста и сликата која денес ни се наметнува за македонскиот студент и неговите инвентивни, иновативни и револуционерни идеи, мисли и дела, многу поблиска ми е определбата за утописка размисла за студентите како авангарда. Деновиве социјалните мрежи ни се окупирани со слики од мизерни услови во студентските домови, слики кои го покажуваат субстандардниот начин на живеење на студентот од внатрешноста, слики кои ти ја параат душата, вознемируваат срцето и разгоруваат бес и љутина, слики кои го обиколиа целиот свет. Гледајќи немо во тие фотографии, со солзи во очи, но и душевен немир, ми се изнедрија неколку прашања и размисли....Колку ли бедно треба да се чувствува еден млад човек да може да живее, битисува и научно се оплотува во едни такви услови на живеење...Колку ли треба да се надминеш себе си и да го згасиш сопственото достоинство за немо да молчиш и да не проговориш и кренеш глас за условите на живеење и студирање кои ги имаш....Колку ли е голема болката на оној кој треба да дише мувла и да спие во просторија која е под секое ниво на минимален животен стандард.... Но не само овие, туку и многу други прашања ми се наметнаа гледајќи повторно и повторно во тие ужасни слики, слики кои предизвикуваат тремор на секој разумен и морално гадење на секој оној кој себе си се нарекува човек? Нашата студентска  младина потсетува на една аморфна маса, младина која е потполно конформистичка Но она што уште повеќе ме разочарува и плаши е што не видов никаква реакција од студентската популација за тие фотографии. Тремор, тишина, молк, понекоја критика-но суптилно изложена, заткулисни коментари, но никаде јавна и медиумска осуда и гласно проговорување за проблемите кои ги тиштат. На фотографиите воопшто и немаше студенти, само слика од инвентарот, што говори за стравот и страмот на нашиот студент кој до коска е уплашен за сопственото место под сонцето. Студентскиот  глас не се слушнал за  студентскиот стандард, не се слушнал за трансфер или размена на млади кои ќе учат во европските метрополи, младинскиот глас не се слушнал како протест за одредени одлуки кои директно биле на нивна штета. Анализирајќи со право може да се каже дека нашата студентска  младина потсетува на една аморфна маса, младина која е потполно конформистичка и која во секој сегмент, без поговор и молчешкум прифаќа се што ќе и се наметне. Нема дебати во студентските младинските клубови за суштински теми, дебати кои ќе ја изнедрат потребата за едни нови, поинакви современи вредности кои се насушна потреба за просперитетот на една генерација. Многумина интелектуални дејци, кои по старосната категорија се уште влегуваат во категоријата млади се обидуваат на пиедесталот на значајни прашања да ги стават проблемите и прашањата кои ги тиштат младите луѓе, но најчудно е што не наидуваат на една сеопфатна поддрша од една цела генерација. И во такви случаи и при такви дејанија секој оној мисли и размислува за развој на државата во која битисува си ги поставува дилемите-чуму ни се млади интелектуалци ако немо аминуваат се што им се сервира, чуму ни е вложување и едуцирање на младина која е инертна, безидејна и која како свој најголем дострел го гледа седнувањето во административна фотеља, чуму ни е општествен ангажман ако немаме младина која ќе  го води и која ќе  биде движечкиот импулс на новите промени, едноставно, чуму ни се кампањи за инвентивност ако сме ја промашиле целната група? Она што исконски го посакувам е студентскиот глас да се чуе До каде е трпението, колку може да поднесе човекот, до каде е границата на човековата толеранција, го допревме ли дното или уште тонеме во живата кал....Колку многу прашања, а одговори малку, бидејќи самите студенти не ја даваат шансата за некоја оптимистичка визија. Јас по природа сум оптимистка и верувам дека густите облаци и маглата полека ќе се разбиструваат и ќе се јави ново сонце на хоризонтот кое ќе ги разбистри умовите на студентите и кое ќе вдахне нов здив во студенткото движење. Надежта моја е дека кај нашите студенти, кои по угледот на своите западни колеги ќе пројават желба  за докажување и покажување на сопствените компетенции, ќе откријат можност за правење на индивидуално и општествено добро, ќе ја увидат  потребата за здрав натпревар во кој секој ќе ја има истата стартна позиција, и ќе ја развијат насушната идеја за подобро утре која ќе биде ѕвезда водилка на овие млади луѓе.  Она што исконски го посакувам е студентскиот глас да се чуе, да  осознаат дека умеат и можат да се справат со новитетите кои ги носи совремието, да веруваат дека нивните дејанија и активности ќе бидат општествено корисни, и да бидат оние дон кихоти кои ќе се спротистават на ветерниците. Само така ќе можат вистински и искрено да ги промовираат своите идеи, да се изборат за вистинско место под сонцето и да бидат онаа вистинска студентска авангарда која и те како и е неопходна на нашата ни мила Македонија. Д-р Татјана Стојаноска Иванова,  Институт за социологија, Филозофски факултет-Скопје
На следниот линк, што мислат студентите и нивните лидери за условите во студентските домови:
“Операција Студентски дом”! Странците не разбудија од хоророт “Гоце Делчев”

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина