26 Ноември, 2024
0.0246

ТЕШКИ ВРЕМИЊА КРЕИРААТ СИЛНИ ЛУЃЕ

Објавено во: Колумни 05 Декември, 2023

Добивај вести на Viber

Денес, сите ние, сме во уште еден пик, но сега, за жал, во пик на „монструозност“ или пик на лудоста во човештвото. Тоа, значи дека времињата се тешки или ако милувате луди. Ваквата состојба, покрај другите негативности, предизвикува и силна криза во духот кај населението. Оттука, никој не може да си претпостави, за тоа - какви денови ни доаѓаат во иднина. Никој, нема да може да ги предвидува состојбите, кои од денешна перспектива изгледаат многу потешки, за разлика од вчера. Имено, ова се времиња на колективната криза во душите - „духовна дефлација“. 

За ваквите состојби, уште многу пред пандемијата, причинител беше нарушувањето на довербата меѓу луѓето. Таа, дополнително, како последица на овој период, речиси и целосно да се изгуби. Затоа, веќе сме длабоко навлезени во една т.н. фаза на колективна духовна и општествена криза. Економски, тоа може да се објасни како состојба, во која, луѓето се опседнати само со профит и материјални добра или со други зборови, тие се единствените владетели на системот. Поради кризата, луѓето се склони на штедење, а тоа предизвикува намалена стапка кај личната потрошувачка. Понатаму, тоа доведува до негативни ризици за ликвидноста и се појавува т.н. глад за ликвидни текови или состојба која ги тера претприемачите да бараат алтернативни извори за ликвидност, што на крај ќе предизвика до состојби на акомодативност во домовите и семејните бизниси. 

Така, кај граѓаните се појавува една изразена состојба на акомодативност, што ќе резултира со нарушен спокој, и притисок, тие да се ориентирани кон бизнис и трговија, а тоа ќе продуцира само натпревар помеѓу нив. Таквата трка или натпревар доведува до силна или би рекол, до многу посилна од таа до пред кризата, појава на ЗАВИСТ, појава на неморал, силно ЕГО кое не бира средства за да успее, туку делува за успех по секоја цена. Ова се случува во големи размери, после пандемијата, а е пропратено со отсуство на спокој и среќа меѓу луѓето. Резултатот: колективна рамнодушност и меѓусебна не-почит. Ова е еднакво на: состојба на колективно незадоволство од СЀ и барање на виновник во секој. Ваквите состојби во општеството раѓаат монструми - маскирани во „патриоти“ и „татковци“. Како напред? Според мене, ако сите се менуваме во насока на објективност кон фактите и направиме барем по едно добро дело, а без притоа да имаме личен интерес од тоа, ние сме дале допринос кон општествениот прогрес за „еден милиметар“ понапред. Да го промовираме семејството и да ја истакнуваме семејната љубов над профитот, да ги промовираме мајките на нашите деца над авантурите од неверствата, ете тоа се првите добри дела што треба да ги направиме, уште денес. Така, чекор по чекор, ефектот ќе се почувствува. Кога општеството ќе почне да прогресира, иако полека, но движејќи се, тоа ќе ослободува простор за експанзија во економијата. 

Таа ќе оди напред, и на долг рок, ако оваа мудрост ја имплементираме ќе создава подобро општествено уредување (бавно, но ќе се движи). Тешки времиња креираат силни луѓе Понатаму, одењето напред, подразбира и придвижување на работите во политиката. Токму тоа, за сите нас, ќе даде силен поттик и верба во државата, верба во системите, а со тоа и враќање на мотивацијата кај граѓаните. Но, сето тоа зависи од самите нас. Поточно, системот го прават единките, а тоа сме самите ние. Единките (ние) ги правиме институциите, а не обратно. Ако, институциите не функционираат, знaчи дека не функционираме НИЕ. Да не го заборавиме тоа! Имено, не смееме да ги обвинуваме институциите за кои знаеме дека повеќето од нив не-функционираат, туку треба да се свртиме секој кон себе. Да се обвиниме самите себе, затоа што сме ние чинителите на овие македонски институции. Затоа, уште од денес ние ќе направиме добро општествено дело. Имено, со Наде, Бранко и Илија (мотивациски говорници и филмски експерти), мои колеги и предавачи, заедно ќе се вложиме, со една цел: да направиме „Podcast Studio“ за креирање на љубов и позитивни настани, со цел, зголемување на важноста на семејството и промоција на вистинските вредности како клуч на успехот кај младите. 

Тоа ќе го направиме без да чекаме кусур и економски интерес... „Се додека луѓето се задоволувале со верувањата, тие не чувствувале потреба од промени.“ Некаде ја сретнав реченицата која вели: „Се додека луѓето се задоволувале со верувањата, тие не чувствувале потреба од промени.“ И така е. Кога луѓето се задоволувале со верувањата нив ги интересира само како да го направат безбеден и пријатен својот живот. Во таква ситуација, човекот не се интересира за потеклото на животот, а најмалку го интересира, кој, или што е креативната сила, која ги создава животните закони. Токму, тоа, пак, ги интересирало духовните мудреци уште пред илјади години пред наша ера. Според нив, растечката конфронтација меѓу групите на луѓе укажува на тоа дека процесот започнат со нивно разделување се ближи до својот крај. Практично, ваквите духовни учења укажуваат на факти, кои велат дека пред пет илјади години единствениот народ се распаднал на повеќе нации, поради растот на егоизмот на неговите членови, кој предизвикал раздор меѓу нив. Оттука, во тој правец некако би рекол дека не успеваме како човештво да се помрднеме од мртвата точка, но ако е за утеха, барем денес тоа многу појасно го осознаваме. Нека се протолкува и ова мое „тажно писание“ како чин на мало осознавање. Каде грешиме како општество? Одговорот сум го пишувал повеќе пати, а се вика „Стапицата на егоизмот“. Имено, ако го добивам тоа, по што мечтаам, јас веќе не го посакувам. Спласнува енергијата и ентузијазмот. Оттука, бидејќи животот без насладувања за нас е невозможен, ние мораме да продолжиме да изнаоѓаме нови и поголеми насладувања. За таа цел ние развиваме нови желби, кои исто така ќе останат неисполнети. Тоа е затворен круг. Всушност, колку повеќе посакуваме толку попразни се чувствуваме. Празнината пак, го засилува нашето разочарување и го прави егото големо. Бидејќи човештвото се наоѓа на нај-интензивното ниво на желбите, какво досега не е забележано во минатото, принудени сме да признаеме дека денес нашето незадоволство е многу поголемо од кога и да е, иако имаме многу повеќе од нашите татковци и дедовци. Токму контрастот меѓу тоа што сега го имаме и нашето растечко незадоволство, ја продуцира оваа современа општествена криза. Колку поегоистични стануваме, толку попразни се чувствуваме, и таквата општествена криза се продлабочува. 

За ВАЊА „Бог е милостив“ е значењето на името Вања. Како што се вели во религијата, многу е важно да знаеме дека молитвата е средба со Бог (со Создателот), молитвата е поставеност, однос кој е длабок и кој што не може да биде изнуден ниту од нас, ниту од Бога. Односот мора да започне и да се развива во заемна слобода. Ако погледнеме на односот како на заемен однос, ќе видиме дека Бог би можел да се пожали од нас многу повеќе отколку ние од Него. Затоа, јас силно се молам за тебе ВАЊА, ангел наш. Ти си наш Христос, кој страдаше за да не промениш, за да видиме колку сме сите грешни.

проф. д-р Синиша Наумоски,

Извршен директор во АБИТ и контролинг професор на германската високообразовна установа ХАЈДЕЛБЕРГ Институт во Скопје 

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.