Такер Карлсон можеби ќе прави дует од Путин и Трамп
Објавено во: Колумни 12 Февруари, 2024
Доцна вечерта на 8 февруари се појави интервјуто кое крена оглема
врева во светот. Два часа американскиот новинар Такер Карлсон го интервјуираше
рускиот претседател Владимир Путин. До вчера на поранешната мрежа Твитер, а
сега Х, интервјуто го имаат видено над 180 милиони посетители, додека на Youtube има околу 12 милиони посетители.
Во некои други времиња вакво интервју и немаше да крене толку врева. Но кога
рускиот претседател од почетокот на војната не дал интервју за западни медиуми,
ова навистина е ексклузива за Карлсон. Дотолку повеќе што, според портпаролот
на Кремљ, Димитриј Песков, во изминативе години имало барања и од други медиуми
и новинари, но тие се одлучиле за Карлсон.
За американскиот новинар интервјуто со Путин е и задоволување на неговата упорност за разговор токму со него. Тој уште во 2021 година почнал да прави обиди за патување во Москва. Но американските специјални служби му „кренале рачна“. Некој „свиркач“ го предупредил тогаш Карлсон дека Агенцијата за национална безбедност(АНБ) ги следи неговите комуникации и работи на негово дискредитирање. Особено поради фактот дека тој во тоа време е голем критичар на американската политика. И внатрешна и надворешна. Тајните служби во тоа време дознаваат за негова преписка околу подготовка за пат во Русија, па откако Карлсон дознал дека го следат се сретнал со специјалците. Му било предочено дек знаат што подготвува, по што, според него, тој дури се исплашил. Исто така дел од неговите писма се дадени во медиум близок на специјалните служби за публикување со цел на негова дискредитација. Такер Карлсон кој беше еден од најпопуларните ТВ-водители, и и перјаница на телевизијата Foxnews, сега е слободен новинар. Па интервјуто со Путин е и негова победа во конфликтот со специјалците од АНБ.
Такер Карлсон допатува во Москва ден-два пред интервјуто. И веднаш на идео пуштено на мрежата Х најави дека ќе има интервју со Путин. затоа што „Американците не се во тек со тоа што се случува во Русија и Украина“. Според неговите зборови, војната во Украина веќе го промени светскиот поредок, кој беше воспоставен по Втората светска војна. И во трговијата и во воените алијанси. Тој додаде дека во многу земји тоа прекрасно го осознаваат, но не и на Западот, во англојазичните земји, каде што луѓето се уверени дека ништо значајно не е сменето. „Тие мислат така, бидејќи никој не им ја кажува вистината“, рече Карлсон. Според неговите зборови, се’ што пишуваат западните медиуми за војната, тоа не е новинарство, туку пропаганда во најодвратна форма, која води кон војна. Притоа многу медиуми прават интервјуа со Владимир Зеленски, украинскиот претседател, но ниту еден голем медиум не разговарал со другата страна од конфликтот – Путин.
ИНТЕРВЈУ И СО ЗЕЛЕНСКИ
„Повеќето Американци немаат поим зошто Путин ја започна војната и кои се неговите цели сега. Никогаш не го слушнале неговиот глас. Ова е погрешно. Американците имаат право да знаат сè за оваа војна“, забележа новинарот. Карлсон даде забелешка дека неговиот тим понудил да разговара со Зеленски и изрази надеж дека тој ќе се согласи. Карлсон рече и дека Илон Маск ветил дека нема да го блокира неговото интервју со претседателот на Руската Федерација кога е објавено на социјалната мрежа X. И предрече дека властите на западните земји на други платформи задолжително ќе го цензурираат неговиот материјал со Путин. За час и половина од објавувањето на најавата за интервјуто, видеото го погледнале повеќе од 8 милиони корисници. На заминување Карлсон повторно се јави со видео. Според него, новинарот успеал да добие многу детален одговор од рускиот лидер за тоа што и претходело на кризата во Украина. Карлсон, исто така, истакна дека поминал вкупно околу пет часа во Кремљ, чекајќи го Путин околу два часа. Покрај тоа, во своето ново видео, Карлсон истакна дека Русија нема да го отстапи Крим. А тој, исто така, добил впечаток дека Владимир Путин е длабоко повреден од отфрлањето на Русија од страна на Западот. Американскиот новинар го нарече рускиот претседател интелигентен соговорник без какво било сомневање.
Што се’ кажа Путин во интервјуто? Повеќето од тезите што ги искажа Путин, се повторувани повеќе пати во негови настапи, а читателите на „Фактор“ ги имаат прочитано изминативе години. Ново беше што сега ги искажа за американски новинар. Барајќи половина минута, тој одржа тирада од половина час. Толку му требаше да почне да зборува за историјата, за почетоците на Русија, па да заврши со ветувањата на НАТО дека нема да се шири кон исток по распадот на Советскиот Сојуз и „државниот удар“ во Киев во 2014 година. Кои беа главните точки од интервјуто на Путин? Дека за мировните преговори меѓу Русија и Украина „Порано или подоцна ќе се дојде до договор. „ Може дури и да звучи чудно во денешната ситуација: односите меѓу народите сепак ќе бидат обновени. Ќе биде потребно долго време, но ќе се обноват“, рече Путин. Според него, одбивањето на Украина да се вклучи во дијалог се должи на притисокот од САД( за пропаѓањето на договорот од Истанбул): „Јас тргнувам од фактот дека тие го направија тоа по инструкции од Вашингтон... Донесоа погрешна одлука, сега мора да бараат излез... Направија [грешка], нека ја поправат“.Во поглед на брзиот начин за ставање крај на војната Путин рече:„ Му пренесуваме на раководството на САД: ако навистина сакате да ги прекинете непријателствата, треба да го прекинете снабдувањето со оружје - сè ќе заврши во рок од неколку недели, а потоа може да се договара под кои услови“.
Што се однесува до експлозиите на гасоводите Северен тек , Путин му рече на Карлсон:„ Вие лично можеби имате алиби, но ЦИА нема такво алиби... Знаете, нема да навлегувам во детали, но во такви случаи велат: побарајте некој што е заинтересиран“. Околу прегорите за прием на Русија во НАТО, Путин нагласи дека по распадот на СССР, Русија очекуваше дека ќе биде прифатена „во братското семејство на цивилизирани народи“, но тоа не се случи; Вашингтон ја „измами“ Москва. За постојаните сегашни најави дека е можно проширување на конфликтот на територијата на земјите од НАТО Путин вели: „Ние не сме заинтересирани за Полска, Латвија или кое било друго место. Зошто да го правиме ова? Ние едноставно немаме интерес. Тоа е само ширење закани... Ова апсолутно не доаѓа предвид. Тука не треба да бидете каков било аналитичар. Вклучувањето во некаков вид глобална војна е спротивно на здравиот разум; глобалната војна ќе го стави целото човештво на работ на уништување“.
ПОВИК ЗА ДОГОВОР
Карлсон го праша Путин и за заканата од доминацијата на Кина врз Русија. Неговиот став е дека:„Кинеската надворешнополитичка филозофија е неагресивна, надворешнополитичката мисла на Кина секогаш бара, бара компромис, и ние го гледаме тоа“. Па додава: „„Западот повеќе се плаши од силна Кина отколку од силна Русија, бидејќи Русија има 150 милиони луѓе, а Кина има една и пол милијарда. И кинеската економија се развива со скокови и чекори од седум милји - повеќе од пет проценти годишно, а беше и уште повеќе“. Конечно, стана збор и за уапсениот американски новинар од руско потекло Еван Гершковиц. Карлсон беше подготвен да го земе со себе на враќање од Москва. Путин не исклучи дека Гершковиц, дописникиот на WSJ, може да се врати дома. Но тоа треба да се реши тивко, смирено и на професионално ниво. Тој рече дека веќе има контакти за негова размена и дека таа работа треба да продолжи. Русите бараат од Германија да биде ослободен припадник на тајните служби, кој е осуден на доживотен затвор за убиство на чеченски воен командант, кого во Русија го сметаат за човек кој извршил воени злосторства за време на чеченските војни.
Во целиот разговор, можеби најважен беше повикот на Путин, Западот да почне да се договара со Русија. Тоа беше и обраќање до западната публика. Дури и војната во Украина беше споменувана во овој контекст. „Немате ли што да правите? Имате многу проблеми на границата. Проблеми со миграцијата, со државниот долг, нема ли со што да се занимавате? Дали треба да се борите во Украина? Зарем не е подобро да се договорите со Русија и да донесете одлука со здрав разум, да почнете да се однесувате кон нас со почит, ова е многу попаметно и порационално“.„Досега се креваа врева и повици за нанесување стратешки пораз на Русија на бојното поле. Но, сега тие (Западот), очигледно, почнуваат да разбираат дека постигнувањето на ова е тешко, ако не и невозможно. Според мое мислење, тоа е невозможно по дефиниција. Ова никогаш нема да се случи. И ми се чини дека сега оние што се на власт на Запад го сфатија ова. Ако е така, ако дојде свеста, тие ќе треба да размислат што да прават понатаму. Ние сме подготвени сме за таков дијалог“. Путин му тврдеше на Карлсон: „Знам дека тие го сакаат ова (преговори). Не само што го гледам, знам дека тие го сакаат тоа, но тие со сите сили се обидуваат да сфатат како да го направат тоа. Тие ја доведоа ситуацијата до таму каде што сме сега. Па, сега нека размислат како да ја свртат ситуацијата. Ние не сме против тоа.
Колку држат овие зборови на Путин е големо прашање, знаејќи го барем сегашниот став на Западот. Тој не дава знаци за преговори, ниту ја присилува Украина да ги почне. Таму, уште повеќе, се против давање отстапки на Русија. А некои земји се дури и за пораз на Русија и враќање на Украина на границите од 1991 година. Но, со оглед дека во многу земји и во ЕУ ќе има избори, можеби Путин да се обраќаше на некои идни западни лидери. Еден од нив е Доналд Трамп, кој и покрај деведесет обвинувања дома, е упорен во намерата одново да стане претседател на САД. А Такер Карлсон е негов поддржувач. Патем, Трамп не еднаш има изјавено дека војната во Украина, кога ќе стане претседател, ќе заврши за 24 часа. Трамп можеби ќе се согласи и со барањето на Русија од декември 2021 година да и се гарантира безбедноста и да престане ширењето на НАТО, барање кое САД и НАТО го отфрлија.
СПЕЦИЈАЛЕН ОБВИНИТЕЛ ЗА БАЈДЕН
Интервјуто на Такер Карлсон со Путин беше нееднозначно прифатено. Особено не на Западот. Па некои медиуми тврдеа дека тоа е направено да му помогне на Трамп во годинава на избори во САД. А во моментов и да ги обеди републиканците да продолжат да ја блокираат воената помош на Украина. Што барем засега, не е реално. Колеги го обвинуват Карлсон дека повеќе молчел отколку што прашувал, дека поставувал бенигни прашања...Од Wall Street Journal изјавија: „Ние сме одушевени од желбата на Русија да се склучи зделка, која ќе го врати Еван дома и се надеваме дека тоа ѓе доведе до негово брзо ослободување и враќање во семејството и во нашата редакција“. Во CNN велат: „Тие кои што очекуваа жесток разговор веројатно беа многу разочарани од интервјуто со многу зборови и без врска, во кое Такер од време на време изгледаше изгубен. Тоа беше голема пропагандистичка победа на Путин, кој сега може и тоа ќе го прави, да ја искористи средбата за свои сопствени цели“. Овде може да се постави прашањето, дали интервјуата со кои било лидери не се пропагандистички? Да речеме Бајден, дали нема да искористи интервју со руски медиум за ширење американска пропаганда, за американските демократски вредности, на пример? Или пак Емануел Макрон, Олаф Шолц, Риши Сунак, што би кажале тие за руски медиуми? Нормално ќе има и пропагандни пораки. Или пак Шји Џинпинг да даде интервју за американски медиум. Дали тој нема да ги пропагира кинеските вредности?
Околу реакциите би го додале и ставот на Роберт Кенеди јуниор, кој вели:„ „Такер Карлсон е оцрнет со денови. Застарените медиуми и демократскиот естаблишмент не се задоволни со тоа што тој само ја врши својата работа. Американците можат да се справат со разговори кои тераат кон размислување. Ќе се справиме со опасните мисли или спротивставени идеи, кои не се вклопуваат во агендата на мејнстрим медиумите . Дозволете да одлучиме сами“.
Не стивнаа реакциите по повод интервјуто на Такер Карлсон со Путин, па се јавија нови во истиот ден кога специјалниот обвинител што го истражуваше однесувањето на претседателот Џо Бајден кон тајни документи, што си ги однел дома, на големо изненадување, даде изјава со која ја поткопува неговата кандидатура за претседател. Специјалниот советник во случајот Бајден заклучи, во својот извештај, дека Бајден намерно зел доверливи материјали од Белата куќа и незаконски споделил доверливи информации со својот биограф. Но, според специјалниот обвинител, за време на петчасовното интервју минатата година, Бајден не можеше да се сети кога бил потпретседател и не можел да се сети на годината кога починал неговиот син Бо. Па дека разговарал со странски политичари во време кога тие биле починати. Како резултат на тоа, специјалниот обвинител изјави дека нема да препорача обвиненија во случајот, бидејќи ниту еден поротник не би осудил постар човек со толку изгубен разум. Со други зборови, претседателот на Соединетите Американски Држави е со толку напредно слабоумие што поротата не може со чиста совест да го осуди велејќи, да, тој човек знаел што прави кога ги земал документите. Ова е храна за Русите. Некои политичари веќе прават шеги на сметка на слабоумието на Бајден. Сето ова предизвика паника, лутина и обвинувања во Белата куќа. Како еден обвинител се осмелил јавно да зборува за здравствените недостатоци на Бајден.
„НЕНОРМАЛНИ“ ЗАКАНИ
Два дена по објавувањето на интервјуто на Карлсон, нови реакции. Од еден предизборен митинг се јави Доналд Трамп. Тој на присутните има раскажа како им се заканувал на своите сојузници да ја „охрабри Русија“ за агресија против нив за да ги принуди да ги зголемат придонесите за колективната безбедност. И доколку не го направат тоа нема да ги брани во случај на напад од надвор од Алијансата. Исто така дека да не бил тој НАТО немало да заживее. Овде веројатно ја има предвид изјавата од францускиот претседател Емануел Макрон од тоа време дека, „мозокот на НАТО е мртов“. Белата куќа ги нарече „ненормални“ заканите на Трамп. Заменик-секретарот за печат на Белата куќа, Ендрју Бејтс, изјави: „Поттикнувањето на инвазија на земјите, нашите најблиски сојузници од убиствени режими е ужасно и ненормално - и ја загрозува американската национална безбедност, глобалната стабилност и нашата домашна економија“. Тој додаде дека под претседателството на Џо Бајден „НАТО сега е највиталната организација од кога што постои“. Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, ги осуди приказните на Трамп за тоа, како тој се заканувал на еден од сојузниците дека ќе ја „охрабри Русија на агресија“, без директно да го спомене поранешниот американски претседател. Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг увери дека алијансата ќе ги брани сите свои сојузници доколку биде нападната и ги критикуваше изјавите кои го доведуваат тоа во прашање, исто така без директно да го спомене Доналд Трамп.
С’е на се’, интервјуто на Карлсон и она што се случуваше деновите предизвикаа интерес и во Русија и на Западот. Може ли да се повтори декември 2021 година. Од една страна Путин кој повикува на преговори за безбедност на Русија, а сега за мировни преговори околу војната во Украина. И од друга Западот и посебно САД. Путин знае дека таа е адресата каде што треба да се обрати и чија порта е главна. Ако се отвори, тогаш работите ќе напреднат. Самото интервју му беше добредојдено на Путин. особено можноста да се обрати пред стотина милионска аудиторија на Х и десетина милионска на Јутјуб. Пораките што дојдоа за здравјето на Бајден само ја заматуваат сликата пред изборите во САД. Дали тој со такво здравје ќе се обиде да стапи во преговори со Путин. Или пак рускиот претседател ќе чека некое ново име. На пример, старо-ново во ликот на Трамп. Кој не го менува својот стил на комуникации со јавноста и односот кон сојузниците од НАТО. Се’ гледа како бизнис. А Такер Карлсон е тука да му помогне. Можеби тој да биде и спојка меѓу рускиот и американскиот претседател. Се споменува можноста Карлсон да стане државен секретар доколку Трамп ги добие изборите. Па да прави политички дует од Трамп и Путин, кој би свирел или пеел под исти ноти. Ноти кои ќе се темелат на интересите на нивните земји.
Како и да е Карлсон може да се смета за победник во она што се случуваше минатата недела. До гледачите и читателите донесе една вистина. Дали тие ќе ја прифатат е нивна работа. Друга работа е одговорот на прашањето кон каде ќе води интервјуто на Карлсон? И покрај навредите и омаложувањата од колеги и претрпениот страв од американските специјални служби, тој смогна храброст да дојде во Москва и да направи интервју со Путин. На тој начин отвора пат и други големи медиуми или имиња да појдат по неговиот пат. И да го нарушат консензусот дека треба да се прават интервјуа само со едномисленици. Многу ќе зависи и од Русите. Дали тие ќе овозможат интервју со Путин да прават и други медиуми. На пример, BBC, од каде што соопштија дека и тие поодамна барале интервју со Путин.
Мирче Адамчевски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.