СТУДЕНТИТЕ ДО 29 ГОДИНИ ИМААТ ПРАВО НА ВАУЧЕР ЗА КОМПЈУТЕР: еве ги условите за аплицирање, законот е пред пратениците
Објавено во: Економија 17 Јули, 2025 07:34
Студенти кои не се постари од 29 години и имаат запишани студии во учебната 2025/2026 година на државен или приватен факултет имаат право на вредносен ваучер за купување лаптоп или компјутер. Ваучерите по лице ќе изнесуваат 15.300 денари, а во план е да бидат издадени 55 илјади ваучери. Вкупно за ваучерите државата ќе потроши 850 милиони денари, или неполни 14 милиони евра.
- Средствата за издавање на ваучерите во висина од 215.000.000денари се обезбедуваат од Буџетот за 2025 година, а во висина од 635.000.000денари ќе се обезбедат во Буџетот за 2026 година– се посочува во предлог законот доставен во Собранието.
Барање за ваучер за електронски уред ќе се поднесува преку Националниот портал за електронски услуги кој го води Министерството за дигитална трансформација. Барањето студентот го поднесува преку својот кориснички профил на Порталот на основно ниво на сигурност согласно со Правилникот за начинот на проверка на идентитетот на корисникот при поднесувањето на барањето по електронски пат со користење на единствената околина.
- Доколку студентот нема кориснички профил на Порталот, потребно е да поднесе барање за креирање кориснички профил на основно ниво на сигурност, со лично присуство на шалтер во еден од Центрите за услуги именувани како „Една точка за услуги“, раководени од Министерството за дигитална трансформација, со цел потврдување на личниот идентитет. По спроведената постапка за идентификација, Министерството за дигитална трансформација врши регистрација на кориснички профил на Порталот во име и за сметка на студентот во рок од три дена од денот на поднесување на барањето. По извршената регистрација на кориснички профил на студентот на Порталот, студентот може да го поднесе барањето - се посочува во законот.
Законот предвидува проверка на личните податоци на студентот во Централниот регистар на население кој го води Министерството за дигитална трансформација и Регистарот на редовни и вонредни студенти кој го води Министерството за образование и наука, заради проверка на точноста на личните податоци и исполнетоста на условите, согласно со Законот за електронско управување и електронски услуги и прописите од областа на заштитата на личните податоци.
По извршената проверка на исполнетост на условите, преку Порталот се генерира електронски ваучер кој студентот може да го преземе и да го користи во електронска или печатена форма.
- Корисниците на ваучери можат да го искористат издадениот ваучер најдоцна до 1 јануари 2026 година, кај економските оператори кои врз основа на објавен јавен повик се избрани и запишани во Листата на економски оператори за реализација на ваучерите за набавка на електронски уреди и имаат склучено договор со Генералниот секретаријат на Владата. Ваучерот е неделив и се користи еднократно кај економски оператор. Ваучерот може да го искористи само корисникот на чие име е издаден– се посочува во Законот.
Исплатата на средствата за искористени ваучери кон економските оператори ќе се врши во две буџетски години, и тоа една четвртина од вкупната вредност на вредносниот ваучер, односно 3.825,00 (три илјади осумстотини дваесет и пет) денари се исплаќа во 2025 година, а останатите средства не подоцна од 30 јуни 2026 година.
Предлагачите на законот се пратеници од редовите на владината коалиција кои посочуваат дека „пристапот до информатичка технологија претставува основен предуслов за еднаков и квалитетен пристап до образование“.
- Оваа мерка е дел од поширока визија за дигитална еднаквост, технолошки развој и модернизација на високото образование, при што секој студент добива подеднаква можност да учествува, напредува и успее. Со цел на студентите да им се овозможи полесен начин да се стекнат со компјутери, се предлага донесување на Предлогот на Закон по скратена постапка– се посочува во предлог законот доставен во собранието.
П.О.
Можеби ќе ве интересира
Словенија ќе го зголеми минималецот - колку ќе изнесува?
Хрватска ги заострува условите за вработување странци
Култура со голем потенцијал - заработката е до 20.000 евра по хектар
Еве како изгледаат владини станови за млади луѓе од 21 квадратен метар во Холандија: Чинат 45.000 евра
„Нашата цел е да привлечеме компании кои носат знаење, современи технологии и квалитетни работни места“: Димовски од ТИРЗ до менаџментот на Philips
ДЗР: Застарени предмети и неуплатени средства во буџетот на државата, ИТ напади и повеќе неправилности во работењето на Министерството за економија и труд
Хрватска повлекува храна за бебиња: Аптамилот има поголемо присуство на бактерии




