20 Септември, 2021
0.0305

Интервју со Георгиoс Топсис, комерцијален директор во ОКТА АД - Скопје

Топсис: Програма Гаранција на ОКТА ги подигна стандардите на процесот на проверка на квалитетот и количината на горивата на пазарот

Објавено во: Интервјуа 26 Јули, 2021

Фактор: Речиси шест години ОКТА ја спроведува Програма Гаранција, преку која како компанија воведувате нови повисоки критериуми во обезбедувањето квалитет на горивата кои ги пласирате на домашниот пазар. Дали можете да нѝ кажете која е основната цел и идеја на Програма Гаранција? 

Топсис: ОКТА како главен снабдувач на домашниот пазар со горива и најголем чувар на државните резерви, располага со соодветна инфраструктура, техничка специјализација и развиен систем кој овозможува контрола на горивата во текот на целиот ланец на снабдување. Преку строго дефинирани процедури и протоколи, кои покрај законски утврдените контроли опфаќаат и дополнителни проверки, континуирано го следиме квалитетот на горивата, од рафинеријата каде се произведуваат, па сè до испораката на крајниот потрошувач. Во изминатите шест години, овој уникатен и сеопфатен пристап кој го развивме под знакот на Програма Гаранција, беспрекорно се спроведува издвојувајќи ја ОКТА како компанија која не прави компромис кога станува збор за квалитетот на горивата кои ги пласираме, не само на домашниот, туку и на соседните пазари. ОКТА како лидер во индустријата одлучи да ја имплементира оваа програма, со цел да даде свој придонес во подигнување на свеста на своите потрошувачи и нивна заштита од нелојалната конкуренција. Би сакал да истакнам дека оваа програма се спроведува во повеќето земји каде што е присутна групацијата Хеленик Петролеум и дава одлични резултати.

Фактор: Какви проверки се опфатени со оваа програма? Може ли да нѝ кажете нешто повеќе за тоа? 

Топсис: Накратко објаснето, Програма Гаранција се одвива во пет чекори, со помош на три независни контроли, а целиот процес има една цел – зајакнување на довербата на потрошувачите. Имено, првата контрола на горивото кое го купувате на бензинските станици со брендот ОКТА започнува уште во рафинеријата во Грција, каде се проверува неговиот квалитет во акредитирана лабораторија. По товарењето, независна контролна куќа, поставува пломби на сите цистерни, со цел да се обезбеди горивото додека се превезува до резервоарскиот парк во ОКТА. Во текот на целиот транспорт, движењето на цистерните континуирано се следи со GPS, што претставува втор чекор во процесот на контрола. Третата точка на проверка се спроведува при складирање на горивото во резервоарскиот парк на ОКТА. По пристигнување во инсталацијата на ОКТА, квалитетот на горивото во цистерните повторно се проверува од надворешна независна контролна куќа. Потоа се складира во резервоарите, а неговиот квалитет се испитува во акредитираната лабораторија на ОКТА. Овде треба да се истакне дека доставените примероци за испитување во лабораторијата се секогаш шифрирани, со што се постигнува независност и непристрасност во издавањето на резултатите и Сертификатот за квалитет. 

Четвртиот чекор на контрола се врши пред испораката на горивото од нашиот резервоарски парк до бензинските станици ОКТА. Надворешна независна контролна куќа ја проверува секоја цистерна со која се превезуваат горивата, пред и по товарење, за да се утврди дали во неа има талог, вода или остатоци од друг дериват. По успешно спроведување на оваа контрола, цистерните се пломбираат и добиваат Сертификат за квалитет на натовареното гориво. Последната, петта проверка се изведува директно на бензинските станици ОКТА. Мобилна лабораторија раководена од тим независни контролори, специјално обучени за оваа намена, врши редовна и ненајавена проверка на квалитетот и количината на горивата на целата малопродажна мрежа на ОКТА. Постапката опфаќа волуметарска проверка на автоматите за точење гориво, додека анализите на квалитетот на горивата се вршат директно на бензинските станици, но и во лабораториски услови. По завршување на проверката и потврдата за квалитетот и количината на горивата, на автоматите за полнење гориво се поставува жолтата лента „Проверено”, а секоја бензинска станица што успешно го поминала тестирањето добива соодветен сертификат. 

Имајќи го предвид сето погоре кажано, можеме одговорно да тврдиме дека на бензинските станици ОКТА, нашите потрошувачи секогаш можат да бидат сигурни за секој литар.

Фактор: Програма Гаранција се спроведува веќе подолго време. Како е примена од потрошувачите?

Топсис: Досегашните резултати, добиени со спроведување на повеќе од 4.000 проверки направени директно на автоматите за полнење гориво на бензинските станици, се само уште една потврда за доследниот и стабилен пристап на ОКТА во обезбедувањето квалитет и максимална вредност за своите потрошувачи. Потрошувачите, па и пошироката јавност веќе го препознаваат значењето на жолтата налепница „Проверено“ и се чувствуваат заштитени и сигурни за секој литар, бидејќи програмата им гарантира дека во ОКТА, горивата се проверуваат до последна капка, во сите фази од ланецот на снабдување. Можам гордо да кажам дека сите ние во ОКТА стекнавме целосна доверба и лојалност кај нашите клиенти и потрошувачи. Веруваме дека со повеќегодишната примена на програмата, успеавме да поставиме нови стандарди на пазарот и да придонесеме кон подигање на свеста за квалитетот и количината на горивата, како и за заштитата на потрошувачите.

Фактор: Јавноста неодамна беше сведок на голем скандал со увоз на горива со сомнителен квалитет, што како појава има штетно влијание врз животната средина и врз домашната економија. Колку спроведувањето ваков тип програми може да ги превенира овие негативни појави? 

Топсис: Овој пример е доказ колку е важна контролата на квалитетот на производите што се пласираат на пазарот. Највисок приоритет е јавниот интерес и грижата за заедницата во која сите ние живееме. Методологијата по која се спроведува Програма Гаранција може да послужи како пример за развој на програми, со цел да се подобри и унапреди контролата на квалитетот на горивата кои се пласираат на домашниот пазар. Се разбира, ние во ОКТА сме подготвени да помогнеме со нашата експертиза во оваа област.

Можеби ќе ве интересира

Почина 2-годишно дете, на клиника e донесено изгладнето, дехидрирано и позитивно на коронавирус

Почина 2-годишно дете, на клиника e донесено изгладнето, дехидрирано и позитивно на коронавирус

ЛУЃЕТО ПИЈАТ ЛЕКАРСТВА ЗА „СЕКОЈ СЛУЧАЈ“, А ПОТОА ЛЕКАРИТЕ ИМААТ СЕРИОЗЕН ПРОБЛЕМ ДА ГИ ИЗЛЕЧАТ: Интервју со инфектологот Димзова

ЛУЃЕТО ПИЈАТ ЛЕКАРСТВА ЗА „СЕКОЈ СЛУЧАЈ“, А ПОТОА ЛЕКАРИТЕ ИМААТ СЕРИОЗЕН ПРОБЛЕМ ДА ГИ ИЗЛЕЧАТ: Интервју со инфектологот Димзова