16 Јули, 2025
0.0281

Трамп - „императорот сонце“!

Објавено во: Колумни 30 Јуни, 2025 07:49

Добивај вести на Viber

Настаните што се случија минатава недела покажаа дека во моментов во голем дел од светот, а посебно во Европа, се’ се врти околу американскиот претседател Доналд Тамп. Како планетите околу сонцето. Францускиот весник Le Figaro  текстот посветен на самитот на Алијансата во Хаг, го озаглави „На самитот на НАТО, Доналд Трамп се однесува империјално пред неговите послушни сојузници“. Никој нема храброст да му се спротивстави, барем јавно. Па дури и рускиот претседател, Владимир Путин зборува со убави зборови за него. Сите си ги гледаат своите интереси.

Во Хаг, јасен победник беше Трамп. Се’ му беше нему подвластено. Од дневниот ред на самитот, преку генералниот секретар на НАТО, Марк Руте и куп европски лидери, па се’ до украинскиот претседател, Владимир Зеленски, кој ја фрли облеката за која велеше дека ќе ја носи се’ до крајот на војната во Украина, и се појави костумосан. Дури и епилогот од самитот исто беше подвластен на Тамп. Тој од Хаг замина со ветување на членките на Алијансата, освен Шпанија, дека до 2035 година ќе ги зголемат трошоците за одбрана до пет проценти од БДП. Токму тоа што пред некој месец го бараше Трамп, „заканувајќи“ се дека во спротивно САД можат да излезат од НАТО. Трамп и се закани на Шпанија дека двојно ќе ја плати несогласноста за зголемување на одвојувањето за одбрана.

Трамп во Хаг ја помести и Украина на подолно место од очекуваното. За него беше поважно да се пофали дека Вашингтон го победил Иран. Дека Техеран по 12 денови конфликт ги прекинал бомбардирањата на Израел. Дека биле целосно разурнати ирански нуклеарни објекти. Ова последново не го потврдија американските специјални служби, па дојде до скандал, во кој Трамп бара бркање од работа на новинарка на CNN, која ја објави таа вест. Трамп ударот по објектот во Фордо го спореди со ударот со атомски бомби врз Хирошима и Нагасаки. И токму тој удар во Фордо ставил крај на конфликтот. Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, го нарече американскиот претседател Доналд Трамп „тато“ кога зборуваше за неговите напори за решавање на конфликтот меѓу Иран и Израел. “Понекогаш тато треба да го повиши гласот“, рече Руте. Изјава која изнасмеа куп народ и зборува за „потпикнувањето“ на генсекот. Претходно Трамп, ден пред самитот го објави личното писмо од Руте до него, во кое генсекот на НАТО небаре го лиже дебелото месо на Трамп. Во Хаг имаше разни коментари. „Луѓето се многу збунети. Да, генерално, самитот беше успешен. Но, потпикнувањето беше очигледно прекумерно“, изјавил еден европски функционер, кој сакал да остане анонимен.

ФИНЕСИТЕ НА ДИПЛОМАТСКИОТ ЈАЗИК

За волја на вистината  Зеленски доби можност да е сретне со Трамп. Но овој се чини не покажал многу интерес кон него. Го нарече симпатично момче“. За испораката на системи за ПВО на Украина, Трамп вели дека тоа е можно, но треба да се види колку се достапни таквите средства. На прашањето за Путин, кого Руте го нарече противник, американскиот претседател не го повтори тој збор. Неговиот одговор беше: „ Слушајте, тој треба да ја прекине војната“. За Украина која беше на централно место на последниот самит на НАТО во Вашингтон, овој пат, во склад со настапот на Американците е укажано во Декларацијата од самитот. „Сојузниците верни на суверените обврски за поддршка на Украина, чија безбедност придонесува за нашата, и при разгледување на одбранбените трошоци ќе се води сметка за директни вложувања во одбраната и одбранбената индустрија на Украина“, се вели во Декларацијата.  За Русија пак има неколку зборови. Дека таа е „ долгорочна закана за евроатлантската безбедност“. Американците не дозволија  ништо повеќе за Русија.

Луѓето кои ги знаат финесите на дипломатскиот јазик, погорниот став за Украина велат, значи, прво, дека зборот „суверени“ нагласува дека сојузниците се слободни да избираат дали ќе ја финансираат или не Украина. И тоа е очигледен сигнал. Трамп смета дека треба да плаќа Европа, а не Америка. Второ, помошта на Киев може да се вкалкулира и во најавените пет проценти, како што сега се прави во Британија. Во Украина сметаат дека на самитот не можел да се види импулсот за прекин на конфликтот. Спротивно, после Декларацијата која ја омекнува критиката на Русија, Кир Стармер продолжува да настојува дека сојузниците се решени „ да постигнат безусловен прекин на огнот“. Тој верува дека Русија, иако им силна позиција, ќе се согласи на безусловни отстапки. Зеленски, пак, не се откажува од стремежот за членство во НАТО, што пак нема никако да биде прифатено од Русија, ниту пак ќе доведе до стабилно примирје.

Ако нешто покажа самитот на НАТО, тоа е дека за Трамп зголемувањето на одбранбените трошоци е поважно од мирот во Украина. Тој одново се заканува со бомбардирање на Иран. Но веројатно ја научил лекцијата од пред десетина дена. Загубите на Израел беа дел од причините за прекин на конфликтот. Иако тоа никој официјално не го кажува. Оттука Трамп ќе има уште работа на Бл  дека ќе има мир за седум дена, а од друга страна Израел немилосрдно продолжува со геноцидот. На Трамп му е јасно дека со Путин и со Зеленски работите одат потешко, дека има проблеми, кои ја усложнуваат ситуацијата. Па во Конгресот во Вашингтон се подготвуваат решенија за нови санкции кон Русија, кои предвидуваат царини од 500 проценти за земји кои се партнери со Русија, а не ја помагаат Украина. Ова е и притисок врз Трамп. Иако, експерти сметаат дека таквото решение ќе биде погубно и за самите САД. Затоа што меѓу таквите партнери на Русија се Кина, Индија,Турција...Трамп едвај пред некој ден постигна општо прифатлив договор за царините со Кина,а се подготвува за таков чекор и со Индија. Нов удар врз американската економија сигурно не е пожелен.

ВОЈНАТА Е СКАПА РАБОТА

Иако самитот заврши, како што заврши, со сите маани и потпикнувања се чини дека Трамп се’ уште не сака да крене раце од украинскиот конфликт. Тој претположи дека може повторно да разговара со Путин за ставање крај на војната во Украина. Деновиве турскиот министер за надворешни работи, Хакан Фидан, кој ја подотвува третата рунда од руско-украинските преговори, изјави дека Трамп е подготвен да дојде на преговори доколку Путин се согласи со тоа. Дека нешто се случува на релација Москва – Вашингтон, потврдуваат и последните изјави на Владимир Путин дадени на крајот од самитот на Евроазискиот економски совет во Минск.

Зборувајќи за меморандумите за мир на Русија и на Украина тој рече дека се сосема спротивни, но тоа не е пропаст. Може за нив да се разговара. Што значи дека третата рунда преговори е пред започнување. И најверојатно во Истанбул. За вооружувањето на Западот, НАТО, тој вели “оставете ги нека се вооружуваат“. Путин соопшти дека војната ја чини Русија 6,3 отсто од БДП и смета дека тоа се многу пари и е проблем за рускиот буџет. За изјавите од Западот дека Русија ќе биде стратешки поразена и ќе се распаѓа, Путин прашува, „тогаш, зошто велат дека сакаме да го нападнеме НАТО?“. Тој вели дека Русија троши трилиони рубљи за поддршка на рускиот воено индустриски комплекс, а „тие(Западот)своите пет проценти ќе ги трошат за купување во САД и поддршка на нивниот воен комплекс“. Според него Русија планира намалување на трошоците за одбрана!

Ова последново како навестува дека или Русија нема пари да продолжи да војува или пак дека на повидок е некакво мировно решение. На новинарско прашање дали не е време тој да се сретне со Трамп, Путин го испофали американскиот претседател, рече дека го почитува, дека Трамп поминал низ многу тежок, сложен и опасен пат кон враќањето во власта и во Белата куќа. Па дека е храбар човек, кој преживеал неколку обиди за атентат. Па дека ги цени напорите на Трамп за мир на Блискиот исток, за искрениот стремеж за мир во Украина и почитта кон Русија. Но патот кон мирот е посложен. Дека реалноста е посложена, отколку претставата за неа.  И тука, Путин додава дека е подготвен за средби, како и Трамп, дека таквите средби треба да се подготват и како резултат од нив да се искачи на ново ниво на соработка. Благодарејќи на Трамп, вели Путин,  односите меѓу Русија и САД почнуваат во нешто да се нивелираат. Во прв ред дипломатските односи, а постојат и добри перспективи во економската соработка, враќањето на американскиот бизнис во Русија...Но сето тоа треба доследно да се подготви. Средбата е можна и Русија со задоволство ќе ја подготвува. Коментарите на ваквите изјави се дека Путин досега имал куп средби со американски претседатели, но за никој не спомнал „со задоволство“. Што навистина навестува средба меѓу двајцата претседатели.

После самитот на НАТО, Украина беше спомената и од европски политичари. Тие сега не спомнуваат „војна до пораз на Русија“ или „војна до уништување на Русија“. Сите, или повеќето зборуваат за прекин на огнот, за тоа дека војната „не може да се реши по воен пат“, дека Путин ги влечка работите. Францускиот претседател, Емануел Макрон, пак, вели дека САД се тие кои се„должни да ја прекинат војната“, користејќи го „авторитетот  од дејствата против Иран“, а Европа “треба да ја одигра својата улога во рамките на Коалицијата на согласните, за долгорочно да ја поддржува Украина, да ја обнови нејзината армија и да распореди сили за поддршка“. Притоа тој изјави дека Европа треба „веќе сега да размислува“, како да води дијалог со Русија за ограничување на вооружувањето и воспоставувањето доверба!.

Во завршување на овој текст, треба да потсетиме на една изјава на Путин, дадена пред неколку месеци, а која тогаш ја спомнавме. „Ве уверувам дека Трамп брзо ќе постави ред и поредок во Европа. Истите тие – ќе видите, дека тоа ќе биде брзо, речиси сите, ќе застанат до нозете на газдата и нежно ќе мавтаа со опавчињата“. Се’ ќе си дојде на свое место“, изјави Путин. Еве поминаа неколку месеци од тогаш и тоа се оствари. Путин тогаш во едно интервју рече дека „Тие(европските лидери) со задоволство ја исполнуваа секоја наредба од Вашингтон за времето на Џо Бајден, а сега со задоволство  ќе се потчинуваат на наредбите на новиот газда“. И така бидна. „Тато“ замина дома среќен, но за да му се угоди, некој ќе треба да плати. „Тато“ веќе го брендираше упикувањето на Руте и произведе маици со сопствениот лик и натпис „Dady“. Бизнис си е бизнис. Неделив од политиката.

А процентот за одбрана? Тоа е како „не умри коњу до зелена трева“. Треба да се достигне до 2035 година. Со преиспитување во 2029 година. Доналд Трамп ќе биде претседател до 20 јануари 2029 година. Ќе престане вртењето околу „императорот сонце“. А потоа ќе се дише полесно.  До тогаш се’ може да се случи. Не сите во НАТО можат да ги исполнат обврските. Па може да дојде и до откажување од сегашните пет проценти одвојување за одбраната.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Влатко Сулев: Руралниот туризам нуди автентичност. Треба да креираме туристички мапи

Влатко Сулев: Руралниот туризам нуди автентичност. Треба да креираме туристички мапи

„Војната на Бајден“ станува „војна на Трамп“?

„Војната на Бајден“ станува „војна на Трамп“?

Што точно значи терминот „Фармакоекономија“ и зошто е важна за Македонското здравство?

Што точно значи терминот „Фармакоекономија“ и зошто е важна за Македонското здравство?

СМЕЛОСТА НА НАДЕЖТА: ЕДНА НОВА, ПОАМБИЦИОЗНА МАКЕДОНИЈА

СМЕЛОСТА НА НАДЕЖТА: ЕДНА НОВА, ПОАМБИЦИОЗНА МАКЕДОНИЈА

Доаѓањето на Трамп на власт го подотвори „прозорецот за можности“ за Русија на Балканот

Доаѓањето на Трамп на власт го подотвори „прозорецот за можности“ за Русија на Балканот