Тежиштето на руската надворешна политика се подалеку од Запад
Објавено во: Колумни 03 Април, 2023
Минатиот
петок рускиот претседател Владмир Путин
потпиша декрет за новата Концепција
за надворешната политика на Русија.
Станува збор за документ со кој се
определуваат надворешно политичките
приоритети на Русија во наредните
години. Или поедноставно, за прирачник
за работа, пред се’ на руското Министерство
за надворешни работи, но и на други
министерства и институции. Документот
има 42 страници. Тие секако ќе бидат добро
проанализирани од дипломатиите на многу
земји. Сигурно ќе има што да прочитаат.
Важно за Русија е што во неа доминантно место се става на соработката со сите други, а најмалку со Западот. Колку за пример:„ Поттикнување на процесите кои одговараат на регионална и меѓурегионална економска интеграција, пред се во рамките на Сојузната држава(Русија-Белорусија), ЕАЕС, ЗНД, ШОС, БРИКС, а исто така во намерите за формирање Голем Евроазиско партнерство“.
Како и секој документ, на секоја сериозна држава, и овој се темели врз националните интереси на Русија во надворешната политика. Основни принципи, стратешки цели, главни задачи и приоритетни насоки на надворешната политика. Или како што рече Путин на седницата на Советот за безбедност во петокот: „ Кардиналните промени во меѓународниот живот бараа од нас сериозна корекција на клучните документи за стратешко планирање. Меѓу нив и Концепцијата за надворешна политика на Русија, каде што се означени принципите,задачите и приоритетите на дипломатската активност“.
Концепцијата, според рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, е одговор на нивото без преседан, на меѓународната напнатост во последното десетлетие. Се поаѓа од тврдењето дека заканата за безбедност и развојот на Русија создавана од дејствијата на непријателските држави има егзистенцијален карактер. Значи доведен е во прашање опстанокот или постоењето на Русија. И се потенцира дека главен иницијатор и спроведувач на антируската линија се Соединетите Американски држави и политиката на Западот во целост, која е насочена кон сеопфатно слабеење на Русија, окарактеризирана како хибридна војна од нов тип.
ЗАКОНИТОСТ ВО МЕЃУНАРОДНИТЕ ОДНОСИ
Во Концепцијата е дадена карактеристиката на основните долгорочни тенденции на меѓународниот развој, вклучувајќи ја и кризата на економската глобализација, која се’ до неодамна се спроведуваше според американски правила. Во светот се раѓаат нови центри на раст и тој развоен потенцијал води кон формирање на повеќеполарен светски поредок, и според Лавров, тоа е клучната тенденција во меѓународните односи во сегашната фаза. „ Ние во Концепцијата го ставивме нашето гледање на принципите на поурамнотежен и праведен светски поредок. Меѓу нив се полицентричноста, суверената еднаквост на државите, обезбедување на нивните права да избираат модели на развој, поддршка на културното и цивилизациското разнообразие во светот. Помош за воспоставување мултиполарен светски поредок, дефинирана како рамковна задача за сите области на надворешната политика“, рече Лавров презентирајќи ја Концепцијата пред членовите на рускиот Совет за безбедност.
Во Концепцијата акцентот е ставен врз обезбедувањето законитост во меѓународните односи. Се прокламира дека прогресивниот развој на меѓународното право мора да ги земе предвид реалностите на денешниот свет. Во услови на остри надворешни закани, вели Лавров, се потврдува нашата подготвеност да го почитуваме принципот на неделивост на безбедноста, но само во однос на оние држави и нивните асоцијации кои покажуваат реципроцитет во поглед на ова прашање. Во поглед на приодот кон работата на ООН, тој се фокусира на зголемување на ефективноста на организацијата на ново потврдување на фундаменталните цели и принципите на нејзината Повелба, кои Запад се обидува да ги поткопа со своите практични активности.
Во Концепцијата се вградени важни иновации во однос на условите за употреба на сила во самоодбрана во рамките на безусловно почитување на релевантните барања од член 51 од Повелбата на ОН. Концепцијата предвидува можност за преземање симетрични и асиметрични мерки како одговор на непријателските акции против Русија. Се воведува тезата за употребата на вооружените сили за одбивање или спречување вооружен напад врз Русија и нејзините сојузници. На тој начин, вели Лавров, ние недвосмислено изјавуваме дека ќе го браниме правото на рускиот народ на постоење и слободен развој. Се воведуваат ставови кои задираат во прашањата на заштитата на руските традиционални духовни и морални вредности, градење соработка заснована на единствена духовна и морална одредница, заедничка за сите светски религии. Исто така апсолутно се отфрлаат неоколонијалните практики и секаков вид на хегемонизам.
Од седумте поглавја, кои ќе ги оставиме на експертите, овде би го спомнале поглавјето за регионалната политика на Русија. Се’ почнува со соседството. За Русија се најважни Белорусија, ЗНД и ЕАЕЗ, односите со земјите од регионот на Централна Азија. Целта е формирање во долгорочна перспектива интегрирано економско и политичко пространство во Евроазија. Исто така сеопфатна поддршка на републиките Абхазија и Јужна Осетија и помош во реализација на доброволниот избор на народите на тие две земји во полза на продлабочување на интеграцијата со Русија, врз темелите на меѓународното право. Ќе се работи и на зацврстување на соработката меѓу петте земји од Каспискиот регион.
СЛЕДНАТА КРИЗА ОКОЛУ АРКТИКОТ
Русија ќе се стреми и кон сочувување на мирот и стабилноста, кон зголемувањето на еколошката стабилност, намалување на нивото на национални закани во Арктикот. Русија ќе се труди да обезбеди благопријатни меѓународни услови за социјално – економски развој на Арктичката зона на Руската Федерација, а исто така и за развој на Северниот морски пат, како конкурентна национална транспортна артерија со можност за негово меѓународно користење за остварување превози меѓу Европа и Азија. Ова на Русија нема да и биде лесно со оглед на тоа што САД и други држави не гледаат благопријатно на таквите руски намери. Дотолку повеќе што Русија сака во игра да ја вклучи и Кина, која не е дел од арктичките земји. Некои сметаат дека после Украина, следната криза би била околу Арктикот.
Кина и Индија остануваат како земји со кои Русија ќе се труди уште повеќе да ги зацврсти односите. Со Кина, за “сеопфатното партнерство и стратешката заедничка соработка“ и да се посвети внимание, со приоритет, врз развојот во сите сфери на соработка, заемна помош и зацврстување на координацијата на меѓународната арена во интерес на обезбедување безбедност, стабилност, постојан развој на глобално и регионално ниво, како во Евроазија, така и во други делови од светот. Во соработката со Индија Русија и натаму ќе го зголемува “посебно привилегираното стратешко партнерство“ со цел да се зголеми нивото и да се прошири заедничката соработка во сите сфери, врз основа на заемна полза и ќе се посвети посебно внимание на зголемувањето на обемите на двостраните трговски, инвестициони и технолошки врски, обезбедување стабилност пред деструктивните активности на непријателските држави и нивните сојузи. Русија ќе се стреми кон преобразба на Евроазија во единствено за целиот континент пространство на мир, стабилност, заемна доверба, развој и процут. За таа цел ќе се зацврстува потенцијалот на ШОС, за да се обезбеди безбедноста на Евроазија и помош во нејзиниот развој, водејќи сметка за современите политички реалности. Предвидено е и формирање на широка интеграциска рамка, Големо Евроазиско Партнерство. Која треба да ги обедини потенцијалите на сите држави од Евроазија со потпора врз ЕАЕС, ШОС и АСЕАН...со сите нивни развојни планови и инцијативи. На земјите од овој регион ќе им се понуди користењето на Северниот морски пат, ќе се создаваат развојни зони и економски коридори, а во тие рамки и коридорот „Русија, Монголија, Кина“.
Во поглед на Азиско-итихоокеанскиот регион Концепцијата, меѓу другото, предвидува спротивставување на обидите за поткопување на регионалниот систем создаден околу АСЕАН. А што се однесува до Исламскио свет, Русија ќе се стреми да ја зацврсти сеопфатната соработка почитувајќи ги општествено-политичките уредувања и традиционалните духовно-морални вредности на членките на Организацијата на исламските држави. Почнувајќи од Иран, Сирија, Турција, Саудиска Арабија, Египет и други земји. Русија ќе работи на формирање на стабилна сеопфатна архитектура на регионална безбедност на Блискиот Исток и во Северна Африка и соработка со државите од тој регион и Лигата на арапски држави и Советот за соработка на арапските држави од Персискиот залив. Русија ќе работи врз намалување на противречностите на тие држави и нормализација на односите меѓу нив (пред се Иран и арапските земји, Сирија и нејзините соседи, арапските држави и Израел). Вчера дојде и веста дека Саудиска Арабија ќе ја покани Сирија на наредната средба на Арапската лига. Тоа ќе биде прво сириско учество од 2011 година. Сето ова зборува дека Русија сака да ги истисне САД од регионот. Колку ќе успее не се знае, но дека работите се менуваат на тој план веќе е јасно.
РУСИЈА ВО АФРИКА
Што е однесува до Африка, Русија го поддржува нивниот стремеж кон воспоставување на посправедлив повеќеполарен свет и отстранување на социјалната нееднаквост, која се засилува поради острата неоколонијана политика на редица развиени држави во однос на Африка. Русија има намера да помогне Африка да стане самостоен и влијателен центар на светскиот развој. Таа ќе ги поддржува суверенитетот и независноста на заинтересираните земји од Африка, преку давањето помош во сферата на безбедноста и воена и воено-техничка соработка. Исто така ќе помага во решавањето и надминувањето на последиците од воените конфликти на континентот. Русија не треба да се чуди за односот на Франција кон неа во Украина. Од „мирна“ таа стана „помилитантна“. Причината е токму во политиката на Русија во Африка од каде што се истиснува француското влијание. Макрон врие. Русија, а уште повеќе Кина, ги привлекуваат африканските земји, така што се зборува и за многу намалено влијание и на САД во Африка.
Како што гледаме вниманието на Русија се повеќе е свртено кон земјите од Глобалниот југ. Во поглед на Латинска Америка и Карипскиот базен Русија има намера да соработува на прагматична, неидеолошка, основа од заемна корист. Приоритет ќе биде ставен врз поддршката на земјите кои трпат америански притисок, но и од страна на сојузниците на САД. Целта е да се обезбеди суверенитетот и независноста на тие земји, во тие рамки и преку соработка во сферата на безбедноста, воената и воено-техничката соработка.
Европа во Концецијата е ставена како Европски регион. Ставот е дека мнозинството држави од Европа спроведуваат агресивна политика во однос на Русија насочена кон создавање на безбедносни закани и закани врз суверенитетот на Русија. Тие земји сакаат со тоа да добија еднострана еккномска предност, да ја поткопаат политичката стабилност и да ги еродираат традиционалните руски духовно-морални вредности, создавање пречки за соработка на Русија со сојузниците и партнерите. За да ги заштити своите национални интереси Русија има намера да го намали нивото и да ја неутрализира заканата врз нејзината територијалната целосност, суверенитетот и социјално-економскиот развој, на нејзините сојузници и партнери од страна на непријателските европски држави, НАТО, ЕУ и Советот на Европа. Главен фактор кој што ја усложнува нормализацијата на односите на Русија со државите од Европа е стратешкиот курс на САД и некои нивни сојузници, кои меѓу другото им го ограничуваат суверенитетот на европските држави, обезбедувајќи глобално американско доминирање. Русија засега останува на соработката во рамките на ОБСЕ.
МИРЕН СОЖИВОТ СО САД
И САД не се ставени во посебен регион. Туку САД и другите англосаксонски држави. За Русија, Соединетите Американски Држави имаат комбиниран карактер, земајќи ја предвид улогата на оваа држава како еден од влијателните суверени центри на светскиот развој и во исто време главен инспиратор, организатор и извршител на агресивната антируска политика на колективниот Запад, изворот на главните ризици за безбедноста на Руската Федерација, на меѓународниот мир, избалансираниот, праведниот и прогресивниот развој на човештвото. Руската Федерација е заинтересирана за одржување на стратешки паритет, на мирен соживот со САД и воспоставување на рамнотежа на интересот меѓу Русија и САД, водејќи сметка на нивниот статус на најголеми нуклеарни држави, нивната посебна одговорност за стратешката стабилност и состојбата на меѓународната стабилност во целост. Перспективите за таков модел на руско-американски односи зависат од подготвеноста на САД да се откажат од политиката на силно доминирање и преразгледување на антирускиот курс во полза на заемна соработка со Русија, врз основа на принципите за суверена еднаквост, заемна полза и почитување на обостраните интереси. Што се однесува до другите англосаксонски држави Русија има намера да гради односи во зависност од степенот на нивната подготвеност да се откажат од непријателскиот курс во однос на Русија и да ги почитуваат законските интереси.
Конечно во Концепцијата има место и за војната во Украина, иако не се користи тој збор. Се вели дека САД и нејзините сателити ја сметаат Русија, со нејзината самостојна надворешна политика, за закана за западната хегемонија. Па поаѓајќи од тоа ги „искористиле мерките преземени од страна на Русија за заштита на животно важни интереси во Украина, како предлог за заострување на многугодишната антируска политика и започнаа хибридна војна од нов вид. Таа е насочена кон сестрано ослабување на Русија, вклучувајќи поткопување на нејзината творечка цивилизациска улога, на воените, економските и технолошките можности, ограничување на нејзиниот суверенитет во надворешната и внатрешната политика. Таквиот курс на Западот доби сеопфатен карактер и е зацврстен како доктрина“. Русија вели дека не е непријател на Западот, и дека доколку тој се врати на принципите на суверена еднаквост и почитување на обостраните односи, тогаш таа е подготвена за дијалог врз таа основа. А како одговор на непријателските дејства на нападот Русија има намера да го брани своето право на постоење и опстанок и слободен развој со сите средства со кои располага.
Има уште еден куп работи во Концепцијата. Очигледно е дека и претседателот Путин и министерот Лавров се свесни дека пред Русија навистина стои егзистенцијална закана. Дали за тоа е виновна самата таа или Западот? Зависи кој ќе треба да одговори на ова прашање. Западот едногласно ќе ја обвини Русија. Додека таа го обвинува него. А Глобалниот југ нееднозначен и кон едните и другите. Само едно е факт. Западот конечно ја губи Русија и на дипломатски пат. Таа со својата надворешна политика ќе прави обиди да се зацврстува и политички и економски на исток и на југ. Тоа го покажува и Концепцијата. А како таа ќе се остварува ќе зависи и од епилогот од војната во Украина.
Мирче Адамчевски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.