01 Декември, 2024
0.0293

СВЕТО ТРОЈСТВО - ПРОДУКТИВНОСТ, ОБРАЗОВАНИЕ И СЕМЕЈСТВО

Објавено во: Колумни 17 Јануари, 2023

Добивај вести на Viber

Започна уште една, трета по ред, година на глобална криза. Имено, сите ние, сме во уште еден пик, но сега не е пандемиски, туку пик на состојбите со војната во Украина. Оттука, може да се претпостави дека продолжуваат состојбите на тешки времиња. За ваквите состојби, уште многу пред пандемијата, причинител беше нарушувањето на довербата меѓу луѓето и отсуство на принципите на солидарност. Денес, влегуваме во една т.н. фаза на колективна духовна и општествена криза. Економски, тоа може да се објасни како состојба, во која, луѓето се опседнати само со материјални добра или со други зборови, тие се единствените владетели на системот. Но, нема поинаку. Поради кризата, луѓето се склони на штедење, а тоа предизвикува намалена стапка кај личната потрошувачка. Понатаму, тоа доведува до негативни ризици за ликвидност и се појавува т.н. глад за ликвидни текови или состојба која ги тера претприемачите да бараат алтернативни извори за ликвидност, што на крај ќе предизвика до состојби на акомодативност во макро и микроекономијата (читај: во домовите и семејните бизниси). Така, кај граѓаните се појави една изразена состојба на акомодативност, што резултира со нарушен спокој и притисок, тие да се ориентирани кон бизнис и трговија, а тоа продуцира само натпревар помеѓу нив. Таквата трка или натпревар донесе до силна или би рекол, до многу посилна од таа до пред кризата, појава на завист. Ако и само ако, брзо не ја промениме филозофијата за продуктивност, резултантата ќе биде: отсуство на спокој и среќа меѓу луѓето, пропратено со колективна рамнодушност и меѓусебна не-почит. Ова е еднакво на: состојба на колективно незадоволство од се и барање на виновник во секој. Ако погледнеме околу себе, денес, може во пракса да ги согледаме ваквите тези.  

Овде, несомнено се поставува прашањето: Како понатаму? Ајде, сум на мисла, овде да се фокусирам на три работи: продуктивност, образование и семејство.

Првата работа, продуктивноста, за мене, а и за дузина нобеловци е една од најважните варијабли (фактори) за развој на една економија и подигнување на животниот стандард. Во таа насока, ќе се обидам да го цитирам Пол Семјуелсон, кој рекол: „Растот на продуктивноста на една нација е централниот фактор за зголемување на реалните плати и животниот стандард“. Друг, пак, нобеловец, некаде ќе ја спомене и маргиналната продуктивност како категорија. Имено, тоа значи, сите ако учествуваме во процесот на создавање на нова вредност (читај: производ, услуга), добиваме и надоместок еквивалентен на таа маргинална продуктивност. Со други зборови кажано, народно, сите што создаваат учиноци, над просекот, маргинално, така и ќе бидат платени. Ако нема маргинална вредност, тогаш нема маргинална награда (надница). Така е правично. За сметка на ваквите нобелови тези, кај нас, сакаме лесни пари, брзи, а притоа никој ништо да не работи во насока на маргиналноста. Колку за споредба, на порталите на Светска банка, сретнав еден параметар за мерење на продуктивноста на трудот, а се вика: резултат на економијата по вработен. Според оваа анализа, македонската економија прикажува состојба на околу 44.000 долари по вработен. Ако направам една паралела со регионот, само со Србија сме тука (и по менталитет) исти, најдолу, а под нас е само Албанија. Разбирливо, во регионот, Словенија е прва со 80.000 долари по вработен, а зад неа е Хрватска. Во земјите од Европската Унија резултатот на економијата по вработен покажува двојно поголема вредност или над 93.000 долари по вработен, во споредба со нас. На врвот е Германија со повеќе од 100.000 долари по вработен или скоро три пати повеќе од македонските работници.

Од ова, нештата стануваат многу појасни. Практично, еден работник во Германија создава (работи) речиси три пати повеќе од кај нас. Затоа, истиот е платен и неколку пати повеќе од нашиот. Ете затоа, ние се вртиме во круг на не-работливост и колективна разочараност, пропратена со завист кон оние, малкумина кои имаат. Згора на ова, ако се погледне и стапката на инфлација како проблем на денешницава, слободно може да кажам дека таа е висока кај земјите кои имаат ниска стапка на продуктивност. Односно, само продуктивноста е алатката за борба со инфлацијата. Се друго е само флертување со инфлацијата до недоглед. Во таа насока, неколку пати истакнувам во јавноста дека се потребни структурни реформи во земјите како нашава, во кои, има два и пол пати помала продуктивност од ние во ЕУ. Со тоа, ние можеме дополнително да ја поддржиме борбата против инфлацијата преку подобрување на продуктивноста и олеснување на ограничувањата во понудата. Да подвлечам - во продуктивноста на своите поединци се состои тајната на развиените земји.

Втората работа, во ова писание, за тоа како да продолжиме понатаму, е во образованието. За таа цел, подолу наведувам еден пример за германците.

Најчестите карактеристики кои ги красат германците се: дисциплина, работа и демократија. Важат за народ кој е работлив и кој знае што сака. Народ кој е работлив и дисциплиниран, не може да има неуспех. Ние, ако се споредиме во контекст на продуктивноста на трудот, може да се види дека разликата е огромна. Но она што е парадокс во ваквите состојби на паралела е податокот кој вели дека многу македонци и албанци, а наши жители од тука, се многу попродуктивни таму, кога се на работа во Германија, отколку истите тие кога се дома, во македонската економија. Зачудува овој феномен, но тајната е во висината на платата и чувството да се биде дел од голема фирма, држава или воопшто да се биде дел од убав систем. Таа е состојката за мотивацијата на сите нас - дома. Во контекст на продуктивноста, како што тоа го напишав во една колумна неодамна, а го цитирав Стив Џобс, кој рекол: „Баравме луѓе кои се ненормално добри во тоа што го прават, но не баравме професионалци. Ги баравме оние кои се страсни и ја разбираат технологијата, но и кои знаеја што можат да направат со таа технологија“. Овде, ако повторно се вратам на неговите совети и направам една паралела со нашите компании, би рекол дека за нив е потребно да најдат луѓе кои ќе поседуваат големо количество на страст при извршување на работите, а не мора да се професионалци. Такви нема или се прескапи. Но, како да ги најдат таквите луѓе, а уште повеќе, како да ги задржат?  

Тука, имам само еден одговор, а тоа е следниот: компаниите ќе мораат самите да ги креираат таквите профили на луѓе, и тоа преку нивна регрутација и работа на нивна психолошка трансформација, уште од најрана возраст (читај: после завршување на матура). Ова, во Германија се вика дуално високо образование, а сега достапно и дома, кај нас. Преку Хајделберг факултетот во Скопје, практично, ќе се изберат од 60 до 90 најдобри млади матуранти, а во нив ќе има од 20 до 30 идни мехатроничари, банкари, финансисти и контролери, а потоа врз истите, германските предавачи во соработка со банкарските професионалци од управите, заедно како професори, ќе им влијаат на младите студенти кон промена на начинот на размислување, уште од 18 години. Младите ќе се чувствуваат убаво и важно во процесот. Понатака, во постапките на новиот високообразовен модел, компаниите, банките и останатите финансиски институции, како дел од процесот, ќе се обезбедат со кандидати за работа - практиканство, од најмалку 5 месеци во годината (читај: после 3 години, ние во компаниите си имаме наш и готов аутпут - продуктивен и горд млад човек, со 15 месеци работен стаж зад себе).  

Третата работа е фокус на семејството и семејните вредности. Според мене, почитта кон жената и обратно (читај: семејството) за мене има вредност кон колективната промена на состојбите, во кои се наоѓаме. Во едно семејство, да се разделиме и натпреваруваме е најлесно и погрешно, според моето искуство, тоа е чист егоизам.  

Доказ за една ваква семејна вредност е приказната со Берта Бенц. Таа е симбол на германската жена претприемач. Имено, Берта на само 22 години имала мудрост и храброст да побара од својот татко (столар) поддршка и целиот свој капитал да го инвестира во металуршката и машинска фабрика на Карл Бенц. Внимавајте, тоа го направила во време, во кое, фабриката на Бенц не одела во добра насока и практично била пред пропаст, поточно ова се случува во 1871 година. За споредба, тогаш малку кој верувал дека е можно, освен со коњ да се движите со автомобил. Практично, било лудост, а промоторите на тие дела, како Бенц и Дајмлер биле прогласени за луди. Што е тука важно? Вербата, надежта и лојалноста на Берта кон својот партнер. Ова е таа семејна вредност за која сакам да пишувам.

Кога, Карл Бенц се откажал и покрај тоа што работата на иновацијата за само-одечки автомобил го трошела целиот семеен буџет, иако со 5 деца дома, таа била најсилна во поддршката - да се оди напред. За таа цел, кога веќе тој речиси целосно се разочарува и се повлекол од развој и промоција на автомобилот прототип - да вози на долги стази, Берта, едно августовско утро во 1888 година, без да го праша сопругот, ја земала колата, и возела 106 километри, од Манхајм до друг град, заедно со двата сина. Дотогаш, никој во светот не направил патување со само-оден вагон на внатрешно согорување, наречен „Benz Patent Motorwagen“. Нормално, на патот од 106 км, кој, денес е симбол и споменик во Манхајм, таа поминала страшни искушенија. Но, преку искушенијата на тој легендарен пат на Берта Бенц, практично била продадена новата иднина, ако може така да напишам т.е. идејата за нов свет со автомобили со внатрешен погон, како подобра опција од коњот. Во далечната 1888 година, германските граѓани додека гледале во шок, кон една жена која се движи со чудна кочија, сама, и притоа нема коњ како поддршка, а со оптимизам и силна верба во себе, Берта, секогаш кога ќе сопре од една до друга аптека (да купи гориво) им објаснувала на жителите за тоа - колку е удобен автомобилот и колку е одлично да се движиш без коњи. Е така и се пробил проектот до денешен „Daimler AG“.

Затоа, оваа колумна, прва во новата 2023 година, ви ја посветувам токму на Вас - на сите жени (и обратно) верници во успехот на својот партнер, на сите жени со семејни вредности, дури и тогаш кога тоа изгледа речиси невозможно.

P.S. Пауло Коелјо, бразилски писател ќе рече: „Има една голема вистина на оваа планета: без разлика кој сте и што правите, кога навистина сакате нешто, ќе го постигнете тоа, бидејќи таква желба се појавила во душата на универзумот. И тоа е вашата цел на земјата. Факт е дека ако желбата е вистинска, ако не доаѓа само од умот, не е имитација на некого, туку доаѓа директно од твоето срце, тогаш сигурно ќе се оствари.”

проф. д-р Синиша Наумоски,

Претседател на Академски совет во АБИТ и контролинг професор на германската високообразовна установа ХАЈДЕЛБЕРГ Институт во Скопје 


* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.