Добивај вести на Viber
Јосип Броз Тито беше неприкосновениот лидер на СФРЈ од крајот на Втората светска војна, во која го предводеше партизанскиот отпор. Тој управуваше со земјата се до неговата смрт со која се означи почетокот на крајот на Југославија, кој кулминираше со војните во регионот во деведесеттите години.
Неколку стотини граѓани од земјите од поранешната држава денеска се собраа во Куќата на цвеќето во Белград за да му одадат почит на поранешниот претседател на СФРЈ, Јосип Броз Тито.
Тито почина во Клиничкиот центар во Љубљана, а беше погребан четири дена подоцна во Белград. На погребот дојдоа 700.000 луѓе, како и 209 странски делегации од 128 земји во светот.
Тито бил генерален секретар, а подоцна и претседател на Комунистичката партија на Југославија од 1939 до 1980 и ја предводел Југославија во Втората светска војна. На чело на партизанското ослободително движење бил од 1941 до 1945 година. По војната бил премиер на Југославија, а подоцна и претседател на државата. Од 1943 до неговата смрт тој бил одликуван за единствен Маршал на Југославија и врховен командант на југословенската народна армија.
Покрај државничките обврски и лидерски должности во КПЈ и СФРЈ, Тито беше и еден од основачите на Движењето на неврзаните и негов прв генерален секретар.
Веднаш по смртта на Тито, започнуваат шпекулации околу тоа дали неговите наследници би можеле да ја задржат Југославија цела. Етничките поделби и конфликти растат и по една деценија по неговата смрт конечно еруптираат во серија војни.
Тито остана контроверзен лидер, владееше автократски, но имаше значајна улога за земјите на поранешна СФРЈ, според многумина, особено за Македонија, во чие време нашата земја за прв пат добива државност. Оттаму неговиот лик и дело и денеска се почитувани во земјава и покрај многуте контроверзи.
Можеше ли подобро? Секако, велат познавачите, но Тито владеше прилично умешно во време кога светот го тресеше ладната војна, а тој секако успеа својата Југославија да ја одржи на умешен начин надвор од сите судири. По смртта тоа веќе не беше можно.