Трагичната приказна на Енвер ќе има среќен крај по објавата на 24 Вести
Објавено во: Македонија 19 Ноември, 2016
Солзите на охриѓанецот Енвер конечно допреа до слухот на надлежните институции. По објавата на сторијата на 24 Вести за човекот кој 20 години живее без струја и вода помош понудија неколкумина хумани граѓани, а после две децени почнаа да се будат и заспаните институции.
Објавата на трагичната приказна за Енвер Јусуфовски од Охрид на ТВ 24 набрзо даде со позитивен исход откако на овој човек кој 20 години живее без струја и вода ќе му биде понудена помош од многу хумани граѓани, а ќе му биде решено и станбеното прашања.
„Во Охрид имa еден слободен стан, а ние ќе ја олесниме процедурата тој да му биде доделен на Енвер“, изјави за 24 Вести директорот нa подрачната единица за станбен и деловен простор од Охрид, Гоце Георгиевски.
За тешкиот живот на Јусуфовски се дебатираше и во емисијата 24 Отворено каде Енвер низ солзи говореше за проблемите со кои се соочува неговото семејство.
Остра критика случајот доби и од професорите и претставниците од граѓанските здруженија. И понатаму сторијата на Енвер ќе биде будно следена се додека неговото семејство не го добие ветениот дом и пристојните услови за живот кои одамна ги заслужуваат.