ТАМУ КАДЕ ШТО ИЗГРЕВА СОНЦЕТО!
Објавено во: Колумни 03 Април, 2013
Дали некој своевремено можеше да претпостави дека еден ден ќе ги нема Римското царство или Отоманската империја? Сигурно не. За време на своето постоење тие империи беа симбол на вечност. Нивното исчезнување беше незамисливо. Па сепак, историјата покажа дека ништо не е вечно, дека сите империи, без оглед на својата големина и моќ, порано или подоцна ја напуштаат сцената. На нивно место доаѓаат нови империи, можеби уште поголеми и помоќни од претходните.
За разлика од империите кои постоеле во минатото и кои својата моќ ја стекнувале со меч или пушка, во денешно време постојат економски, односно финансиски империи. Денес во светот се води војна за секое евро или долар, а не за секоја педа земја. И покрај квалитативната разлика помеѓу некогашните и денешните империи, крајниот исход не се менува. Едни си заминуваат, други доаѓаат. Со години, со децении, Швајцарија беше финансискиот центар на светот. Или, ако сакате, центар на приватното банкарство. Оваа „вечно неутрална“ држава уште од триесеттите години на минатиот век важеше за ветена земја. Швајцарија знаеше да ги искористи големата економска криза што ги зафати САД во тој период, како и темните облаци што се надвиснаа над политичката сцена во Европа, па со својата сигурност и стабилност ширум да ги отвори вратите за најбогатите луѓе во светот. Првото што го направи оваа земја беше промовирањето на концептот на банкарската тајна и максималната доверливост на податоците за клиентите на швајцарските банки. Со Законот за банки на Швајцарија од 1934 година беа предвидени и затворски казни за оние банкарски службеници кои ќе ја нарушеа доверливоста на деловниот однос помеѓу банката и клиентот. Максималното почитување на концептот на банкарската тајна доведе до експанзија на приватното банкарство во оваа земја. Така беше во целиот 20-ти век. Блоковската поделеност и студената војна ги натераа богатите луѓе од целиот свет да побараат прибежиште за своите милијарди во Швајцарија. Поседувањето на сметка во швајцарска банка стана статусен симбол во светот, а холивудските филмови кои третираа „банкарски проблеми“ беа незамисливи без сцени од Цирих или Женева. Она што започна во 20-от, продолжи во 21-от век. Само за илустрација, во 2007 година швајцарските банки имаа 5,4 трилиони швајцарски франци кои се водеа како приватни депозити. Или, да бидеме поконкретни, 27% од приватното банкарство во светот се одвиваше во тогашниот најголем offshore финансиски центар - Швајцарија. Речиси ништо не навестуваше дека во следните неколку години финансиската карта на светот ќе започне драстично да се менува. Во 2008 и 2009 година Европа и Америка беа зафатени со голема финансиска криза. Најголемите банки се соочија со многу сериозни проблеми, а некои од нив и пропаднаа. Оние банки кои опстанаа на пазарот, се обратија за помош до своите матични земји. За да можат да ја обезбедат соодветната финансиска помош, земјите мораа да користат средства од своите буџети. Средства кои претходно беа планирани за други намени, а не за санација на банките кои „преку ноќ“ станаа проблематични. Во таква ситуација, поголемиот дел од земјите во Европа и Америка беа принудени да повикаат на т.н. фискална дисциплина. Одеднаш се сетија дека „некои нивни граѓани веројатно имаат сметки во швајцарски банки“, па побараа од Швајцарија податоци за таквите граѓани. Со цел тие граѓани да платат данок во матичните земји. Нормално, се соочија со концептот на банкарската тајна во Швајцарија. Излезот од оваа ситуација државите во Европа и Америка го побараа во донесување на законски прописи кои се однесуваат на меѓубанкарските кореспондентски односи. Таквите прописи имаа за цел да ги принудат швајцарските банки да откријат барем дел од податоците за своите клиенти. Сеуште е неизвесно дали ваквите мерки ќе дадат некои резултати. Но, иако мерките што ги преземаа Европа и Америка за надминување на финансиската криза не предизвикаа поголеми потреси кај швајцарските банки, сепак се појави загриженост кај дел од нивните клиенти. Тие клиенти не сакаа да одвојат дел од своите заштеди и да ги полнат буџетите на матичните земји. Затоа одлучија дека е време да се побара нова дестинација за нивните милијарди. И најдоа две такви дестинации на Далечниот Исток. Сингапур и Хонг Конг. Овие две земји кои важат за финансиски џинови на Југоисточна Азија ја видоа својата шанса во финансиската криза што ги зафати Европа и Америка. Во ситуација кога и Швајцарија, макар и индиректно, почна да се соочува со последиците на кризата, владите на Сингапур и Хонг Конг, како и нивните финансиски системи, презедоа низа на мерки за да ја привлечат богатата клиентела на швајцарските банки. Сингапур важи за земја со исклучително ниски даноци и либерална банкарска регулатива. Во таа земја постои поделба на универзални банки и offshore банки. На offshore банките им е забрането да прибираат депозити од државјани на Сингапур, како и депозити во сингапурски долари. Тие работат исклучително со странци и со странски валути. Законот за банки предвидува строго чување на банкарската тајна. Сингапур им нуди сигурна заштита на клиентите, нивните лични податоци, и секако, заштита на податоците за висината на нивните депозити. За разлика од Швајцарија која како „трета страна“ потпиша договор за соработка со Европската унија во делот на размена на информации за странските државјани кои имаат депозити во домашните банки, тоа не е случај со Сингапур. Причина повеќе, депозитите од Швајцарија да се одлеат во Сингапур. Таквата поставеност на работите го прави Сингапур една од најпосакуваните дестинации кога е во прашање приватното банкарство. Како Сингапур, така и Хонг Конг е една од најпосакуваните банкарски дестинации. Оваа земја има исклучително стабилен правен и финансиски систем, ниски даноци и огромен број на филијали на странски банки на својата територија. Дури и најголемите швајцарски банки, како UBS и Credit Suisse се присутни во Хонг Конг. Можеби дел од клиентите на швајцарските банки што ги „преселија“ своите депозити на Далечниот Исток, ги вложија своите пари во филијалите на UBS и Credit Suisse. Што се однесува до концептот на банкарската тајна, треба да се знае дека тој се однесува на сите банки (домашни и странски) во Хонг Конг и на сите клиенти кои имаат сметки во банките во Хонг Конг. Правото на доверливост им припаѓаат на клиентите, а не на банката. Само во исклучителни ситуации банката може на трета страна да пренесе одредени податоци за своите клиенти. И нормално, слично како и Сингапур, така и Хонг Конг не мора да се загрижува за директивите на Европската унија, што му дава конкурентска предност во однос на Швајцарија. Сингапур и Хонг Конг, на еден или на друг начин, се повеќе доминираат на финансиската карта на светот. Економската моќ се сели од Запад кон Исток. Новите финансиски империи почнаа да се создаваат. Таму каде што изгрева сонцето. Каде сме ние во таа распределба на моќта? Никаде. Ние не сме во клубот на богатите. Не сме ни Запад, ни Исток. Ние сме југ. Со мало ј. Кога кај нас ќе изгрее сонцето? д-р Гоце Трајковски* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.