05 Декември, 2025
0.0361

Свет без ѕидови – Како една приватна градинка создаде модел за иднината на образованието

Објавено во: Интервјуа 13 Јуни, 2025 12:46

Добивај вести на Viber

Преку менторската програма поддржана од АППРСМ и JICA, детската градинка „Светот на Колорес“ доби простор за уште поголем раст – овојпат со стратешка поддршка во менаџментот, визијата и европската поврзаност. Разговаравме со генералната менаџерка Билјана Караманолевска и менторката Светлана Киревска за искуствата, предизвиците и резултатите од процесот.

Г-ѓа Караманолевска, „Светот на Колорес“ звучи како нешто повеќе од обична градинка. Како ја изградивте оваа едукативна приказна?

Билјана Караманолевска: Навистина е така – „Светот на Колорес“ е место каде децата растат во боите на љубопитноста, креативноста и сигурноста. Сонот го започнавме со јасна визија: да создадеме простор каде секое дете ќе се чувствува прифатено и охрабрено да го истражува светот околу себе. Со тим кој континуирано се усовршува и програма заснована на современи методи и љубов кон природата, создаваме амбиент што поттикнува учење, раст и радост.

Г-ѓа Киревска, како го проценивте потенцијалот на оваа градинка кога ја запознавте?

Светлана Киревска: Веднаш беше јасно дека станува збор за институција која ги исполнува сите светски стандарди и е чекор пред времето. Тие не се само градинка, туку бренд кој ги поместува границите во образованието за деца од предучилишна возраст. Потенцијалот беше огромен, а ентузијазмот на тимот – заразен.

Зошто решивте да се вклучите во менторската програма и кои беа клучните аспекти на кои сакавте да работите?

Билјана Караманолевска: Веруваме во учење – не само за децата, туку и за нас како тим. Сакавме да добиеме надворешен увид, нови идеи и структура за нашата визија. Се фокусиравме на подобрување на менаџментот, организацијата, комуникацијата со родителите и интеграција на европски педагошки практики.

На што точно се фокусиравте како менторка?

Светлана Киревска: Пристапот беше сеопфатен. Во едукативната визија работевме на соработка со локални партнери и развој на концептот „училници без ѕидови“. Во делот на човечки ресурси, подготвивме модели за пристап до ЕУ програми и обуки за пишување апликации. Исто така, истражувавме можности за отворање прва шумска градинка – концепт кој би го проширил опсегот и иновацијата на Колорес.

Дали менторството ви помогна да ја прецизирате вашата методологија и организација?

Билјана Караманолевска: Да, и тоа значајно. Успеавме да структурираме методологија заснована на индивидуален пристап и активна педагогија. Подобривме внатрешната комуникација, воспоставивме систем за евалуација и забележавме зголемена доверба кај родителите. Родителите сега се поактивни, посигурни и се чувствуваат како дел од целиот процес.

Какви резултати забележавте од ваша перспектива?

Светлана Киревска: Тие веќе имаат видлив раст – отвораат нови објекти, тимот се усовршува, а методологијата е препознатлива. Верувам дека и менторскиот процес одигра важна улога во тој развој, давајќи структура и поддршка за нивниот веќе одличен ентузијазам.

Гледате ли простор за проширување на капацитетите?

Билјана Караманолевска: Апсолутно. Веќе сме во процес на отворање нова локација во општина Кисела Вода. Ова проширување е одговор на зголемената побарувачка и ќе го задржи истото ниво на квалитет, сигурност и љубов кон децата.

Како ја оценувате потребата за менторирање во приватниот образовен сектор?

Светлана Киревска: Потребата е голема. Образовните институции често имаат одлични програми, но им недостасува деловна поддршка. Менторството е начин тие да го реализираат својот полн потенцијал – преку подобро планирање, пристап до фондови и јасна структура.

Што би им препорачале на другите градинки или приватни образовни установи?

Билјана Караманолевска: Да не се двоумат. Професионалниот менаџмент е клуч за раст. Менторите не се критичари, туку партнери што носат свежа перспектива. Тоа е инвестиција што се враќа многукратно – во квалитет, во доверба и во одржлив развој.


* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва: