Тетовчанец си купи недвижен имот за 300.000 евра од Македонски Железници - Инфраструктура
Објавено во: Економија 27 Август, 2024
Транспортната компанија Ман Експрес на тетовскиот бизнисмен Оливер Стојаноски е нов сопственик на деловните простории на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура што се наоѓаат на булеварот Трета Македонска Бригада помеѓу Кисела Вода и Аеродром во Скопје.
Иако првично проценетата вредност на имотот од 684 метри квадратни пред првата лицитација изнесувала околу 450.000 евра, купопродажбата на крај завршила со договор од нешто повеќе од 300.000 евра.
„Да се изврши продажба на деловни простории во сопственост на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Железници на Република Северна Македонија - Скопје, деловен простор во Скопје, кој се наоѓа на ул. "Трета Македонска Бригада бр. 62", на КП бр. 6666/10, КО Кисела Вода 2, запишан во Имотен лист бр.55404, со вкупна површина од 684 м2 и тоа, почетна проценета вредност 27.271.000 денари“, гласи владината одлука што како одобрување била објавена на 7 ноември минатата година.
Во меѓувреме на катастарската парцела е запишан нов сопственик - Ман Експрес. Од МЖ Инфраструктура ни потврдија дека тетовската фирма е нов сопственик, но нема информации дали имотот смее да се преуредува за друга намена и кој е мотивот за негова продажба.
„Во врска со вашето прашање подолу, сакаме да Ви одговориме дека со одлука на Владата, јавното претпријатие беше задолжено да спроведе постапка за продажба на деловниот простор на ул.„Трета Македонска Бригада бр. 62“, пришто согласно Владината одлука и позитивните законски норми , односно врз основа на Законот за продажба и давање под закуп на деловните згради и деловните простории на Република Северна Македонија, беше објавен јавен оглас за продажба на деловниот објект преку електронска аукција.
Електронската аукција беше реализирана преку сајтот delovenprostor.mk кој го администрира Министерството за транспорт и врски. На аукцијата, како најповолна беше избрана понудата на „Ман Експрес“ којашто беше во висина од 19.089.941 денари“, ни одговорија од јавното претпријатие.
Инаку Ман Експрес, фирма регистрирана во 2017 за услужни дејности во копнениот превоз, за 2023 прикажала приходи од околу 550.000 евра кои нараснале шесткратно за една година. За прв пат била остварена и значајна добивка - околу 400.000 евра. Имала шестмина вработени, а директорка е Милица Савеска од Тетово.
Инаку управата на „Македонски железници - инфраструктура“ е сместена во бараки кои се наоѓаат на улицата „Јордан Мијалков“ („Железничка“), во близина на Министерството за внатрешни работи. Јавното претпријатие подолго време искажуваше заинтересираност да даде дел од просторот, а за возврат да добие нова зграда.
Ова прашање се актуелизираше лани со најавата на изградабата на голем кружен тек кај НИП „Нова Македонија“. Од МЖ Инфраструктура тогаш рекоа дека за ова писмено се известени Градот и општина Центар, дека бараат да им се изгради нов објект во близина, доколку бараките треба да се рушат и да се дислоцира опремата.
А.К.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.