Добивај вести на Viber
Расте незадоволството и револтот кај судската администрација, но и притисоците врз членовите на Синдикатот на УПОЗ да не излегуваат на штрајкот кој веќе трет ден дел од вработените ги извади надвор од судовите.
Трпе Деаноски, генерален секретар на Синдикатот на УПОЗ за Фактор вели дека одговорноста на вработените во судовите е голема бидејќи самата работа е доста специфична. Во зависност од работната позиција која ја има работникот и од надлежноста на судот објаснува дека работниците секој дневно се соочуваат со различни предизвици па дури и закани и физички напади. Судските доставувачи кои ги доставуваат тужбите и поканите до странките според Деаноски најчесто се изложени на вербални и физички напади, а овие вработени како што вели немаат соодветни униформи ниту пак беџови, а треба да ги доставуваат судските писмa во домовите на странките кои не секогаш сакаат да ги примат. Стручните соработници вели Деаноски ја вршат скоро целата работа на судиите, а шалтерските работници секојдневно се во контакт со странки кои незадоволни од пресудите знаат незадоволството да го истурат на нив. Платите кои ги примаат вработените во судовите тешко ги покриваат трошоците за живот, а скоро секое зголемување кое е добиено во судовите е добиено по одржан штрајк и никогаш на волја на работодавачите.
Овие состојби според него се мотив судската администрација да излезе на штрајк и да ги побара своите законски права односно исплата на додатоците на плата во висина од 35 отсто.
“Судската администрација излезе на штрајк за да добие израмнување на додатоците на плата со судиите, обвинителите и јавнообвинителските службеници во висина од 35%. На 31.12.2015 година, се донесоа измени на Законите за платите на судиите и јавните обвинители и Законот јавнообвинителските служба со кои за овие категории се предвидоа додатоци на плата за посебни услови за работа, висок ризик и доверливост. Иако и судската служба ги обавува истите работни задачи за нив не беа предвидени овие додатоци. По одржани разговори со надлежните, Владата со заклучок од седница одржана на 26.04.2016 година, им препорача на Судскиот буџетски совет и Министерството за финансии да изнајдат средства и овие додатоци да се исплатат и на судските службеници но тоа не се случи. Поради сето ова револтот кај вработените во судовите е огромен и штрајкот ќе продолжи се до исполнување на барањето “-објаснува Деаноски.
Менаџирањето на штрајкот во моментов вели се одвива без особени потешкотии бидејќи самите членови го барале штрајкот, а имаат поддршка и од судиите, претседателите на судовите и адвокатите. Но потенцира дека кај дел од вработените во судовите се вршат силни притисоци.
“Состојбата во Основниот Суд Скопје 1 во овој момент е доста наелектризирана. Имено, до Секретарот на судот е доставен список до 190 вработени кои сакаат да излезат на штрајк но истите не им се дозволува тоа да го направат и постојано добиваат закани дека против нив ќе бидат поведувани кривични постапки, а веќе се поведени и неколку дисциплински постапки. Претседателот на кривичниот суд денес, одговарајќи на новинарско прашање изјавил дека Синдикатот на УПОЗ во Основниот суд Скопје 1 имал само 15 членови што претставува што е апсолутна невистина. Синдикатот на УПОЗ во Основниот суд Скопје 1 има 97 членови кои по последниот штрајк одржан од 23 до 25 март незадоволни од синдикатот САДУ преминаа во УПОЗ. Во овој момент претседателот на синдикалната организација на САДУ, секретарот на Основниот суд Скопје 1 и Претседателот насилнички сакаат да ги отчленат нашите членови само за да се стопира штрајкот”-додава Деаноски.
Синдикатот очекува позитивен одговор на нивното барање и како што вели судските службеници да го добијат она што го добиле другите. Секое решение со кое нема да се прифати нивното барање вели генералниот секретар на УПОЗ за нив ќе биде неповолно и неприфатливо. Синдикатот објаснува Деаноски, никогаш не бил против Судиите, Јавните обвинители и јавнообвинителските службеници да ги добијат додатоците на плата, туку бара и судските службеници да ги добијат истите додатоци како и другите. Иако штрајкот доаѓа во специфична општествено-политичка состојба која според него нема никаква врска со партиски или политички мотиви.
“Партиската припадност на членовите на Синдикатот за нас никогаш не била и нема да биде важна. Она што за нас е најбитно е членовите да можат да ги добиваат сите права кои им се дадени со Закон и Колективен договор. Со новиот Закон за судска служба се отвори место за преземање на вработени од други институции па имаше ситуации кога вработени од Македонски шуми беа превземани од судовите и тие лица добиваа повисоки работни места од вработените иако не се запознаени со спецификата на работните места во судовите”-нагласува генералниот секретар на УПОЗ.
Во наредните неколку денови Деаноски вели дека штрајкот ќе продолжи на ист начин, со излегување пред зградите на судовите и на работните места. Синдикатот според него ќе се бори за можни решенија но не само колку за смирување на незадоволството, туку за долгорочно решавање на проблемите.
С.Б.