Добивај вести на Viber
Според Јавното претпријатие за државни патишта околу 80 отсто од патиштата во земјава во 2014 година биле во добра односно одржлива состојба, но, Светска банка посочува дека нивните прелиминарни проценки укажуваат дека само 40 отсто од главните патишта се во добра или задоволителна состојба.
„Ако оваа статистика се потврди тоа ќе значи дека состојбата на патната мрежа Македонија е во полоша состојба отколку во повеќето земји со слично ниво на приходи, стои во последниот Извештај на Светска банка.
Оваа прелиминарна оценка на Светска банка е направена врз основа на Алатката за оценување на патната мрежа (RONET). Но, тоа се прелиминарни проценки, бидејќи одредени потребни параметри и податоци не и биле достапни на Светска банка за да се направи анализата.
Алармантно предупредување од Светска банка: Пензискиот систем во Македонија е неодржлив на среден рок!
Токму затоа од Светска банка препорачуваат дека Јавното претпријатие за државни патишта треба да продолжи со тековни активности за да се донесе една конечна и веродостојна оценка за состојбата на патната инфраструктура, но потецираат дека воспоставување на јасно разбирање за состојбата на патната мрежа е важен чекор за подобрување на идните одлуки за инвестиции.
Но, Светска банка за да го поткрепи своето тврдење дека квалитетот на транспортната инфраструктура во Македонија заостанува, посочува и некои глоблани индикатори кои укажуваат на ваквото сознание.
Според Индексот за успешност на логистиката на Светска Банка, кој се базира на истражувањата спроведени меѓу шпедитери и експресни превезувачи, и ги рангира земјите врз основа на постигнувањата во аспектите поврзани со логистиката, се покажува дека оценката за инфраструктура во Македонија, со која се оценуваат квалитетот на трговијата и транспортната инфраструктура, ја рангира меѓу најниските во регионот.
Слично на тоа, Македонија е рангирана на релативно ниско ниво во рангирањето според квалитетот на патиштата во Извештајот за глобална конкурентност на Светскиот Економски Форум, е посочено во Извештајот на Светска банка.
За одржување Македонија одвојува 3.305 евра по километар, Србија 9.303 евра по километар
Трошоците за одржување на патиштата во Македонија се во тренд на опаѓање, иако значително биле зголемени во 2013 година, но тоа било како резултат на финансирање од меѓународните финансиски институции.
„Буџетот доделен на Македонија Пат, кое претпријатие ја извршува програмата за одржување на државните патишта е околу 13 милиони евра или 3.305 евра по километар за редовно и зимско одржување во 2014 година. Тоа е релативно ниско според регионалните стандарди, се вели во извештајот.
При тоа од стратешката програма на ЈП за државни патишта се гледа дека овој низок буџет ќе остане ист до 2017 година.
„Едно особено забележливо намалување се однесува на буџетот за одржување на мостови кој е поставен на минимум годишен износ од 16.000 евра. Едно разумно ниво на одржување на мостови се става под знак прашање со вакви ограничени финансиски средства, пишува во извештајот.
Пари за одржување на патиштата
· Албанија 2,914 евра по км
· Македонија 3.305 евра по км
· Косово 3.742 евра по км
· БиХ 7.797 евра по км
· Србија 9.039 евра по км
· Романија 9.303 евра по км
Поради нередовното одржување на патиштата – штета трпат оние кои ги коирстат
Во анализата на Светска банка е наведено дека кога еден пат ќе се дозволи да се влоши од добра во лоша состојба, секој долар зачуван на одржување на патиштата ги зголемува оперативните трошоци за возилото за помеѓу 2 и 3 долари.
„Тоа пак ја зголемува цената на патниот сообраќај и ги зголемува нето трошоците за вкупната економијата, се посочува во извештајот.
Но, лошото одржување на патиштата, исто така ги зголемува и долгорочните трошоци за одржување на патната мрежа.
„Ако еден асфалтен 15 години редовно се оджува тоа ќе чини 60.000 долари по километар. Но, ако се дозволи патот да се влоши во текот на периодот од 15 години, ќе чини околу 200.000 долари по километар за рехабилитација, посочува Светска банка.
Со други зборови, за рехабилитација на асфалтираните патишта секои 10 до 20 години е повеќе од три пати поскапо, отколку да се одржуваат редовно.
Квалитетот на одржување од Македонија Пат не е на задоволително ниво
Квалитетот на одржување имплементиран од Македонија Пат не е на задоволително ниво, а тоа е резултат на ограничените буџети на располагање на Македонија Пат и ограничениот капацитет на персоналот и општо земено истрошената опрема.
„Исто така, Македонија Пат се чини дека има прекумерна вработеност. Во последните години, повеќе од една третина од приходите на Македонија Пат, или 40 отсто од оперативните трошоци отпаѓаат на трошоци за персоналот. Високиот интензитет на трудот се објаснува со низок степен на механизација на практиките за одржување и лошата состојба на опремата, пишува Светска банка.
Македонија Пат повеќе пари одвојува за зимското одржување, а помалку за редовното, додека најмалку за периодично одржување.
„Во повеќето случаи, повисоките трошоци за зимско одржување се покриваат преку прераспределба од периодичното одржување, кое вклучува важни задачи за одржување, како што се асфалтирање, одржување на мостови и сигнализација.“
Сегашното ниво на трошоците за одржување е под потребниот износ за да се обезбеди доволна добра состојба на мрежата..
Бидејќи значителни финансиски средства се трошат за надградба и проширување на патната инфраструктура, идното финансирање на одржувањето ќе се зголеми уште повеќе за да ја опфати проширената мрежа.
„Дополнително, голем дел од мрежата која ќе се прошири се планира да вклучи нов автопат и делници од експресен пат, така што е важно да се земат во предвид среднорочните потреби за одржување на оваа категорија на патишта. Во обид да се обезбедат доволно средства за надградба на мрежата, понатамошното намалување на буџетите за одржување, всушност, ќе го зголеми долгорочниот трошок за одржување на патната инфраструктура,“е наведено во извештајот.
Но, Светска банка предлага дека е потребна приватизацијата на одржувањето на патиштата, со што ќе се подобри ефикасноста и квалитетот на трошоците за одржување.
Пораст на инвестициите
По неколку години на релативно ниско ниво на инвестиции, се очекува инвестициите во патната инфраструктура значително да порастат од 2014 година па натаму.
Светска банка нотира дека има значителен раст на инвестициите во патната инфраструктура и дека од 2015 година, планираните расходи претставуваат повеќе од 2,2 отсто од БДП-то, што е повеќе од двапати историскиот просек од десет години.
„За Јавното претпријатие за државни патишта, тоа значи годишни расходи од околу 221 милиони во 2016 година, 266 милиони во 2017 година и 232 во 2018 година, што е три пати поголема од големината на своите претходни инвестициски програми,“ стои во извештајот на Светска банка.
Ова зголемување во голема мера се должи на новите градба и тоа може да се спореди со нивото на новите земји-членки на ЕУ, кои во периодот на пристапување во ЕУ достигнаа нивоа на инвестиции во копнената транспортна инфраструктура на 2 проценти од БДП-то. Но, од Светска банка заклучуваат дека, успехот на оваа програма ќе биде во значителна мера определен од квалитетот на планирањето на планирањето на инвестициите и одржувањето
Сепак, Светска банка заклучува дека како Владата ги интензивира инвестициите во патната инфраструктура, ќе стане особено важно да се зајакне и планирањето на патните инвестиции и да се заврши навременото воведувањето на рамката за управување со средствата за патишта.
„Подобреното планирање ќе им овозможи на властите да направат информиран избор помеѓу капиталните инвестиции наспроти трошоците за одржување, географските области, и сиромаштијата и економските влијанија и зголемувањето на ефикасноста на јавната потрошувачка. Спроведувањето на рамката за управување со средствата за патишта ќе и овозможи на владата да обезбеди објективни и квантитативни информации, кои се потребни за солидно патно- инвестициско планирање и да ги базира инвестициските одлуки на холистичка анализа на животниот циклус на трошоците за градба, трошоците за одржување и за учесниците во сообраќајот. Затоа ЈПДП треба навремено да го заврши спроведување на рамката за управување со средствата за патишта, и да обезбеди постоење на доволен капацитет во самото претпријатие за истата да функционира и редовно да се ажурира.
Управниот одбор на ЈПДП треба да игра силна водечката улога во планирањето на инвестициите базирано на докази во ЈПДП а затоа треба да ја поседуваат потребната техничка експертиза. Владата треба да обезбеди доволно финансирање за одржување, да го реши прашањето на заостанато одржување и да ја подобри ефикасноста на трошоците за одржување.
Р.Ф.