Тевдовски тврди дека нема да има нови поскапувања, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека манипулираат
Објавено во: Економија 02 Јануари, 2018
Зголемувањето на акцизата за дизел горивото што стапи на сила со почетокот на 2018 нема да предизвика зголемување на цените на останатите продукти, повеќе од веќе предвидените од Министерството, изјави министерот за финансии, Драган Тевдовски.
„Министерството за финансии веќе соопшти дека очекувањата за движење на инфлацијата се 1,7 проценти и во нив е вградено и зголемувањето на акцизата“- вели тој.
Тевдовски и премиерот Зоран Заев денеска имаа заедничката прес-конференција. На средбата претходно Тевдовски го информирал Заев за реализацијата на Буџетот во 2017 година и за економските очекувања во 2018.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение реагира на денешната прес-конференција на Зоран Заев и Драган Тевдовски. Во соопштението од партијата наведуваат дека Заев и Тевдовски, повторно преку паушални прес -конференции сакаат да ја изманипулираат јавноста.
„СДСМ и Заев единствено удрија по џебот на секој граѓанин. Од 1 јануари е зголемена акцизата за нафта за 3.5 денари по литар. Ова е голем економски удар за превозниците, земјоделците, но и секој обичен граѓанин“- се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Велат дека најголемото ветување на Заев и Тевдовски испадна само еден голем маркетиншки трик. Наведуваат дека пред изборите во октомври месец тие ја воведоа евтината струја, за после избори да најават нејзино укинување.